СТУДЕНТСКИ МЕМОАРИ: Јован Андов (82) пред 59 години дипломирал на ДИФ во Белград - Другарството беше големо и искрено
Подготвил:
Никола Петровски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Нема животна мудрост што не сме ја научиле во скутот на баба и дедо. Секоја поговорка, убав збор и приказна првпат сме ги чуле од нив. Факултети.мк реши да ја вклучи временската машина за да дознаеме како се образовале тие. Се враќаме назад во времето. Се враќаме во младоста на бабите и дедовците
Велешанецот Јован Андов е меѓу првите кај нас со диплома од Факултетот за физичка култура (ДИФ), и тоа во Белград, со оглед на тоа што во тој период немало таква катедра во Македонија. Како вечен вљубеник во спортот, Јован без размислување се одлучил да ги продолжи студиите во српската престолнина и со тоа се здобил со звањето професор по физичка култура, професија што веднаш ја практикувал во основното училиште во Велес.
Осумдесет и двегодишниот Јован сѐ уште го храни спортскиот дух со тоа што секое сабајле оди во паркот во Велес, пешачи и прави вежби за мускулатура и на тој начин ги одржува виталноста и доброто здравје. За Факултети.мк, гордо раскажува за неговите студентски денови на ДИФ во Белград.
Изборот на професијата беше лично мој
Предвесник на неговото заминување на студии во Белград било запишувањето на средното фискултурно училиште во Скопје, каде што немало спорт во кој Јован не се пробал. Таа опсесија со спортот само му ги зголемила апетитите за знаење и надградување во оваа област, а најблиската опција тогаш била Белград.
- Изборот на професијата беше лично мој, родителите немаа никакво влијание врз мојот избор. Уште додека растев имав афинитети кон гимнастиката и почнав да се занимавам со тоа. По завршувањето на осмото одделение се запишав во средна фискултурна школа во Скопје. Имав афинитети не само за гимнастика, туку и за кошарка, одбојка, ракомет и учествував во сите тимови што сме ги имале во Велес. Работеше само мојот татко, како прегледувач на вагони во железница - Велес, додека мајка ми не беше никаде вработена, туку нѐ чуваше мене и моите двајца браќа и сестра ми и се грижеше за домаќинските работи - се потсети Јован.
Учевме физиологија, анатомија, биомеханика, како и многу спортски дисциплини
Со оглед на тоа што бил спортски фанатик, благодарение на акумулираното знаење, Јован без проблем го поминал приемниот испит и се запишал на Факултетот за физичка култура во Белград. Раскажувајќи за студентските денови, тој вели дека има многу убави спомени од тие денови, а тие искуства му помогнале и во понатамошниот живот.
- На факултетот најмногу ги учевме предметите физиологија, анатомија, биомеханика и други, а од стручните, атлетика, одбојка, гимнастика, кошарка, кои добро ги усовршив за време на студирањето и бев спремен веднаш да започнам со примена на овие спортови. Во зимскиот период имавме скијање, па ќе посетевме два или три скијачки центри во Југославија, а во летниот период одевме на море, езеро и на планински тури. Можам да се пофалам со моето качување на највисокиот врв во Југославија – Триглав, 2.864 метри надморска височина. Ова искачување ми остави прекрасни спомени - додава Јован.
Професор по физичка култура
Со завршувањето на овој факултет, Јован можел веднаш да работи како професор во училиште. Тој дипломирал за 4,5/5 години, а за време на студирањето во Белград најчесто живеел во студентски дом и притоа со восхит зборува за стекнатите другарства и единството што го имале студентите, иако доаѓале од различни средини.
- За секој патронен празник на факултетот организиравме игранки во самиот факултет кои не беа само за нас, туку беа со слободен влез за сите. Преку месецот често одевме со друштвото на игранки организирани во Белград. Посетувавме и спортски натпревари во сите категории.
За време на студиите бев член на ракометниот клуб „Синѓелиќ“ и играв 2 години за него. Потоа се префрлив во ракометниот клуб „Железничар“ во Белград. Искрено можам да кажам дека во тоа време подобро се забавувавме отколку младите сега. Имаше другарство, без разлика на местото, од мали години на улица, па сѐ до студентските денови кога одевме на игранки. Другарството беше големо и искрено.
Моето звање по дипломирањето е професор по физичка култура. Веднаш по дипломирањето се вработив како професор во осумгодишно образование во Велес. Дипломирав на 24 години. На 29-годишна возраст одлучив да влезам во брак со мојата долгогодишна девојка Гајта, во 1968 година - завршува Јован.
Фото: приватна архива