Поради ова Шведска е најдобрата земја за живот - има закони што одат во корист на граѓаните

Поради ова Шведска е најдобрата земја за живот - има закони што одат во корист на граѓаните

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Шведска долго време се смета за една од најдобрите земји за живот. Покрај добриот стандард и почитувањето на човековите права, Шведска е земја со најдобра меѓународна репутација, покажува најново истражување. Во прилог на тоа зборува и законот што во понеделникот стапи во сила, а овозможува сексот без претходно вербално одобрение да се смета за силување, што подразбира кривично гонење.

Шведска се најде во топ-петте земји со најдобра меѓународна репутација заедно со Финска, Швајцарија, Нов Зеланд и Норвешка.

Транспарентноста, безбедноста, начинот на живот и природните убавини се клучни фактори што придонеле Шведска да се најде на високото прво место на оваа листа.

Скандинавската земја е оценета како најетичка и прогресивна земја во истражувањето направено во јуни. Во истражување од пред две години Шведска се најде на третото место.

Оваа земја доби највисоки оцени во сите категории, а најниска оцена (79,6) во врска со тоа дали Швеѓаните се сметаат за пријателски и гостопримливи луѓе.

Во Шведска, како што наведува извештајот од истражувањето, постои великодушна социјална корист и политики на либерален одмор.

Кога станува збор за стекнување и одржување позитивна репутација, одлучувачките фактори не се ниту големината ниту силата на националната економија, туку перцепцијата на земјата зависи од привлечното опкружување и од доброто чувство во земјата.

Но неодамнешните случувања придонеле таа да се најде на првото место, како што е фактот дека Шведска прифати голем број мигранти кои дојдоа во Европа, но и силниот одговор на глобалното движење #MeToo што влијаело на тоа владата да ги засили законите за сексуалната согласност и да дискутира по тоа прашање по серијата петиции што укажаа на вознемирување во широк спектар на индустрии.

Во прилог на тоа зборува и законот што во понеделникот стапи во сила, а овозможува сексот без претходно вербално одобрение да се смета за силување, што подразбира кривично гонење.

Според новиот закон, сексуалната активност на која не ѝ претходела изговорена согласност или друга јасна демонстрација за согласност на партнерот може да се смета за силување.

Законот не ја подразбира пасивноста како знак за одобрување на учеството во сексуален однос.

Закони донесени во Шведска

Во Шведска се менуваат многу работи. Два големи закони, околу кои политичарите долго време дискутирале, стапија во сила на почетокот од јули.

Покрај новиот закон за сексуална согласност, во Шведска се смета незаконска секоја корист од експлоатирање на луѓето при питање (додека само питањето останува законско).

Во меѓувреме, уште неколку закони директно ќе влијаат врз секојдневниот живот на многу луѓе што живеат во Шведска, но и на нивните паричници.

Помалку време за чекање надоместок за невработените

А-каса е шведски фонд за невработените кој на луѓето им обезбедува пари во периодот додека се без работа. Луѓето можат да му пристапат на фондот ако ја изгубат работата, но пред почетокот на плаќањето постои краток период на чекање.

Од јули овој период е намален на само 6 дена чекање пред луѓето да добијат пари, за разлика од претходните месеци, кога се чекало една недела.

Промена за оданочување на возилото


Ова е важна точка за секој што размислува за нов автомобил: се менува законот за тоа како возилата се оданочуваат за да се промовира еколошки прифатлива политика.

Со купување автомобил со ниска емисија на штетни гасови, кој оди на струја или на гас, граѓаните ќе бидат наградени со бонус во моментот на купување. Од друга страна, купувачите на автомобили со безоловен бензин или дизел-гориво ќе бидат погодени со значително зголемување на даноците.

Висока стипендија за студентите


Оние што одат во гимназија ќе добијат стипендии зголемени на 1.250 шведски круни секој месец, а универзитетските студенти ќе добиваат 10.444 секој месец, зголемување од 272 круни.

Поевтини синдикални такси


Во Шведска многу вработени одбираат да му се приклучат на синдикатот, а тоа отсега ќе биде уште поевтино. Доколку годишната членарина е поголема од 400 круни, членовите ќе можат да добијат 25 отсто надоместок во своите годишни даночни декларации.

Нови такси на електронските цигари


Лошата вест за пушачите е тоа што од 1 јули е воведен нов закон на течноста што се користи во електронските цигари. Иако данокот нема директно да се наплаќа од страна на купувачите, туку од компаниите на производот, тоа веројатно ќе доведе до зголемување на цените на електронските цигари.