Како се учи во билингвална паралелка, раскажува Дарија Mаневска од „Корчагин“
Билингвалната настава претставува настава на два јазика: настава на мајчин јазик и настава на друг јазик кој може да биде друг јазик во земјата или некој од европските јазици. А Дарија Mаневска е една од учениците што се дел од билингвална паралелка. Вели дека е вистински предизвик да се биде дел од ваква паралелка и отвора многу можности и перспективи
Дарија Mаневска е четврта година во гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“ и е една од учениците што следат настава на два јазика, односно таа е дел од билингвална паралелка.
Себеси се опишува како креативна ученичка, пред сè, и вредна.
- За овој вид паралелка дознав од мојата братучетка, а се запишав поради тоа што ми кажаа дека оваа паралелка учествува во голем број проекти и активности и надвор од наставата. Главниот мотив ми беше токму тоа - вели Дарија.
Билингвалните паралелки носат повеќе предности, како унапредување на способностите за говорење, пишување и комуникација, учениците се активни учесници во наставата, имаат самостојно истражување, унапредување на способноста за тимска работа, почитување на мултикултуралноста, развивање на толеранцијата, почитување на разликите.
Добра основа за факултет
- Според моето искуство, не е тешко да се следи настава на два јазика, но е голем предизвик. Тешкотиите се на самиот почеток, додека да се привикнете на средината, а потоа се си доаѓа само. Разликата помеѓу оваа паралелка и обичните паралелки е во тоа што подетално се изучува самиот јазик и се учат поголем број поими по сите предмети на француски јазик, затоа што јас сум дел од билингвална француска паралелка. Чувството е подобро во оваа паралелка бидејќи покрај настава, станувате дел и од забавата на „Корчагин“. Тоа што се нуди повеќе овде е самиот кадар на професори, кои се едни од најдобрите во околината - споделува Дарија.
Билингвалната настава претставува настава на два јазика: настава на мајчин јазик и настава на друг јазик кој може да биде друг јазик во земјата или некој од европските јазици. Тоа подразбира не само изучување на другиот јазик во земјата или странскиот јазик како предмет, туку и користење на јазикот во една или повеќе нејазични дисциплини, односно предмети.
Неделно 5 часа француски јазик
- Имаме вкупно 5 часа француски јазик неделно, додека другите класови имаат по 2-3 часа неделно. Не се зборува цело време на француски, секако, бидејќи треба да се објаснат поимите што се изучуваат на француски. Се разбира, и математика и сите други предмети, и навистина не е тешко затоа што во голем дел од предметите само насловот на лекцијата е новиот поим споменат и на француски, а другиот дел од наставата е на македонски. Најтежок дел мене ми претставува моментот кога ќе ни бидат дадени премногу обврски одеднаш, но со тоа ни даваат одлична основа за континуирано учење и труд за постигнување успех. Ова е одлична основа и за факултет понатаму - потенцира Дарија.
Се одлучила за билингвална француска паралелка поради нејзината голема љубов кон Франција.
- Мојата љубов кон Франција и францускиот јазик е огромна и оваа паралелка несомнено би им ја препорачала на сите идни генерации што се љубители на истото. Ако сакате да соберете искуство и да се стекнете со знаење, и да бидете дел од разноразни проекти и забава, вашето место е тука, во билингвалната паралелка на „Корчагин“. „Корчагин“ ве очекува - додава Дарија.
Како одлична ученичка, вели дека сите предмети имаат своја убавина. И сѐ уште е во дилема за изборот на факултетот. Се двоуми меѓу хемија и менаџмент.
Посебен сертификат од Амбасадата на Франција
Билингвалната настава може да биде интегрирана во предучилишното образование, во основното, средното образование, како и на факултетите.
Билингвалните француски паралелки почнаа со работа со поддршка и во соработка со Министерството за образование и наука, француската амбасада и Францускиот културен центар во Скопје. Францускиот јазик се учи како прв странски јазик (со четири часа неделно) и еден час неделно со лектор од Франција.
Дел од наставните предмети: математика, физика, хемија, информатика, историја, географија, се изведуваат на француски јазик, со постепено наголемување на бројот на часовите на француски јазик во текот на секоја наставна година.
Првата паралелка со билингвалната настава на француски јазик во Република Северна Македонија е воведена во учебната 1997/1998 во гимназијата „Свети Кирил и Методиј“ во Неготино, а помеѓу 2000 и 2009 година се отворија и во гимназиите „Орце Николов“, „Раде Јовчевски-Корчагин“ и „Лазар Танев“ во Скопје, „Годе Делчев“ во Куманово и „Јосип Броз Тито“ во Битола.
На крајот од средното образование учениците имаат можност да се здобијат со посебен сертификат од Амбасадата на Франција/Францускиот институт во Скопје за завршена билингвална настава, кој воедно го олеснува пристапот до француските универзитети и е одличен начин на отворање кон Европа.
Сите овие училишта имаат соработка со француски гимназии со кои работат на заеднички педагошки проекти кои ги презентираат во рамките на училишните размени. При овие размени учениците имаат можност за директна примена и унапредување на познавањето на францускиот јазик и нивните комуникациски вештини, како и запознавање со француска култура.