Пораз! Никој не сака да студира македонски јазик
Подготвил:
Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Неопходно е да се направат реформи на наставните планови и програми. Во социјализмот имавме подобри програми отколку денес, вели д-р Људмил Спасов, професор на Катедрата за македонски јазик и претседател на Советот за македонски јазик
Само пет матурантки се пријавиле да го изучуваат македонскиот јазик во првиот уписен рок на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на насоката Македонски јазик (со проверка на знаења и умеења). Четири пријавени кандидатки има на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, на насоката Македонски јазик и книжевност. На УКИМ, во државната квота се пријавиле 12 кандидати на насоката Македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Поразителен интерес за изучување на македонскиот јазик има и на Педагошкиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, на насоката Македонски јазик и книжевност се пријавени вкупно 10 кандидати.
Проф. д-р Људмил Спасов: Состојбата е многу комплексна
Според прелиминарните резултати, во првиот уписен рок на државните универзитети се пријавиле само 31 кандидат, за вкупно 245 места. Во оваа мини-статистика не се земени предвид бројките од Државниот универзитет во Тетово, за кој нема прелиминарна листа од резултатите.
На што се должи катастрофалниот интерес за изучување на македонскиот јазик? Според д-р Људмил Спасов, редовен професор на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје и претседател на Советот за македонски јазик, проблемот е комплексен. Повеќе фактори низ годините придонеле за сегашната ситуација.
- Се отворија нови катедри. Во Битола секогаш имало поголем интерес затоа што катедрата има комбинирана група, на пример, македонски со англиски јазик. Друг проблем е што бројот на наставници е веќе пополнет – нема места за нови наставници, така што нема професионален предизвик – вели Спасов.
Според него, дополнителен придонес има тоа што долги години беше оневозможено полагањето на лекторски испит, се затвораат лекторатите по македонски јазик, се издвојуваат малку пари за научни и теренски истражувања, па така се губат мотивите за изучување на македонскиот јазик.
- Потребна е реформа на студиите по македонски јазик - треба да се направат поатрактивни. Порано се запишуваа и по 100 студенти. Исто така, факт е дека критериумите на УКИМ се поригорозни, потешко се добива диплома. Треба да се има предвид и фактот што ние најголемиот број на студенти го добиваме во вториот уписен рок. Сепак, неопходно е да се направат реформи на наставните планови и програми. Во социјализмот имавме подобри програми отколку денес – вели Спасов.
На државните универзитети за вкупно 245 места се пријавиле само 31 кандидат
Според конкурсот, на насоката Македонски јазик (со проверка на знаења) на УКИМ примаат вкупно 80 студенти – 40 во редовна квота, 30 со кофинансирање и 10 вонредни. Дополнителни 80 студенти (40+30+10) примаат на Македонска книжевност и јужнословенски книжевности, каде што се пријавиле само 12 кандидати. На УКИМ за вкупно 160 слободни места се пријавиле само 17 кандидати.
На УГД, пак, на оваа насока примаат вкупно 55 студенти – 30 редовни, 15 со кофинансирање и 10 вонредни. Пријавени се вкупно 4 кандидатки.
На УКЛО примаат вкупно 30 студенти, по 10 во секоја категорија – во редовна квота, со кофинансирање и вонредни. Пријавени се вкупно 10 кандидати во редовната квота.