Кучињата можат да го намирисаат коронавирусот
Подготвил:
Драгана Петрушевска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Како мириса коронавирусот? Ако кучињата можеа да зборуваат, сигурно ќе ни кажеа.
Националното ветеринарно училиште во Алфорт, Франција, заедно со интернационален истражувачки тим започнало со тренирање на кучиња-детектори за откривање траги на коронавирусот уште од март. Овие кучиња се тренираат со испотена облека од пациенти и лесно може да препознаат кое лице е заразено со коронавирусот, а кое не е.
Кучиња се тренираат во Обединети Арапски Емирати, Чиле, Аргентина, Бразил и во Белгија. Во Обединетите Арапски Емирати кучињата се поставени на аеродромите и уште сега се гледа нивната корист во врска со ширењето на Ковид-19. Ваквата контрола наскоро ќе биде овозможена и во Австралија.
Фото: Freepik
Како што велат истражувачите, кучињата можат да го намирисаат вирусот и кај заразените што уште немаат симптоми. Не се знае што точно мирисаат кучињата. Потта се користи за тестови бидејќи се смета дека преку неа не се пренесува коронавирусот.
Во Австралија уште се работи на овој проект и се користат разни раси на кучиња за тренирање. Исто така, се собираат повеќе негативни примероци за да биде сигурно дека кучињата можат да го препознаат заразениот, меѓутоа, и да разликуваат
коронавирус од обична настинка или грип.
Фото: Freepik
Кучињата што учествувале во експериментите не се заразувале со коронавирусот. Но за намалување на ризикот, нема директен контакт меѓу носот на кучето и парчето облека. Исто така, сите кучиња постојано се тестираат за коронавирус и досега ниедно не било заразено.
Можеби не треба да сме изненадени од способноста на кучињата да го препознаат коронавирусот бидејќи знаеме колку се добри нивните носови. Кучињата може да детектираат дијабетес, напад на епилепсија, па дури и некои видови рак.
Автори: Сузан Хејзел и Ан-Лиз Чејбер
Извор:
gizmodo.com.au