Американците чекаат резултати од тест за Ковид-19 со недели

Американците чекаат резултати од тест за Ковид-19 со недели

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Сидни Дурбин (21) била сигурна дека само грлото ѝ е надразнето, но не сакала случајно да го шири коронавирусот во нејзиниот град Сент Џозеф во американската сојузна држава Мисури, па одлучила да се тестира за да види дали го има вирусот.


Таа нашла место за тестирање за Ковид-19 кое ветувало резултати за три до пет дена. Се тестирала на 30 јуни. Дурбин била две недели во карантин, сама во нејзиниот стан, на неплатен одмор од нејзината работа како менаџер на бутик, чекајќи ги резултатите кои конечно ги добила на 13 јули. Тестот бил негативен. Тоа дефинитивно биле две изгубени недели, според неа.

- Колку луѓе има што не се доволно среќни за да остават сè и да не одат на работа? - прашува таа.


Фото: Freepik

Нејзиното прашање е добро бидејќи нејзиното искуство не е единствено. Многу луѓе во САД чекаат најмалку една недела за да ги добијат резултатите од тестирањето, а некои чекаат и подолго. Има и луѓе што долго чекаат за да се тестираат. Центри за тестирање во Калифорнија, Тексас и во други делови морале да се затворат поради преголемата побарувачка на тестови.

Ова е проблем за луѓето и за јавното здравје. Според лекарите, ова може да влијае врз многу одлуки донесени од властите бидејќи моделите што се прават врз основа на податоците од тестирањето не се сосема точни. Без ажурирани податоци државите не можат да направат добри одлуки за рестриктивните мерки, а болниците не може да бидат соодветно подготвени. Ова влијае и врз советите што им ги даваат властите на луѓето кои се заразени и оние што можеби го имале вирусот.

Затоа, државите користат масовен карантин и затвораат сè, бидејќи не знаат доволно за да преземат соодветни мерки, вели докторот Марк Кортепитер, професор по епидемиологија на Универзитетот во Небраска. Најдобро е резултатите од тестирањата да се добијат во период од најмногу 24 часа. Здравствените работници веднаш можат да ги насочат заболените и да ги најдат луѓето во нивната близина што можеби се заразени.


Фото: Freepik

Здравствените власти во САД губат скапоцено време секој ден додека ги чекаат задоцнетите резултати од тестирања за Ковид-19. Заразените лица можеби не знаат дека го шират вирусот на другите, а колку подолго се чека резултатот, толку се поголеми шансите дека лицето ќе го напушти карантинот.

Од друга страна, луѓето како Дурбин, кои седат во карантин додека ги чекаат резултатите, иако се негативни, губат пари во време кога многумина веќе имаат финансиски проблеми. Конечно, за секој што чека резултати со недели, големата пауза може да предизвика стрес, вознемиреност и збунетост.

Тогаш зошто САД заостануваат во поглед на тестирањето? Според Кортепитер, станува збор за едноставна понуда и побарувачка. Властите се обидуваат да стигнат со нарачките за тестирања и материјали, но системот за тестирање во САД е комплексен. Се прави тестирање во болници, јавни места за тестирање и комерцијални лаборатории, а сите овие имаат сопствени предизвици во снабдувањето на материјалите и тестовите.


Фото: Freepik

Одредени иновативни решенија, како групно тестирање, во кое се земаат повеќе примероци одеднаш за да се заштеди на материјали, може да бидат потенцијално решение, но Кортепитер се плаши дека веќе е предоцна за тоа. Според него, овој метод на тестирање функционира најдобро кога нема многу заболени лица. Доколку одредена група на примероци е позитивна, мора да се анализира секој примерок посебно за да се види кој навистина е заразен и ова може да го зголеми времето потребно за тестирање.

Подобро решение, според професорот, е да се спроведе детална анализа на системот за тој да се подобри, но ова е поедноставно во теорија отколку во практика.

Проблемот бара системска промена, но засега луѓето и компаниите може да помогнат со тоа што нема да се тестираат доколку навистина не се сомневаат дека се заразени или немале контакт со заразено лице. Оние што се само загрижени и сакаат да се тестираат за да проверат дали го имаат коронавирусот, впрочем, не треба да се тестираат. Конечно, луѓето што мислат дека се болни мора да останат во изолација, дури и доколку веднаш не го добијат резултатот.

Автор: Џејми Душарм
Извор: time.com