Матурантите ќе слават матура на своја одговорност
Подготвил:
Антонија Поповска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Трета година по ред, официјално, матурските прослави се забранети поради пандемијата, но разлабавените мерки ги поттикнаа учениците да се самоорганизираат бидејќи училишните раководства не смеат да организираат собири
Учениците што завршуваат средно ќе слават матура, но на своја иницијатива и организација, велат директорите на училиштата со кои поразговаравме. Трета година по ред официјално прославите се забранети поради пандемијата, но разлабавените мерки ги поттикнаа учениците да се самоорганизираат бидејќи училишните раководства не смеат да организираат собири.
Силвана Кржовска, директорката на гимназијата „Јосип Броз Тито“, вели дека на родителските средби ги известија родителите дека прослава организирана од училиштето нема да има.
- Ние имавме родителски средби, кажано е дека целата организација е на нивна одговорност, дека ние како училиште немаме право да организираме. Професорите се писмено известени дека училиштето не е организатор и дека ако некој од нив оди на прослава организирана од децата, тоа ќе биде на негова одговорност. Годинава имаме 400 матуранти. Ќе слават во хотел „Парк“ - вели Кржовска.
Директорката на средното стручно училиште „Димитар Влахов“, Јасмина Гудоманова, исто така вели дека учениците самоиницијативно се организираат, но зад таа организација не стои училиштето.
- Известени се и колегите дека децата сами се организираат. Ги известивме и родителите, организиравме матурска родителска средба на која тие беа известени дека организацијата е самоиницијативна, дека нема да има присуство на наставници. Што се однесува до стандардното - учениците ќе имаат табло, се сликаа, тоа си е тековно организирано. Секој сам одеше во определен термин и се фотографираше - вели Гудоманова.
И Димитар Ѓорѓиев, директор на училиштето „Михајло Пупин“, вели дека училиштето не организира матурска прослава во ресторан.
- Училиштето нема законска основа да организира ваков собир. Учениците можат да се организираат само со родителите, а професори може да одат како гости. Лани воопшто немаше прослава. Годинава е вака, имавме состанок со Одборот на родители, се оградивме дека одговорноста не е наша во случај нешто да се случи. По протокол е така, школото не смее да организира. Децата ќе си имаат матурско табло, слики, алманах. Но за прослава, имам изјава од секој родител дека на своја рака се организираат децата. Тие се полнолетни, но родителите мора да се запознаени што прават - вели Ѓорѓиев.
Минатата година, како и во 2020 г., матура не се славеше по кафеани поради пандемијата на ковид-19. Официјално, како што последно соопштија од Министерството за образование и наука, во услови кога трае пандемијата и во сила се многу протоколи кои ги ограничуваат активностите на граѓаните, собирите на ученици исто така не се дозволени.