Комбинацијата од медитација и вежбање го намалува стресот, покажува научно истражување

Комбинацијата од медитација и вежбање го намалува стресот, покажува научно истражување

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Познато е дека работата на здравствените работници доаѓа со стрес. Тоа е особено точно во текот на пандемијата на коронавирусот во која се наоѓа светот во моментов. Студентите по медицина треба да се подготвуваат за ова уште за време на студирањето. Едно ново истражување од медицинскиот факултет „Ратџерс Роберт Вуд Џонсон“ може да биде од помош.


Фото: Pixabay

Истражувањето се фокусирало на ефикасноста на техниките за намалување на стресот кај студентите по медицина. Истражувачите откриле дека комбинацијата од медитација и аеробик го намалува стресот и го подобрува квалитетот на животот за студентите по медицина.

Истражувањето траело повеќе од осум недели, а во него учествувале студенти од прва и втора година. Било откриено дека студентите што имале тренинг двапати неделно, кој се состоел од 30 минути медитација и 30 минути аеробик, биле под значително помал стрес и имале помалку депресивни мисли во споредба со студентите што не учествувале во тренингот.


Фото: Pixabay

Најинтересно е откритието дека оние студенти што вежбале изјавиле дека тренингот им го подобрил квалитетот на живот и 84% од нив би им го препорачале тренингот на идните пациенти за да го намалат стресот и да го подобрат здравјето.

Извор: eurekalert.org