Кога се зборува за зрачната моќност на антените, треба да се знае дека се работи за моќност која се распределува во просторот - многу мал дел од таа моќност може да апсорбира човек кој е на вообичаено растојание од антената бидејќи моќноста на зрачењето бргу се намалува со зголемувањето на растојанието од антената
Стравот од 5Г не е ништо ново. Стравот од безжичните технологии постои откако е воведена технологијата. Но, наместо страв, потребно е да се согледа проблемот и да се предвидат мерки за безбедност на ниво на држава, вложување во науката, соодветни прописи и мерки за нивно спроведување, вели за Факултети.мк
проф. д-р Леонид Грчев, редовен член на Македонската академија на науките и уметностите.
По бурните реакции во јавноста на терминот 5Г, масовни споделувања на снимки од пцовисани птици и теории дека антените и базните станици ќе имаат стравотни последици врз луѓето, им отстапуваме простор на научниците да објаснат што велат фактите и науката.
Проф. д-р Леонид Грчев
Еден од главните научни придонеси на академик Грчев е развојот на досега најточниот дел за анализа на транзиентно електромагнетно однесување на комплексни системи во слоевити електрично-спроводни средини. Во светската научна заедница тој денес е прифатен како основоположник на нова методологија и е еден од лидерите во областа. Академик Грчев е професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии (
ФЕИТ) при УКИМ во Скопје, во пензија. Бил долгогодишен раководител на Центарот за електромагнетна компатибилност при ФЕИТ, гостин-професор на врвни универзитети во Германија, Холандија и во Швајцарија. Тој е
Fellow на
IEEE (најголемо инженерско здружение во светот), а највисокото признание го добил за исклучителен придонес во областа на електромагнетна компатибилност. Член е на многу работни групи и комитети за меѓународни прописи во областа на електромагнетна компатибилност.
5Г-технологија сè уште не почнала да се користи во Македонија, а многумина ја доживуваат како најголемо зло. Каде ја наоѓате основата на овој страв?
- Историјата покажува дека воведувањето нови технологии често било следено со страв. Луѓето се плашеле од првите автомобили; се плашеле од наизменичната струја. Постоел страв дека електричното осветлување го оштетува видот и го уништува здравиот сон. Животот во денешните општества е заснован на овие и на безброј други технологии што се воведени во последните стотина години. Притоа, основниот принцип на проектирање на уредите што ги применуваат технологиите е нивната безбедност и сигурност. Науката е посветена на овој проблем и истражувањето на безбедноста на технологиите никогаш не прекинува. Постојано има нови сознанија и нови истражувања со цел да се открие можната штетност или опасност од која било од технологиите. Можноста опасноста од некои технологии да се открие дури по долгогодишна експлоатација врз основа на нови сознанија (како што е примерот со канцерогеноста на азбестот во градежништвото) е дополнителен извор на страв.
Фото: Pxhere.com
Во врска со 5Г-технологијата треба да се знае дека 5Г не е нова технологија. Тоа е петта генерација (5Г) на технологијата на мобилни безжични телекомуникациски мрежи кои се присутни во нашата околина веќе дваесетина години. 5Г е само име за една фаза во развојот кој ќе продолжи и понатаму; најавена е шеста генерација (6Г) и така натаму. Стравот од 5Г не е ништо ново, стравот од безжичните технологии постои откако е воведена технологијата. Но наместо страв, потребно е да се согледа проблемот и да се предвидат мерки за безбедност. Тоа претпоставува повеќестрана активност на ниво на државата, што вклучува вложување во науката (за учество, следење и интерпретирање на новите научни сознанија), соодветни прописи и мерки за спроведување на прописите.
Живееме во време на дигитална технологија. Кои сè уреди од секојдневниот живот (кои се во нашите домови) емитуваат некакво зрачење?
- Многубројни се уредите што во нашата животна и работна средина се извор на електромагнетно поле и бранови. Почнувајќи од ниски фреквенции, тоа се сите водови и уреди приклучени на дистрибутивната електрична мрежа, потоа на повисоки фреквенции, радиото, GPS, Wi-Fi рутерите, Bluetooth, мобилните технологии 3Г и 4Г, индукциските шпорети, микробрановите печки, безжичната контрола на уреди и др. Но, битно е да се сфати дека тоа е само еден дел на електромагнетните бранови, како од природни така и од извори создадени од човекот, кои се денес нераздвоен дел на околината во која живееме. Сонцето е примарен извор на електромагнетните бранови со кои Земјата е постојано бомбардирана. Најголем дел од енергијата на тие електромагнетни бранови е апсорбиран во атмосферата, но дел доаѓа до нас, најмногу во вид на видливата светлост. Електромагнетните бранови може да се набљудуваат според нивната фреквенција во спектарот. Радио- и микробрановите го опфаќаат спектарот до 300 GHz, инфрацрвените бранови се со повисоки фреквенции, а со уште повисоки фреквенции се видливата светлост, ултравиолетовите, икс и гама-зраците. Како се зголемува фреквенцијата, така се зголемува и енергијата што ја носат брановите.
Фото: Flickr.com
Ултравиолетовите бранови и оние со повисоки фреквенции, кои имаат доволно енергија да предизвикаат промена во молекуларните врски со влијание врз електроните, се нарекуваат јонизирачко зрачење. Таквото зрачење може директно да доведе до промени кои дури можат да предизвикаат канцер. Брановите со пониска фреквенција, како радио- и микробрановите (каде што спаѓа и зрачењето на 5Г-технологијата), спаѓаат во делот на спектарот на нејонизирачко зрачење со помала енергија од онаа што може да предизвика промена на состојбата на електроните. Нивната енергија може да биде апсорбирана и трансформирана во топлина. Овој ефект се користи во микробрановите печки. Загревањето зависи од интензитетот на зрачење, а сите прописи се такви што нивоата на зрачење од уредите на мобилните мрежи се далеку под опасното термичко дејство. Тоа значи дека технологијата на мобилните мрежи не може да доведе до опасно или штетно влијание ниту со јонизација ниту со интензивно загревање. Но, сето ова не е доволно за да се заклучи дека таа технологија е безопасна. Знаењето на светската наука е со празнини, особено за биолошкиот одѕив на долготрајното зрачење со ниско ниво. Затоа се потребни интензивни истражувања, за кои би било добро да има поголема поддршка.
За споредба, колкава би била зрачната моќност на базна станица за 5Г (оддалечена од еден човек), а колкава на неговиот паметен уред (смартфон) на кој разговара во моментот?
- Луѓето во нормални околности се секогаш оддалечени од антените на базните станици. Можно е зрачењето во непосредна близина на антените да го надмине дозволеното ниво, но околу антените има забранета зона од неколку метри. Кога се зборува за зрачната моќност на антените, треба да се знае дека се работи за моќност која се распределува во просторот. Многу мал дел од таа моќност може да апсорбира човек кој е на вообичаено растојание од антената, бидејќи моќноста на зрачењето бргу се намалува со зголемувањето на растојанието од антената. Моќноста која човек ја апсорбира од зрачењето на антената на мобилниот телефон, кој е блиску до човекот, може да е илјадници пати поголема од онаа што ја прима од антената од базната станица.
Фото: Pixabay.com
Уредите на 5Г ќе бидат со пониска зрачна моќност, а моќноста на оние на повисока фреквенција ќе се смалува побргу со растојанието, бидејќи со фреквенцијата расте и нивната апсорпција од атмосферата и предметите во околината.
Какви фреквенции користат 3Г и 4Г-мрежите, и по што се различни фреквенциите што ќе ги користи 5Г-технологија?
- Актуелната примена на 5Г ќе користи фреквенции пониски од 6 GHz, што е слично со фреквенциите кои со години ги користат уредите на 2Г, 3Г, 4Г, Wi-Fi и Bluetooth. Се предвидува користење на опсезите на 30 GHz и 60 GHz, но и тоа не е нешто ново. Новиот стандард за Wi-Fi рутерите, кои се во нашите соби, применува 60 GHz. Некои од полициските радари за определување на брзината на возилата работат на 30 GHz.
Кои се светските нормативи за максималната изложеност на зрачење од радиобранови? Дали во Македонија се почитуваат?
- Постојат меѓународни препораки за максималната изложеност на нејонизирачко зрачење, но максимално дозволените нивоа се определуваат со национални прописи. За жал, Македонија е единствена земја во Европа што нема свој закон за заштита од нејонизирачко зрачење и оваа област кај нас не е соодветно регулирана.
Графички дизајн: Кети Пренда
Меѓународните препораки го определуваат дозволеното ниво на зрачење врз основа на термичкиот ефект. Врз основа на граничното ниво кое не предизвикува термичко оштетување, поради претпазливост, се усвојува пониско ниво (на пример, со фактор на редукција десет) и тоа се препорачува. Но, некои држави следејќи го принципот на претпазливо одбегнување, во ситуација кога светската наука се сомнева, но нема сознанија за други можни штетни влијанија, дозволеното ниво го спуштаат за уште стотина пати во близина на детски игралишта, градинки, школи и болници. Тоа би можеле да го направиме и во Македонија, но треба конечно да донесеме закон, по дваесет години откако сите држави во Европа донесоа свои закони.
На колкаво зрачење од радиобранови треба константно да се изложени луѓето за да имаат последици врз здравјето?
- Граничните високи нивоа на нејонизирачко зрачење на кои луѓето можат да бидат изложени, а да немаат последици врз здравјето поради термичкиот ефект се познати во меѓународните препораки. Она со што светската наука се занимава во последните триесет години се можните последици врз здравјето поради долготрајна изложеност на зрачење со ниско ниво предизвикани од други засега непознати ефекти. Во овој период се објавени приближно 25.000 статии во ценети списанија во областа на биолошките ефекти и медицинската примена на нејонизирачкото зрачење со опис на резултати од научни студии. Заклучокот донесен врз основа на проучување на оваа научна литература е дека според денешните сознанија, нема цврст доказ за какви било неповолни последици врз здравјето од нејонизирачкото зрачење на ниски нивоа. Но, постојат празнини во знаењето за биолошките ефекти, па општ заклучок е дека истражувањата мора да продолжат. Особено се важни истражувањата за можната врска помеѓу нејонизирачкото зрачење и појавата на канцер. Еден од основните научни принципи е дека тест-резултатите мора да бидат повторливи. Бидејќи во споменатите истражувања има студии кои доведуваат до контрадикторни резултати, не може да се извлече заклучок, но сомневањето останува. Поради тоа, ИАРЦ, агенцијата за канцер на Светската здравствена организација, го класифицира радио- и микробрановото зрачење како можен канцероген. Тоа е најслаба категорија, во која до скоро беше кафето, но тоа укажува на потреба од претпазливост и интензивни понатамошни истражувања.
Фото: Piqsels.com
Ако 5Г е штетна, зошто Германија и многу други технолошки напредни земји толку вложуваат во новата технологија?
- Денес над 5 милијарди луѓе ја користат технологијата на мобилни мрежи, која е во масовна употреба веќе дваесетина години. Нема цврст научен доказ дека радио- и микробрановите на ниски нивоа, вклучувајќи ги оние на 5Г, се штетни. Но, бидејќи знаењето во овие области има празнини, препорачлива е претпазливост и потребни се понатамошни истражувања. Тврдењата за штетност на 5Г произлегуваат од дезинформации и погрешни интерпретации на научни резултати од страна на некои „научници“. Науката не се засновува на мислења на поединци, ниту на еднострани резултати на некои студии, туку на консензус во научната заедница и врз повторливи резултати од повеќе студии. Германија и други технолошки напредни земји вложуваат во 5Г (понатаму во 6Г итн.) затоа што оваа технологија има потенцијал да овозможи нови примени, индустрии и бизнис-модели. 5Г ќе стане основа на инфраструктурата на новопланираните напредни технологии, на пример: електронското здравство, автономните возила, паметните градови, паметните домови, интернетот на нештата и др. Меѓу другото, бидејќи уредите на 5Г ќе овозможат поголеми брзини на пренос на информации со употреба на помала енергија, нивната зрачна моќност ќе биде помала од уредите што сега ги употребуваме.