Дополнителен фактор за недостиг на кадар во техничкиот струки, особено во информатичките, се платите. Асистент зема плата под 30 илјади денари, а максималната плата на професорот е 40.000 денари плус минат труд, за што требаат над 15 години работен стаж. Тоа е почетната плата во ИТ-секторот. Иако бараме демонстратори да ги ангажираме со сопствени средства, нема интерес. Затоа практичната работа не е на задоволително ниво, вели проф. д-р Игор Неделковски, ректор на УКЛО.
Целиот работен век го посветивте на Битолскиот универзитет. Што Ве задржа кога повеќето експерти заминуваат во странство, особено специјалистите по компјутерско инженерство како Вас?
- На Универзитетот бев вработен на 1 ноември 1993 година како асистент на Техничкиот факултет. Оттогаш не сум го прекинал работниот однос ни еден ден, иако сум извршувал и јавни функции во минатото. Горд сум на тоа зашто заедно со Универзитетот растев и како личност и професионално како стручњак. Бев и студент на Техничкиот факултет. Во 1990 година добив стипендија од тогашниот СИЗ за наука за магистерски студии на Машинскиот факултет во Белград, тоа беше последната генерација пред да се распадне СФРЈ. Магистрирав таму и штом се вратив, ме вработија. Тоа беше 1993 година, една од најтешките за Македонија, со блокада, се чекаа редици за нафта, а сепак имаше средства за вработување. Јас имав просек, а државата ме препозна, ме стипендираше и кога се вратив, без никаков проблем ме вработи на факултет. Се прашувам што се смени во овие 30 години, кога имаме многу квалитетни млади луѓе кои сакаат да останат тука, но не можеме да ги вработиме оти немаме буџет од државата?
Штом нема вработувања, значи ли тоа дека се кубури со професорски кадар?
- Важно е да постои институционална меморија. Не попусто ние се фалиме дека нашиот Универзитет е основан во 1979 година, значи постои 43 години, а дел од единиците речиси и сто години, најстар е Институтот за тутун, кој за две години ќе слави еден век од основањето. Потоа е Техничкиот факултет со 61 година. Она што го постигнале претходните да се надгради и да го продолжат следните генерации што, за жал, сега е прекинато. Ние имаме масовно пензионирање на професори, а немаме нови вработувања. На прсти се бројат вработувањата во последните години, а сите сѐ повеќе со лобирање отколку со институционална грижа.
Ако му дадеме да вработат 10 професори, ни еден нема да биде „наш“, сметаат партиите
Во држава каде што гласачката машинерија се обезбедува токму преку вработувања во јавен сектор, зарем не притискаат и политичките структури за поголеми вработувања на факултетите?
- Во 2018 година е направен првиот обид во една нацрт-верзија на Законот за високо образование каде што се налагаше за професор кој се пензионирал, починал или му бил прекинат работниот однос, автоматски да се вработува нов. Но, кога верзијата влезе во Собрание, тој член го немаше. Кога заминува професор или административен службеник, покренуваме постапка за ново вработување. Знаете дека често вработувањата во јавен сектор се пазар на политички партии, квоти, најчесто сите политички структури што биле на власт во Македонија не се заинтересирани за масовни вработувања во високото образование бидејќи немаат контрола врз оние што се вработиле. Постапките се долги, а и кандидатот треба да има минимум магистратура, па сертификат за странски јазик, научни трудови. Низ овој пат, партиите ја губат контролата за вработување, прво немаат таков кадар меѓу активистите, ама и си велат ако му дадеме да вработат 10 професори, ни еден нема да биде наш. И тука мака мачиме. Сите вработувања во изминативе 10 години се со молења, лични познанства, пријателства, никогаш нема системски пристап.
Како кадровскиот дефицит се одразува врз практичната настава на факултетите?
- Постои дисбаланс. Постарите единици имаат помлад кадар зашто кога се отворија, имаше вработувања. Кај постарите, како што се пензионираат професорите, нема нови, се празнат и имаме факултети со алармантна ситуација. Дополнителен фактор за недостиг на кадар во техничкиот струки, особено во информатичките, се платите. Асистент зема плата под 30 илјади денари, а максималната плата на професорот е 40.000 денари плус минат труд, за што требаат над 15 години работен стаж. Тоа е почетната плата во ИТ-секторот. Иако бараме демонстратори да ги ангажираме со сопствени средства, нема интерес. Затоа практичната работа не е на задоволително ниво.
Високата медицинска школа да стане факултет, а да се отвори и Академија на уметностите
Бројот на студенти од пред десетина години е опаднат. Како да се привлечат да студираат на Битолскиот универзитет?
- Годинава имаме околу 1.100 бруцоши, а минатата 1.200. Но, тоа се должеше единствено на ковидот. Странските универзитети ги имаа затворено вратите, па дел останаа тука. Ако сакаме повеќе студенти на прв циклус, потребни се нови студиски програми кои се атрактивни. Јас во мојата програма се заложив и тоа сакам да го реализирам - нашата Висока медицинска школа, која е синоним за квалитетно образование на медицински сестри, да премине во Факултет за здравствени услуги. Да се крене на ниво на факултет, со повеќе студиски програми. Тоа може да го зголеми и бројот на студенти и да го зајакне и здравството во Битола. Сепак, за тоа треба одлука од Влада. Високата медицинска школа е последната ваква државна школа, другите се факултети.
Кои други промени ги планирате во однос на проширување на Универзитетот?
- Мислам дека Битола има простор за Академија на уметности. Ние се гордееме со Манаки, бил првиот снимател на Балканот. Битолскиот театар е синоним за квалитет, таму била одиграна првата претстава на македонски јазик. Битола е градот на клавирите. Единствениот град каде што има државно средно музичко училиште, а нема музичка академија. И детското ликовно студио „Монмартр“ е тука. Имаме млади креативни уметници, а немаме Факултет за уметности. Имам и визија каде ќе биде, но првин да одобри државата, во Центарот за култура на горниот кат каде што некогаш беше свадбената сала, може да се држи настава на академско ниво.
Битолчани имаат чувство дека со формирањето на новите универзитети се запостави Битолскиот. Од второ место на рангирањата во земјава падна на петто. Кои се причините?
- Има три причини. Едната е објективна, во минатото немавме конкуренција. Беше втор, но кога немавме конкуренција. Се отвори Штипскиот универзитет, Штуловиот, кој е јавно-приватно партнерство, државниот во Тетово, па „Мајка Тереза“. Потоа вработувањата, остануваме без научен подмладок, нема асистенти, доценти итн. А рангирањата се вршат единствено за наука. Научни публикации не објавуваат редовни професори, туку асистенти, доценти. Како што се станува поискусен професор, повозразен, мисијата му е искуството и знаењето да ги пренесе на помладите, а тие да се моторна сила која ќе пишува научни трудови. Ние нема кому да го пренесеме. И третиот елемент е инфраструктурата. За наука треба лаборатории, простор. Тука ние до 2017 година бевме апсолутно маргинализирани. Буџетот што го добивавме за инфраструктура беше далеку зад сите други универзитети. Од 2018 година имаме некое израмнување кај сите универзитети освен УКИМ, кој е многу поголем.
Ако заштедите пари, државата ќе ги даде на друго место
Дали проблемот со недостиг на финансии може да се реши со штедење?
- Тука доаѓаме до друга парадоксална ситуација. Државата ви кажува колку пари има за вас, ви ги дава и вие ги распределувате за потребите. Ако заштедиме, на пример, за користење на службени возила, тоа не значи дека тие пари можам јас да ги дадам во фондот за наука, буџетот ни ги зема назад и ќе ги даде во Берово, Желино, Охрид... Според ова, не се исплатува ни да се штеди. Ние од нашиот скромен буџет ќе воведеме награди за најуспешните професори.
Предлагате професорите и студентите заедно да состават Кодекс на однесување? Што ќе регулира?
- Тоа ќе биде упатство што треба да прави еден студент за да се придржува до академска етика. Имаме голем проблем со препишувањето на испити, а академската етика тоа го смета за академска нечесност на највисоко ниво. Академското ниво бара чесност. Од друга страна, и професорите да знаат дека студентите им се партнери, дека не сме воспитно-образовна институција, туку наставно-научна. Да се однесуваат со респект кон студентите, да одговараат на пораки, е-пошта. Да нема викање и нервози. Академската заедница ги решава проблемите со разбирање. За начинот на облекување, јавно ќе кажам дека не бев толерантен кога студент доаѓаше по кратки панталони и по влечки на факултет. Им кажував дека со тоа не ја почитуваат институцијата.
Во завршна фаза е системот за е-учење. За што ќе служи овој пат?
- Дигитализацијата е клучна. Професорите немаат асистенти и се обременети со административна работа. Правиме список на пријавени, на положени кандидати, пријави, внесување оценки во индекс. Во светот на дигитализација нема потреба од тоа. Системот за е-учење ќе ја олесни наставата. Но, пак се враќаме кај клучниот проблем, кадарот. Има наставници на возраст над 50 години, повеќето кај нас се над 60, а немаат асистенти. Сигурно тие нема да бидат вешти во системот за е-учење. Кога бев вонреден професор, меѓу 2003 и 2008 година, имав 4 до 5 асистенти или демонстратори. Потоа бев декан, проректор, сега ректор, а сам ги пишувам пријавите, пополнувам испитни извештаи, сам држам вежби, немам демонстратор.
Очигледно се напластени премногу проблеми и бараат голем ангажман, што Ве релаксира по напорниот ден?
- Велосипедот. Користам автомобил само кога треба да одам во друг град и ако треба нешто тешко да носам, инаку сите ме знаат во Битола дека постојано сум на велосипед. Има дури и стории на порталите за ова мое хоби. Велосипедизмот ми е животно хоби. Почнав како студент бидејќи немав средства тогаш да купам автомобил. Потекнувам од релативно скромно семејство, кога повеќето имаа семејни автомобили, јас и мајка ми не можевме да си го дозволиме. Па сѐ до 28 година кога го купив првото „тико“, сите ме знаеја со велосипед. Останав голем вљубеник во велосипедот, нема отстапки.
Фото: приватна архива