71 година Градежен факултет: 7.000 дипломирани студенти ја изградиле нашата држава и се вистински амбасадори на македонското инженерство

71 година Градежен факултет: 7.000 дипломирани студенти ја изградиле нашата држава и се вистински амбасадори на македонското инженерство

Подготвил: С.Ѓ.

Лектор: Ивана Кузманоска

На денешен ден пред точно 71 година се одржал првиот час на најстарата образовна институција од областа на градежништвото, геодезијата и техниката во нашата земја – Градежниот факултет во Скопје. По повод годишнината, денеска се одржа видеопрослава на која гостуваа министри, ректори, професори, пријатели на факултетот. Гостин беше и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Проф. д-р Златко Србиноски, декан на факултетот, истакна дека многу би можело да се зборува за оваа успешна приказна.


- Би можеле да зборуваме за 71. генерација студенти на Градежниот факултет и за повеќе од 7.000 дипломирани студенти кои ја изградиле нашата прекрасна држава и кои претставуваат вистински амбасадори на македонското инженерство. Би можеле да зборуваме за неколкуте генерации наши истакнати професори кои ја пронесоа славата на македонското градежништво. Би можеле да зборуваме за успесите на научно поле и за достигнувањата во инженерската практика - рече Србиноски.
Тој се осврна на годината што поминува која, поради пандемијата на Ковид-19, се одрази во сите образовни институции.

Проф. д-р Златко Србиноски, декан на Градежниот факултет

- Сепак, Градежниот факултет не би бил тоа што е - најстара и најреномирана високообразовна институција од областа на градежништвото, геодезијата и геотехниката во нашата земја и вистински лидер во делот на техничките науки доколку подлегнеше на предизвиците што се исправија пред него. Вистинската вредност на факултетот се искажа во најтешкиот период. Факултетот целосно ја преструктруира својата дејност во насока на дигитализација на основните активности. Всушност, таму каде што поголем дел од факултетите гледаа непремостливи препреки, Градежниот факултет гледаше нови можности во унапредувањето на неговата визија и мисија. Тоа резултира со нормализација на сите основни дејности на факултетот, при што: успешно ја завршивме академската година, ги унапредивме дејствата на научните проекти и особено на издавачката дејност и се изврши стабилизација на апликативната дејност. Градежниот факултет спаѓа во редот на членките на нашиот Универзитет кои најдобро се справија (и сѐ уште се справуваат) со сите предизвици што ги наметнаа новите услови на работа - изјави Србиновски и додаде дека овие постигнувања немаше да бидат можни без беспоштедното залагање на сите вработени на факултетот, како и студентите кои го даваа својот максимум. 

Со основањето на Градежниот факултет и почетокот на студиите реализирана е вековната градителска традиција подигнувајќи ја на највисоко академско ниво - рече денес ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски.

Проф. д-р Никола Јанкуловски

Градежниот факултет е центар за развој на научната мисла и стручна практика од областа на градежништвото, геодезијата и геотехниката. Тој е една од првите членки на УКИМ и најстар технички факултет во нашата земја. Тој е бренд со препознатлив квалитет во пошироки рамки и воедно институција која постојано ги следи и применува современите достигнувања во науката. Наставните програми на факултетот постојано се осовременуваат во согласност со општествените потреби, науката и практиката.

71. генерација на дипломирани и магистрирани студенти на Градежниот факултет се докажани стручњаци и добро познати и прифатени инженери во светот. Кадарот на Градежниот факултет има голем придонес во афирмирањето на македонската научна мисла во домашната и во меѓународната јавност, како и во соработката со стопанството. Станува збор за неколку генерации наши почитувани професори - луѓе со визија, големи идеи и прогресивни погледи, кои несебично го споделувале своето знаење со генерациите млади колеги.