„Во САД никој не лекува пациенти без конечна дијагноза од патологот“, вели д-р Сандра Ѓоргова Ѓеорѓиевски, патолог и асистент-професор на Универзитетот „Емори“ во САД

„Во САД никој не лекува пациенти без конечна дијагноза од патологот“, вели д-р Сандра Ѓоргова Ѓеорѓиевски, патолог и асистент-професор на Универзитетот „Емори“ во САД

Подготвил: Орце Костов

Лектор: Ивана Кузманоска

Доктор Сандра Ѓоргова Ѓеорѓиевски пред 11 години дипломира на Медицинскиот факултет во Скопје, насока општа медицина, со просек 9,89 и беше прогласена за најдобар дипломец на генерацијата. Една деценија подоцна македонската докторка е успешен патолог, супспецијалист по патологија на коски и меки ткива во болницата „Емори“ во Атланта, САД, и асистент-професор на Катедрата за патологија и лабораториска медицина на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Емори“.

Д-р Ѓоргова Ѓеорѓиевски својата супспецијализација по хируршка патологија ја има завршено на клиниката „Мајо“ во Рочестер, Минесота, додека супспецијализацијата за патологија на коските и меките ткива во клиниката „Кливленд“ во Кливленд, Охајо.

Нејзиното знаење, квалитет и стручност беа потврдени и пред македонската лекарска фела кога лани беше гостин-предавач на 43. стручен состанок во амфитеатарот на Декантот на Медицинскиот факултет во Скопје, на тема „Тумори на коски“.
Патолозите како д-р Ѓеорѓиевски, освен што дијагностицираат и карактеризираат болести, анализираат ткива или телесни течности и интерпретираат медицински тестови, вклучително и молекуларни тестови. Тие ја имаат и најтешката задача при одредувањето дијагноза кај пациентите: повеќето дијагнози на рак ги прават патолозите и први треба да ја соопштат траорната вест за болеста.



Од каде желбата да бидете лекар, во кој момент сфативте дека сакате да станете специјалист по патологија?

- Желбата да бидам доктор ми се роди уште кога бев дете, најверојатно поради големото влијание на моите родители и блиското семејство кои се доктори во различни области од медицината. Кога се запишав на Медицинскиот факултет во Скопје, сè уште немав одредено која специјализација ќе ја изберам за мојата медицинска кариера. Интересно е што сè уште се сеќавам на првата вежба по Патологија 1, кога нашиот асистент ни ја презентира програмата и патологијата како гранка на медицината и, меѓу другото, спомена: „Патологијата како гранка бара огромно знаење и континуирано учење, голема пожртвуваност, посветеност и непристрасност, не добива почит како хируршките и интервентните гранки, но вашиот збор ја одредува судбината на пациентот. Затоа патологијата не е за секого“. По тие зборови, иако не признавав јавно, знаев дека ќе бидам патолог.

Зошто ги избравте САД за специјализација, какви услови имавте додека специјализиравте?

- Кога дојде време за специјализација, јас и мојот сопруг (кој е специјализант по интерна медицина и гастроентерохепатологија со супспецијализација за интервентна и напредна ендоскопија) одлучивме да заминеме во земја каде што можеме да добиеме најдобра едукација во областа на медицината. Тоа несомнено беа и верувам дека во иднина ќе бидат САД.

Тука постои цел систем на пријавување и добивање специјализации по ваш избор за кои е потребна цела година, откако ќе ги положите испитите USMLE. Ова е долг и напорен процес за странците што не се дел од американскиот систем, Но, со многу работа, учење и малку среќа, сè се може.

Јас ја почнав мојата специјализација во 2015 година во болницата „Бимонт“ во Ројал Оук, Мичиген, и специјализирав во 2019 година. Мојата специјализација е од областа на анатомската и клиничка патологија. Анатомската патологија е еквивалентна на она што се подразбира како патологија и судска медицина во Европа. Под клиничка патологија спаѓаат биохемија, микробиологија, трансфузија, молекуларна патологија и хематологија.



На што најмногу работите, дали имате некоја супспецијалност?

- По завршувањето на мојата специјализација, продолжив со супспецијализација по хируршка патологија во клиниката „Мајо“ во Рочестер, Минесота, по што завршив уште една супспецијализација во областа на патологија на коските и меките ткива во клиниката „Кливленд“ во Кливленд, Охајо. Во моментов сум асистент-професор на Универзитетот „Емори“ во Атланта, Џорџија, и сум дел од тимот за мекоткивна и коскена патологија и патологија на града.

Кои се Вашите достигнувања во областа на патологијата?

- Јас сум на почеток на мојата кариера, но можам да кажам дека сум многу горда што имав можност да се едуцирам во најдобрите болници, да го видам и да бидам дел од тој систем, кој е светлосни години понапред од многу други болнички системи низ целиот свет. Многу сум им благодарна и на моите ментори, кои се едни од најдобрите и најпознати патолози од областа на патологијата на коските и меките ткива во светот.

Покрај објавените трудови, горда сум и на моите годишни курсеви за специјализанти на Универзитетот „Емори“: „Вовед во патологијата на меките ткива и коските“ на почетокот на секоја академска година и „Преглед на патологија на коските и меките ткива, повторување за специјалистички испит“ на крајот на академската година. Од пред неколку години сум поактивно инволвирана во едукација на специјализантите и сум директор за воведна ротација на нови специјализанти по анатомска патологија. Покрај тоа што имам ангажмани во мојата матична институција, јас сум активен член на многу друштва, од кои едно е USCAP (Здружение на патолози од САД и Канада), делегат за Џорџија во CAP (Колеџ на американски патолози) и дел од образовниот комитет на GAP (Здружение на патолози од Џорџија).



Веќе сте асистент-професор на Медицинскиот факултет, какви услови имате на универзитетот и каде најмногу се чувствувате како дома, во лабораторија или во училница?

- Мојата работа се состои од клиничка работа, едукација и истражување. Кога фокусот е на пациентите, јас сум во мојата ординација во постојана комуникација со радиолози, ортопеди, хирурзи и онколози, а целта е да се воспостави најоптимален третман за пациентите. Едукацијата на специјализантите се одвива континуирано, бидејќи тие се вклучени во секојдневната работа. Специјалистите I PAs (асистенти на патолог) се тие што вршат макроскопска евалуација на препаратите, а ние сме на располагање за какви било прашања. И конечно, научното истражување е секогаш дел од нашиот ден, во секоја слободна минута се трудиме да обрнеме внимание на тоа.

Дали американскиот образовен систем препознава талентирани студенти, научници и истражувачи?

- Талентот не е доволен за успех. Американскиот систем препознава вистински квалитет, дисциплина и напорна работа. Избегнувањето, манипулацијата и мрзливоста се неприфатливи, брзо се разоткриени таквите појави и не се толерираат овде. Сите лекари што се дел од овој систем даваат сè од себе за грижата на пациентите и за развојот на медицината, која е во континуирано движење и промена. На сите им е јасно дека нема простор за комфор и не постои никој што знае сè за секоја ситуација. Општо прифатено е дека треба континуирано да се работи, да се чита, да се објавува, да се комуницира со колегите и на тој начин се изнаоѓаат нови и подобри начини за лекување и третман на пациентите.

Што би Ве вратило во Македонија, што би Ве инспирирало да работите овде?

- Македонија е мојата татковина и јас секогаш наоѓам начин да се вратам и да бидам достапна за приватна и професионална соработка. Мојата кариера и живот засега се во САД, бидејќи тука можностите се совпаѓаат со моите идеи и желби.

Кога се споменува патологија, најчесто се мисли на обдукција и вештачење. Која е реалната слика за медицинската гранка на патологијата, колку е таа важна во откривањето на природата на болестите кај луѓето?

- Како што реков претходно, патологијата во САД е поголема гранка која опфаќа повеќе делови, во зависност од супспецијализацијата ќе зависи и вашата работа. Голема предрасуда е дека патолозите прават само обдукции, што е само мал дел од нашата работа. Јас сум анатомски патолог и работам во академски центар, што значи дека, пред сè, давам дијагнози за материјал од биопсии или ресекции, давам дијагнози при операција (frozen section, или познат како ex tempore), правам обдукции, работам со специјализанти, студенти по медицина, странски студенти и вршам истражувања.
Да одговорам на прашањето за реалната слика за патологијата е дека овде ниту една друга гранка на медицината не се осмелува да даде дијагноза или да лекува нешто без конечно мислење/официјална дијагноза од патологот. Патолозите се многу почитувани во САД, иако работат во заднина и нивното име и труд не секогаш им се познати на нивните пациенти. Патолозите во САД се нарекуваат и „The Doctor’s doctor“ (доктор на докторот).

Најголемиот дел од дијагнозите на рак се откриени од патолозите. Колку е тешко лекарот прв да ја добие лошата вест за пациентот?

- Навистина е тешко кога треба да дадете катастрофална дијагноза на кој било, а особено на млада личност или дете. Но, истовремено, благодарение на флуидноста во медицината и новите откритија, особено во молекуларната генетика, некои тумори и саркоми кои во минатото биле смртна казна денес се лекуваат одлично, со лекови, а на пациентите значително им се продолжува животот.



На кое ниво е американската медицина во споредба со нашата или во регионот, колку сме зад нив или пред нив, што треба да се подобри, кадровски, финансии или систем?

- Медицината овде е на повисоко ниво бидејќи САД се огромна земја, има многу здрава конкуренција меѓу различни болнички системи, многу се инвестира и финансиски и кадровски, но се почитува и системот. Секаде се случуваат грешки, но треба да учиме од нив, а не да се откажуваме од себе и да сметаме дека не заслужуваме добро.
Во Македонија има одлични, светски познати професионалци кои ги следат медицинските трендови и најпрофесионално му служат на народот. Треба да ги почитуваме нашите професионалци, но и да го почитуваме системот и да се стремиме да го подобруваме.

Што правите повеќе во слободното време, како се опуштате по напорните предавања, истражувања и каков е животот во САД воопшто?

- Животот во САД е многу брз, нема многу време за секојдневни кафиња и ручеци, што понекогаш ми недостига. Особено ми недостигаат семејството и пријателите. Викендите се користат за завршување на недовршените работи и за поминување квалитетно време со семејството.

Фото: приватна архива