Приказната на Илија Петковски - несуден ветеринар кој магистрира геологија на „Сорбона“ и по 20 години се врати во Скопје

Приказната на Илија Петковски - несуден ветеринар кој магистрира геологија на „Сорбона“ и по 20 години се врати во Скопје

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Иселувањето воопшто не е проблем, туку предност на една земја. Овој феномен постоел и ќе се забрза во сите држави, смета Илија

Дипломирал и магистрирал геологија на „Сорбона“ во Париз, работел во Франција и Брегот на Слоновата Коска и по 20 години решил да се врати во Македонија. Сретнал многу луѓе низ светoт, но не сретнал човек кој длабоко во себе не копнее по местото каде што се родил. Смета дека професионално се реализирал и сега може да живее од страста од детството - кучињата. Ова е инспиративната приказна на Илија Петковски од Скопје, кој својата татковина - земја во развој - ја гледа од еден сосема поинаков агол.



Откако памети за себе ја носи љубовта кон кучињата и секогаш бил во нивно друштво. Поради тоа, се запишал во средното ветеринарно училиште во Скопје.
- Можев на рана возраст да ја увидам разликата помеѓу желбите и можностите. Нашиот едукативен систем ми овозможи да следам настава и пракса достоинствена за факултетска, да се преиспитам дали можам да студирам и работам како ветеринарен доктор. По четири години сфатив дека не сум спремен за каква било инвазивна постапка кон телото на кучињата. Заминав да студирам во Париз, на најголемиот европски факултет за природни науки при „Сорбона“ и воедно најдобро рангираниот од Франција на Шангајската листа. Тогаш ја запознав геологијата, која за мене беше тотално непозната материја - ја почнува Илија својата животна приказна.

Во тоа време на „Сорбона“ предавал еминентниот професор по геологија Жан Деркур, кој бил и вечен секретар на Академијата на науките на Франција. Тој со голема страст им го пренесувал своето знаење на студентите. Следејќи ги неговите предавања во полни амфитеатри, неизменети од времето кога Пјер и Марија Кири предавале таму, Илија почувствувал повик да ја изучува оваа наука.



- Геологијата многумина ги асоцира на рударство, градежништво или сеизмологија. Но, таа води и кон науките за универзумот, климатологијата, нуклеарната и нафтената индустрија, диносаурусите. Јас се одлучив за градежништвото преку геотехниката која ја изучував од прва година до магистратура, паралелно на „Сорбона“ и на Наполеоновиот конзерваториум на уметностите и занаетите - раскажува Петковски.

За разликите во образованието во Македонија и Франција


На прашањето кои се најголемите разлики што ги забележал во македонскиот и францускиот образовен систем, Илија објаснува дека во сите нивоа на образование во Франција изучувањето на природните науки се базира врз математиката. Темите што ги третираат биологијата, хемијата, геологијата или физиката се само изговор за да се употребат математички знаења. На Илија тоа на почетокот му претставувало хендикеп зашто излегол од средно стручно училиште каде што математиката била многу занемарена. Дополнителен проблем му претставувало непознавањето на францускиот јазик, задолжителен на реномираниот државен Универзитет „Сорбона“. Сепак, со мотивација и работа, бил единствениот странец во таа генерација што магистрирал во предвидениот рок. Во овој период бил ангажиран на универзитетот да им помага на помлади студенти да ги надминат проблемите со математика, а еминентниот професор Деркур го поканил да учествува во негов проект при УНЕСКО.


Илија Петковски

Илија вели дека длабоко е убеден дека нашиот образовен систем му помогнал да помине многу пречки во Франција.
- Благиот степен на суровост и неправда уште во основно и средно, кој им го посакувам и на моите деца, беше пресуден да се снајдам во тоа лудило каде што се гази и се оди напред. Спокојното основно и средно училиште во Франција не ги подготвуваат учениците на реалноста и суровоста на општеството. Факултетите им се вистинскиот филтер - само 20% од студентите продолжуваа целосно во втора година. Улицата не ја познаваат за да ги подучи на секојдневната неправда. Делумната суровост и неправичност, пливањето рамо до рамо со препишувачи, врскаџии и потпикнувачи дома ве прави вистински аналитичар и стратег таму. А тоа се најголемите доблести, клуч за успех не само на факултет туку и во животот. Во Франција речиси и да не постои усно испрашување, а токму тоа ви ги јакне ораторските способности и говор пред публика. Тие во професионалниот живот и тоа како служат, па макар учеле и напамет - вели Петковски.

Работа на нуклеарни централи, во воено пристаниште на француската армија

Прво работно искуство му било помошник-водоводџија со дедо му. Стекнал одлично искуство и научил важна лекција додека носел вреќи шут на грб од 6. кат во згради на париската буржоазија. Додека студирал, за „втора школа“ ја смета работата во „Мекдоналдс“. Таму го видел реалниот суров живот, судбините и мизериите на малите луѓе кои „не постојат“, поделеноста на француското општество по сите основи - раса, потекло, вера, кварт...



Првите осум години работел како стажант во фирма, во филијалата во Париз, каде што помагал во изработката на студијата за зајакнување на темелите на Ајфеловата кула. Потоа се вработил како млад инженер во Нормандија, каде што по три години му ја довериле директорската позиција.
- Со тимот работевме на различни проблематики, но најинтересни беа нуклеарните централи во кои станавме неизбежни во нашата област. Работевме во военото пристаниште каде што се произведуваат нуклеарните подморници на армијата на Франција и на проект на стабилизација на целиот брег на карпите на Ла Манш во нормандискиот брег - раскажува Илија.

Сѐ повеќе му недостигало меѓународното искуство, па заминал во фирма со над 50 филијали во светот и повеќе од 12.000 вработени. Илија бил единствениот референт по геотехника за Франција и за странство.
- Последните три години дополнително ја менаџирав и филијалата на Брегот на Слоновата Коска каде што живеев со семејството. Се будев со утрото на Виетнам и работев со Малезија, Индија, Либан, Мароко и веќе дремев во делот од денот кога требаше да работам со Карибите. Така, во еден момент се почувствував реализиран на професионален план - објаснува Илија.



По 20 години решил да се врати во Македонија. Вели дека не сретнал човек кој не копнее да се врати во земјата во која е роден.
- Можеби не веднаш... но секој сака да живее и да си ги расте децата каде што израснал. И Либанците, и Африканците, и Кинезите, и Македонците. Сите. Тоа е геологијата, тоа е погледот во ѕвездите под кои сме се родиле, почвата, водата, вкусовите, воздухот, мирисите, пцостите, боите, природата, хаосот во кој се снаоѓаме, релјефот, напредокот кој не сакаме да го видиме... Почувствував дека професионално се реализирав и можам да живеам од страста од детството - кучињата. Со сопругата и другари се обучивме, опремивме и почнавме да стрижиме кучиња во двата фризерски салони за кучиња „Ту ту“. Си ги гушкаме и си уживаме - со насмевка раскажува Илија.

Потенцијалот на Македонија е огромен - иднината е сега


До почетокот на годинава постојано бил на пат - Македонија, Африка, Франција, каде што соработува со пријателите на кои им помага на некои проекти. Годинава координацијата е оневозможена поради Ковид-19, но во нормални услови нема никаков проблем да стигне каде што треба. Илија смета дека иселувањето воопшто не е проблем, туку предност на една земја.



- Овој феномен постоел и ќе се забрза во сите држави. Денес се заситуваме брзо, сакаме да откриваме, жедни сме за ново, за повеќе. Глобално село. Секој за себе мисли дека заслужува повеќе и тоа нѐ турка напред. Човечки е да се проба и успее. Без незадоволство нема еволуција. Одливот на мозоци е топ-тема и во Франција. Проблем им е да ги задржат странските професионалци кои ги создаваат преку одличниот високообразовен систем, но им го одземаат други држави кои подобро се рекламираат и успешно си ги прикриваат недостатоците - објаснува Петковски.

Според него, на Македонија ѝ недостига атрактивност на универзитетите и работните места за да привлекуваме странци кои би работеле во оваа земја.
- Младиот од Македонија секогаш ќе сака да оди некаде и не треба да го спречуваме, туку да му помогнеме во поаѓањето и враќањето. Колку Македонија размислува да привлече млади од друга држава? Потенцијалот на оваа земја е огромен и иднината е сега. Само да го видите ентузијазмот на младите генерации во Африка ќе се запрашате: од што се плашиме и жалиме, што чекаме? Геолошки гледано, Македонија е пребогата со минерали. Педолошки - имаме одлична почва која срамежливо ја експлоатираме. Хидролошки - богати сме со водени ресурси. Пејзажи различни. Историја и култура - древни. Земјата е супер! И најважното, по Скопјево сѐ подобро се вози и се мисли на начинот на кој ќе биде подобар и бус/вело пријателски, помалку загаден град. Тука не е утопија, но не е никаде. И затоа не вреди таа да се бара далеку, туку да се создаде во душата - вели Илија.