Звучеше како животно, а не машина, раскажува астронаутот Бенкен за враќањето на Земјата
Подготвил:
Драгана Петрушевска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Астронаутите Боб Бенкен и Даг Харли го опишаа враќањето на Земјата по краткиот престој на Меѓународната вселенска станица. Тие се вратија со леталото „Кру драгон“, а велат дека сè поминало според очекувањата. Бенкен живописно опишал како облаците летале покрај неговиот прозорец и чувствувал како некој да го удира седиштето со палка за бејзбол.
Харли и Бенкен изјавиле дека леталото ги исполнило сите нивни очекувања. Тие го завршиле комерцијалниот лет до Меѓународната вселенска станица со спуштање со падобран во Мексиканскиот Залив. Како што опишаа, враќањето на Земјата било исполнето со разни звуци и тресење додека леталото воспоставило контрола. Сето тоа можеле да го почувствуваат на своите тела.
Тие ги чувствувале сите движења и удари на леталото. Татнежот кој се слушал станувал посилен како што леталото се спуштало низ атмосферата. Бенкен изјавил дека звуците не го потсетувале на машина, туку на животно. По враќањето на Земјата, капсулата морала да се одвои од главниот дел на леталото, во кој се соларните панели и уредите за топлина.
Бенкен открил дека сите фази од одвојувањето до отворањето на падобранот ги доживеал како удари со палка за бејзбол на седиштето. Чувството било посилно при отворањето на падобранот. Бенкен опишал и дека почувствувал топлина во капсулата.
Додека поминувала низ атмосферата, триењето на капсулата го загревало заштитниот слој, развивајќи температура од речиси 2.000 Целзиусови степени, додека
леталото забавувало до брзина од 563 километри на час.
Првите падобрани биле отворени на оваа брзина, а тоа одеднаш го забавило движењето на капсулата, која на крајот слетала во морето со брзина од 20-ина километри на час.
Транспортот на астронаутите до Меѓународната вселенска станица и назад на Земјата бил организиран од „Спејс-Екс“ и „Боинг“. Лансирањето на американските астронаути во вселенската станица беше прво од американска територија од 2011.
Извор:
dnevnik.hr