Справување со отпадот и воведување биокомпостирање – студентски проекти што добија грант од Општина Гази Баба

Справување со отпадот и воведување биокомпостирање – студентски проекти што добија грант од Општина Гази Баба

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Годинава Општина Гази Баба по шести пат го организира проектниот натпревар „Предизвик за студенти иноватори“ наменет за сите што студираат на факултети и високообразовни институции на територијата на општината, а поседуваат креативност, желба и порив да истражуваат.

Клучен проблем на современието е проблемот на отпад. На светско ниво годишно се создаваат 2 милијарди тони отпад, од кои 1,3 милијарда (61%) се отпад во форма на храна и органски материјал. Во Македонија годишно се создаваат 913 илјади тони цврст отпад (процена од 2020 год.), односно 557 илјади тони органски отпад. Значи дека секој жител на создава по 452 килограми отпад во текот на една година од својот живот. Па оттука еден од проектите што доби грант е „Биорециклирање на јаглерод преку компостирање - едукација и примена“. Придобивките на проектот се состојат од два клучни моменти: намалување на потребата од депонии и локална продукција на компост. А вториот проект е „Воведување биокомпостирање во Општина Гази Баба“.

Обуки за средношколци за компостирање

Целта на повикот е поттикнување на студентите слободно да размислуваат и да наоѓаат креативни решенија за проблемите и прашањата со кои секојдневно се соочуваме, мотивација на студентите да размислуваат иновативно менувајќи ја локална заедница во различни сегменти на нејзиното функционирање, но и да се охрабрат, со менторска поддршка на професорите, да ги препознаат своите способности, да ги усовршуваат своите вештини и да соработуваат во насока на изнаоѓање иновативни решенија за потребите на локалната заедница, соопштува Наталија Атанасова-Панчевска, редовен професор на Институтот за биологија при ПМФ и менторка на проектот.



- Минатата година првпат учествувавме на овој повик и добивме грант за нашиот проект.
Поттикнати од минатогодишниот успех, оваа година студентите Софија Костадиновска (студент на втор циклус студии на Катедрата за микробиологија и микробна биотехнологија), Никола Радмановиќ, Елена Уста Петрова и Огнен Бошковски (сите студенти на прв циклус студии на Институтот за биологија и дипломци на Катедрата за микробиологија и микробна биотехнологија), заедно со мене како ментор, настапивме со свој проект на овој повик и повторно беше избрана нашата проектна и иновативна идеја, насловена како „Биорециклирање на јаглерод преку компостирање - едукација и примена“ - споделува Атанасова-Панчевска.

Прекумерниот отпад претставува светски проблем кој во развиените држави се решава преку самоиницијативата на граѓаните.

- Во овие земји, зависноста од депонии се намалува со најразлични техники на рециклирање, особено рециклирање на органски отпадоци. Жителите во овие развиени земји сами ги компостираат овие отпадоци, а добиениот компост се употребува на локално ниво за градинарски цели или во поддршка на јавни паркови или ситни локални земјоделци. На ваков начин не само што се намалува зависноста од депонии, туку се намалува и количината на создадениот отпад, а притоа се добива комплетно еколошки производ, така што со процесот на компостирање се потпомага самото кружење на јаглеродот во природата. Идејата за иновативната еколошка обука на средношколци за компостирање потекнува од отсуството на локално производство на компост на ниво на Македонија. Клучна причина за отсуството на оваа појава кај нас се смета дека е недостигот на информации за отпочнување на самоиницијативно компостирање. Оттаму потекнува пошироката цел на проектот, да овозможи техниката на компостирање да се прошири во Општина Гази Баба преку обуката на средношколци, кои како идни граѓани претставуваат идеалната демографија за ваков тип активизам. Тековната состојба на општината, како и на другите општини на Скопје, е изобилство на отпадоци, од кои значителен удел се органски отпадоци кои можат да се компостираат. Меѓутоа, жителите не можат да влијаат врз овој проблем без информативна поддршка - објаснува професорката.



Помалку органски отпад, помалку депонии

Целта на нивниот проект е преку практичен пример, како експеримент во наставата по биологија, да се долови техниката на компостирање на младите средношколци.
- Заинтересираните ученици од средните училишта би се стекнале со сето практично знаење потребно за процесот да го пренесат на нивни соученици, семејни членови и пријатели. Оваа дисеминација на поимот компостирање би значела многу за отпочнување тренд на кревање на јавната свест за придобивките од компостирањето и воспоставување мост кон поеколошка и подобра иднина за заедницата - истакнува Атанасова-Панчевска.

Според неа, развиени земји го решаваат овој проблем преку организирано рециклирање на отпадот, односно создаваат корисни суровини кои можат да најдат функција во економијата. За разлика од поразвиени земји, кај нас 99,8 отсто од овој годишен отпад оди во депонии, каде што се акумулира, зазема простор и придонесува за позагадена животна средина. Всушност, затоа развиените земји се фокусираат на рециклирање и компостирање; преку овие техники се добиваат корисни суровини, се намалува степенот на урбано загадување и се намалува притисокот врз локалните самоуправи и општини за менаџирање на комуналниот отпад.
- Преку намалена продукција на органски отпад по жител, ќе се намали потребата од депонии, односно ќе се ослободи значаен простор во индустриските зони за надградби од посебен интерес. Од друга страна, производството на локален компост би значело многу за економската стабилност на Општина Гази Баба. Создадениот компост на ниво на семејната единица би се искористил во градинарски или земјоделски цели, стимулирајќи локално земјоделство и градинарство и цвеќарство - споделува професорката.

Искористување на биолошкиот отпад

Вториот од проектите што добија грант од Општина Гази Баба е проектот на студентите од Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ (ХЕФ), именуван како „Воведување биокомпостирање во Општина Гази Баба“. Проектот официјално е раководен од менторката проф. д-р Дана Дина Колевска и студентите Ивана Пенева, Анастасија Милошоска, Исидора Димитриевска, Марија Меноска, Елена Петрова, Борис Цикарски, Перица Кипријановиќ

- Идејата за воведување биокомпостирање се роди од нашите студенти кои, следејќи ги еколошките трендови, беа инспирирани од количината на биолошкиот отпад што се создава при редовно одржување на дендропаркот на ХЕФ, кој досега не се рециклираше и имавме проблем со негово отстранување. Освен тоа, со самата одлука просторот за биокомпостирање да биде организиран во рамките на Шумско опитната станица (ШОС) при УКИМ, ХЕФ ја продлабочи оваа идеја и со расчистување на просторот планирано е и обновување на расадникот кој повеќе години не е во функција. На тој начин ќе се оствари желбата нè само на вработените на ХЕФ, туку и на самите студенти да се здобијат со практични знаења поврзани со нивните студии - изјавува Викторија Брндевска-Стипановиќ, асистентка на катедрата за Проектирање и подигање зелени површини и инволвирана во проектот.

Биокомпостот е квалитетно органско ѓубриво кое е речиси бесплатно.



- Нашиот план е за производство на биокомпост првенствено да се користи растителниот отпад кој се добива од редовното одржување на дендропаркот на ХЕФ (косење, кроење, собирање листови и слично), но не ја исклучуваме можноста во иднина да се овозможи и користење на дел од растителниот отпад од околните зелени површини од пошироката територија на Гази Баба. Биокомпостот ќе биде 100 отсто природен, произведен без употреба на хемиски средства, а ќе се користи во обновениот расадник при ШОС, во процесот на производство и одгледување садници, но и за потребите на растителноста во дендропаркот - посочува Брндевска-Стипановиќ.

- Студентите се надежта за подобро општество. Тие се силата што утре ќе го движи светот и затоа многу е важно да се вложува во нив и да им се даде шанса на нивните иновативни идеи. Стимулирањето на студентите може да донесе само бенефит, предизвикувајќи ги да продолжат да бидат креативни и иновативни, а со самото тоа и успешни. Најмногу од сè што вреди да се спомене е нивниот ентузијазам и желбата да работат, да обноват нешто што постоело, а веќе го нема, да го направат тоа за себе, но и за идните генерации студенти и за целото општество - изјавува Викторија.

Фото: приватна архива