„Патувачки балон“ помеѓу Нов Зеланд и Австралија - модел за идни патувања
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Веројатно ќе помине некое време пред туристите повторно да почнат да патуваат низ светот. Можеби ќе се патува само во одредени и одобрени области. Австралиските и новозеландските политичари дискутираат за можноста меѓусебно да ги отворат границите и да создадат патнички коридор или „патувачки балон“ меѓу двете нации.
И двете земји во март целосно ги затворија своите граници, што претставува огромен удар за нивните туристички индустрии. Но, со оглед на тоа што и двете земји успешно ја контролираа пандемијата, политичарите сега зборуваат за тоа кога би можеле да ги отворат границите.
- Ако постои некоја земја со која ќе можеме повторно да се поврземе, несомнено тоа е Нов Зеланд - изјави австралискиот премиер Скот Морисон.
Не е јасно кога овој „балон“ би можел да стане реалност - во моментов и двете држави сè уште имаат домашни ограничувања за патувања. Патничките експерти велат дека во август балонот веројатно ќе почне да се користи.
Посебен однос
Постојат неколку причини поради кои Нов Зеланд и Австралија се прв избор меѓу себе. Иако двете земји ги разделува 2.000 километри море, имаат еден од најблиските билатерални односи во светот. Австралиските државјани можат без виза да патуваат и да работат во Нов Зеланд и обратно.
Овие две земји во голема мера меѓусебно придонесуваат за туристичките индустрии. Околу 40 отсто од сите странски посетители во Нов Зеланд се од Австралија. Ова е особено значајно за Нов Зеланд, каде што туризмот е најголемата извозна индустрија во земјата (се смета за извозна индустрија затоа што вклучува странска валута што се користи за купување стоки и услуги во Нов Зеланд).
Од друга страна, Новозеланѓаните сочинуваат 15 отсто од сите странски туристи во Австралија, а нивниот удел во туристичката потрошувачка е околу 6 отсто. Туризмот ѝ носи на Австралија милијарди иако е четврта најголема извозна индустрија.
Фото: Pixabay
Како ќе функционираат работите?
Едно нешто треба да се има предвид: Австралија е составена од држави и територии, а некои од нив во моментот имаат дополнителни мерки за карантин.
Крис Робертс, главен извршен директор на „Туризм индустри Аотеароа“ што ја претставува туристичката индустрија во Нов Зеланд, предвидува иднина во која туристите на аеродром ќе се тестираат за Ковид-19 и може да се качат на авион само ако имаат негативен резултат. Откако ќе стигнат на нивната дестинација, може да им се мери температура. Освен тоа, на патниците може да им бидат побарани дополнителни податоци и информации за лесно да се следат, доколку е потребно.
Со ова се согласува и извршниот директор на австралискиот совет за туристичка индустрија. Но, и Робертс и Веставеј сметаат дека овој „балон“ би функционирал само доколку се отстрани мерката за 14-дневен карантин.
Откако овој балон ќе биде тестиран, Нов Зеланд би можел да почне со вклучување и на други територии во балонот - можеби Тајван и Хонг Конг.
- Мислам дека тоа ќе биде земја по земја. Генералното отворање на границите би можело да се случи многу подоцна - вели Веставеј.
Дали балонот би можел да биде поголем?
Се дискутира и за можноста балонот да се прошири на пацифичките острови. Од здравствена перспектива, се чини дека пацифичките островски главно ја избегнаа пандемијата. Фиџи засега е најтешко погодена пацифичка островска нација, но има само 18 случаи на коронавирус и ниту еден починат. Гуам има 140 случаи и 5 мртви, но станува збор за американска територија, а не нација. Многу пацифички острови брзо ги затворија своите граници за да се заштитат од можното ширење на заразата, но пандемијата силно го погоди туризмот на пацифичките острови.
Новозеландската премиерка
Џасинда Ардерн повика на внимание околу вклучувањето на споменатите островски нации.
- Нашите пацифички соседи главно останаа поштедени од Ковид-19 и последно нешто што би сакале е да ја загрозиме таа состојба - рече таа.
Но, вклучувањето на барем некои пацифички острови во австралискиот и новозеландскиот патнички балон би им помогнало на нивниот туризам, смета Стивен Хоус, директор на Центарот за развојна политика на австралискиот национален Универзитет во Канбера.
Дали ова е иднината на патувањата низ светот?
Робертс и Веставеј сметаат дека патничкиот коридор помеѓу Австралија и Нов Зеланд би можел да стане модел за останатиот дел од светот. Како и другите земји во светот, и Нов Зеланд и Австралија ќе треба да бидат внимателни да не се движат брзо и да не создадат втор бран на Ковид-19.
Брзото движење може да го загрози нивниот имиџ кај меѓународните туристи, кои ги сметаат земјите како чисти, доверливи места.
- Ако се разработат деталите помеѓу Нов Зеланд и Австралија, тогаш тие можат да се применат и на други места. Сега вниманието е насочено кон овој дел од светот поради очигледниот успех на Нов Зеланд и Австралија во контролирањето на вирусот. Сигурен сум дека остатокот од светот ќе биде заинтересиран за тоа како ќе функционира балонот - вели Робертс.
Фото: Pixabay