Местото што Кинезите сакаат да го посетат во 2020 година е... Вухан

Местото што Кинезите сакаат да го посетат во 2020 година е... Вухан

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Ова можеби е еден од најнеочекуваните пресврти во ова време на пандемија на новиот коронавирус, но Вухан бил именуван како број еден дестинација што Кинезите сакаат да ја посетат откако ќе заврши кризата. Студијата за трендовите и желбите за патување за време на епидемијата на Ковид-19 била заеднички направена од страна на Центарот за истражување на туризмот при Кинеската академија за социјални науки и Истражувачкиот центар за култура и туризам на Тенсент.

Резултатите, објавени на 28 април, се базирани на 15.163 прашалници, големи количини податоци од повеќе од 20 милиони статуси на социјални мрежи и форуми, како и десетина интервјуа.

Најпосакуваните дестинации

Вухан го презел првото место од Пекинг како најатрактивна дестинација за Кинезите по завршување на епидемијата.

Градот, кој е поврзан со почетокот на епидемијата на вирусот, според податоците собрани меѓу декември 2019 и јануари 2020 година, бил на осмото место. Второто место оригинално го заземал Чунгкинг.

Хаштагот „武汉成为疫情后网民最想去旅游的城市“, што се преведува како „Вухан станува број еден град кој нетизените сакаат да го посетат по епидемијата, стана еден од најжешките трендови на „Веибо“, со 25.000 дискусии и 270 милиони прегледи на темата.

- Мислам дека вистинската причина зошто нетизените би сакале да го посетат Вухан е да го видат градот кој ги искусил историските моменти. Ситуацијата со епидемијата го врежа Вухан во нашите умови - напишал еден корисник.

Провинцијата Хубеј, каде што се наоѓа Вухан, стана втората дестинација на листата со најпосакувани, веднаш по провинцијата Пекинг. Пред епидемијата, таа дестинација не беше ни во првите 10.

Како коронавирусот влијае врз патувањата на Кинезите?

Меѓународно, Тајланд е дестинацијата што Кинезите сакаат да ја посетат во 2020 година, а на второто и третото место се најдоа Русија и Јапонија.

САД, кои беа на врвот на листата, по избивањето на епидемијата испаднаа од првите десет.

Пандемијата имаше влијание врз некои однесувања и планови во однос на патувањата.

Меѓу патниците со деца има 30-44 отсто помала веројатност да сакаат да патуваат со фамилијата во 2020 година во споредба со минатата година.

Околу една третина од испитаниците рекле дека повторно би патувале по три или шест месеци по поминувањето на кризата.

Во студијата е наведено и дека се очекува кинеските туристи да потрошат 813 долари на патувања во 2020 година, што е 103 долари повеќе од лани.

Извор: CNN
Насловна фотографија: Wikipedia