За пет години ќе остане само еден деминер, работиме непрописно, а од терен не се враќаме без 10 гранати, вели пиротехничарот Ефтим Митров

За пет години ќе остане само еден деминер, работиме непрописно, а од терен не се враќаме без 10 гранати, вели пиротехничарот Ефтим Митров

Подготвил: Орце Костов

Лектор: Ивана Кузманоска

Планината Галичица е најминирано место, но и најопасно за отстранување на гранатите. Тие се таму 110 години, а ние како дирекција постоиме 16 години, теренот е лош и за да стигнеме дотаму, има 3,5 часа во еден правец, вели Митров

Тешко е дури и да се замисли како е да се работи втората најопасна работа во светот, но на петтемина пиротехничари од Дирекцијата за заштита и спасување секојдневие им е отстранувањето запаливи и опасни воени орудија спасувајќи ни ги животите без ние да го знаеме тоа.

Ефтим Митров, раководител на тимот на пиротехничари во ДЗС, вели дека Македонија е полна со неексплодирани експлозиви, особено по линијата на фронтот од Првата светска војна, но тоа никого не го интересира сѐ додека не се најде во немилост на планинските терени на кои не стапнал човек со децении.

- Нашата работа е комплексна и излегувањето на терен е одење во непознато. Најголем дел, 90 проценти од интервенциите се во тешко проодни планински терени на места каде што се војувало. Според стандардно оперативните процедури, ние треба да одиме по двајца, но немаме доволно кадар и одиме сами. Замислете да сте во планината без мрежа на мобилниот и не дај боже да ви се случи несреќа. Оставени сте сами на себе - вели Митров.



По бројот на жители и површина, Македонија е најзагадена со неексплодирани експлозиви затоа што била на главната линија на Солунскиот фронт од Првата светска војна, кој бил долг 110 км, а широк 10 км. Ги има најмногу во Гевгелија, Дојран, Богданци, Битола, Ресен, Охрид, а овој терен го покриваат само двајца пиротехничари, еден во Струмица и еден во Битола.

Во поново време неексплодирани средства има околу Тетово, Куманово и Скопје, а тие датираат од конфликтот во 2001 г.

- Околу 90% од орудијата се од Првата светска војна, 7-8% се од Втората, 2% се од 2001 година. 90 % од средствата се исправни и во кое било време може да се активираат, што ги прави потенцијални убијци. Ние знаеме кое е безопасно, но обичните луѓе не можат да знаат. А наоѓаме буквално сѐ, од тенковски мини, рачни бомби, пешадиски мини, артилериски гранати до три авионски бомби од Втората светска војна - рече раководителот Митров.
За 16 години, откако е формирана ДЗС, бројката на неексплодирани средства се зголемила за 500 отсто.

Галичица е најзагадено место, а гранати има и во природните езера

Митров вели дека планината Галичица ја третираат како најминирано место, но и најопасно за отстранување на гранатите. Во пожарите од 2021 година имаше неколку експлозии. По пожарот пиротехничарите нашле уште три неексплодирани орудија.

- Тие се таму 110 години, а ние како дирекција постоиме 16 години. Не знам зошто не се чистело сите тие години. Сепак, теренот е лош и за да стигнеме дотаму, има 3,5 часа во еден правец. Во нашата професија максималното време на работа е пет часа со пат и интервенција. Потоа не смеете да работите оти сте деконцентрирани и изморени. Единствена опција да се отстранат експлозивите е ако се врши воздушен транспорт. Бомба може да се најде на секаков терен, особено кога се изведуваат градежни или земјоделски активности, а може да се најде и во водите на нашите природни езера кои, исто така, биле на линијата на фронтот. Без разлика каде е бомбата, ако се погоди директно запалката, може да се активира. Онаа муниција што не излегла од цевка не може да се активира затоа што запалката не ѝ е армирана.



- Основно правило е „средство што излегло од цевка да се ништи на самото место“. Пред 10 години извадивме околу 30 тони гранати од Охридското Езеро. И сѐ уште ги има. Сѐ зависи какво е средството и со каква запалка е, механичка или хемиска. Средствата се ризични и под вода. И во Дојранското Езеро има средства што се исфрлени од авион. Тие што ги извадивме беа во извонредна состојба. Замислете, им стоеја бојата и натписите од пред 90 години.

Пиротехничкиот тим 16 години се бори за своите права затоа што работи без елементарни услови. Втората најризична професија во светот мора да следи меѓународна оперативна процедура, но нашите деминери работеле без неа 13 години. Според овие процедури, тимот мора да има заштитна опрема и специјално возило за транспорт кое мора да биде со приколка на отворено во случај при експлозија, млазот да оди вертикално.

- Секое средство испукано од цевка не смее да се поместува од местото, а камоли да се транспортира. Ние немаме опрема за уништување на самото место, па го ризикуваме животот и ги транспортираме со обични возила. 16 години се надеваме на среќа да не дојде до несреќа - вели Митров.

Во таа борба да си го најдат заслуженото место под сонцето, пиротехничарите успеале да променат дел од законот и идните колеги да имаат бенефициран стаж и додаток од 30 % на плата поради ризикот, а за нијанса е покачена и сега изнесува 35.000 денари. Во моментов се петмина пиротехничари, догодина ќе бидат четворица, потоа двајца и по пет години ќе остане само еден од нив. А обуката за нови пиротехничари трае три години и ја вршат лиценцирани експерти со сертификати.



- Во кој било степен да падне кандидатот, тој си оди, нема назад. Мора прво луѓето да се вработат, па да се обучат. Последниот воз е во септември, но не верувам дека ќе имаме кандидати. Потоа сигурно ќе немаме пиротехничари, а ни фалат минимум 20. Никој не сака да си го ризикува животот во вакви услови и ова воопшто не е атрактивна работа - додава Ефтим.
Струмичанецот работел 17 години во Армијата и по струка е инженерец кој работел само со експлозиви. Се префрлил во ДЗС со цел да помогне да се пронајдат што повеќе средства.

- Велат дека првата грешка е кога ќе ја изберете оваа професија, а втората е кога ќе се згреши на терен. Јас имам една друга теорија. Може да направам три грешки, првпат, последен пат и никогаш повеќе. Во нашата работа грешката е минимум траен инвалидитет. Ако е рачна бомба, ќе бидете инвалид, ако е граната, тогаш ве нема - го отслика Митров ризикот на оваа професија.



Пиротехничарот нема најлесна ситуација, а тешки - колку сакаш. Меѓу нив и вадењето на 12.300 гранати од Битола кои, за среќа, немале запалки. Една од најтешките ситуации на Митров бил транспортот на околу 400 гранати со оксидирани запалки во лоша состојба. При транспортирањето со возилото една од запалките почнала хемиска реакција која, за среќа, не завршила докрај.

Ако полицијата нѐ сопре, може по закон да нѐ приведе затоа што не работиме по прописи

- Минатата година ни се повредија двајца колеги. Првиот се повреди од градобитна ракета, а вториот колабира на 64-годишна возраст. Среќа во несреќа што колабираше додека во колона се движевме по уништувањето на гранатите, а не претходно. Ако возилото беше полно со гранати, ќе имаше минимум 15 жртви. Ова е нашето секојдневие: кога се движиме по патот, ние сме како темпирани бомби. Кога ќе отидам на терен, не се враќам без минимум десет. Се разминуваме со возила, но луѓето не знаат дека се шетам со 6-7 килограми експлозив под седиште. Ако полицијата нѐ сопре, може по закон да нѐ приведе затоа што не работиме по прописи. Немате опција да избегнете населено место, а тоа треба да го правите според протокол - ги раскажа Митров искуства на тимот кој мора да одговори на секој повик и е во приправност 24 часа, било да се работи за „алансер“ од автомобил или МП3-плеер за кој луѓето мислеле дека е бомба.





Фото: приватна архива