„Пекмејт“ - корисна апликација за помош при пакување за патување

„Пекмејт“ - корисна апликација за помош при пакување за патување

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Одењето на одмор или на патување им предизвикува голем стрес на многу луѓе, па апликациите како „Пакмејт“ можат да се покажат како многу практични и корисни. Имено, ова е апликација која помага при пакувањето за патувањата, а сè започнува со самото внесување на планираното патување.

Потоа, апликацијата ќе понуди да создаде листа за пакување, посочувајќи работи за кои мисли дека би можеле да ви се најдат. Предложените работи се многу лесни за додавање, а можно е да додадете и ваши ставки, какви и да се тие, и откако ќе се додаде сè што е потребно, ќе се формира конечниот список.



Секоја ставка во конечната листа може да се зачува за ништо да не се заборави, но најдобрата карактеристика на оваа апликација е поддршката за соработка. Многу е лесно да поканите и други да учествуваат во составувањето на списокот и на тој начин секој може да се погрижи да ги донесе работите што знае дека ќе бидат потребни.

Меѓу другото, има и приказ на временската прогноза, можност за поставување потсетници, а сето тоа е синхронизирано и со „Гугл драјв“ за да се создаде уште еден бекап, во случај да се изгубат направените списоци. Има и практични графички контроли и уште неколку ситници. Бесплатната верзија е ограничена, а за сите можности потребно е да се купи про-верзијата која чини 4,39 евра.

Извор: bug.hr

Фото: Freepik