Во Македонија 8.764 студенти студираат медицина, најмногу на Тетовскиот универзитет
Од 51.510 студенти во државава, вкупно 8.764 студираат медицина на три државни факултети, покажуваат податоците на
Државниот завод за статистика.
Најмногу нови лекари се подготвуваат на Факултетот за медицински науки при Универзитетот во Тетово, каде што студираат вкупно 2.989 студенти. Потоа следува Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде што бел мантил се подготвуваат да облечат 2.902 студенти, а последен е Медицинскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што за лекари учат 2.873 студенти. Треба да се напомене дека тоа се вкупните бројки на студенти од прва до шеста година.
На сродните факултети, исто така, има голем интерес за студирање, па на Фармацевтскиот факултет при УКИМ има вкупно 800 студенти, додека на Стоматолошкиот студираат 482 студенти.
На Високата медицинска школа во Битола, пак, студираат вкупно 467 студенти.
Интересно е што на сите овие факултети доминираат студентките, а како пример може да се наведе Медицинскиот факултет при УКИМ, каде што од 2.873 студенти, 2.228 се жени.