Граѓаните и преку „Месинџер“ ќе може да пријавуваат загадување, вели Ана Петровска, новата директорка на Државниот инспекторат за животна средина
Подготвил:
Елица Бочвароска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Тие можат и телефонски да се јават, но за да можеме да постапиме, неопходна ни е пријава во пишана форма, вели Петровска
Ана Петровска доaѓа на раководната позиција на Државниот инспекторат за животна средина од Министерството за животна средина. Инспекторатот подолго има проблем со недоволен број инспектори и опрема, а неодамна се запалија и просториите во кои беше сместен. Петровска го презема Инспекторатот во време кога во јавноста постои мислење дека државните инспектори недоволно и ненавремено ги извршуваат своите задачи и дека најчесто нивната работа не придонесува за да се намали загадувањето.
Како ќе ја промените работата на Инспекторатот?
- Законот за инспекциски надзор во животната средина обезбедува транспарентност и еден од плановите е јавноста да биде запознаена со тоа што и како работиме. Граѓаните сакаат да се решат проблемите, а најчесто прв го прозиваат Државниот инспекторат. Законот е многу јасен, ако ние не сме надлежни, претставката веднаш ја препраќаме до надлежната институција. За да има промени во работењето, важно е да има приоритети за да може комбинирано да вршиме и редовен и вонреден инспекциски надзор. Имам информации каде има проблеми, каде треба да се направи надзор и работиме на изнаоѓање решенија. Инспекторатот претходно не бил отворен за јавноста, па планираме да го промениме тоа. Сè што ќе сработиме ќе го објавиме јавно, почитувајќи го Законот за заштита на лични податоци.
Ана Петровска
Овој месец приоритет ни е надзор на компаниите со А-интегрирани дозволи, како и помалите загадувачи кои имаат одобрени елаборати за работа. Меѓу оние што ни е планирано да се проверат се сите места каде што е можно собирање на отпадни масла, како што се автосервиси, станици за технички преглед и сите други точки каде што се собираат отпадни масла. Сакаме да провериме дали тие соодветно се предаваат на овластени постапувачи со отпадни масла или со нив се врши промет и се продаваат за потоа други субјекти да ги користат за загревање. Во текот на месецов ќе направиме надзор и на местата каде што се депонираат отпадни гуми, кои може да се горат и на отворено.
Имате малку инспектори и просториите ви беа опожарени, па како работите?
- Инспекторатот има малку инспектори, а сега немаме ни простор. Се екипираме и правиме планови за секој месец што треба да се сработи, а во меѓувреме треба да обезбедиме и простор. Сега сме гости во Министерството за животна средина, сместени сме во сала за состаноци, па кога има состанок, треба да излеземе. Во тој простор нема природна светлина, ниту вентилација, а во услови на пандемија не може повеќе од три до четири луѓе да бидеме таму, па засега состаноците ги држиме онлајн и се договараме за надзори. Просториите каде што претходно бевме сместени не може да се користат поради пожарот – треба да се санираат, а пандемијата го забавува тоа. Добивме ветување дека ќе ни се обезбеди простор. Во моментов во Инспекторатот имаме 18 инспектори и еден помлад соработник кој треба да полага за лиценца. Од нив во Скопје се петмина, а останатите се распоредени во поголемите градови низ Македонија.
Најавивте дека граѓаните ќе може да пријавуваат случаи на загадување и преку „Месинџер“, зошто се одлучивте на овој чекор и како ќе функционира тоа?
- Ќе постапуваме според протоколите за работа, а идејата е да бидеме попристапни за граѓаните. Освен писмена и претставка по е-пошта, граѓаните ќе може да пријават загадување до инспекторите и на „Месинџер“. Тие можат и телефонски да се јават, но за да можеме да постапиме, неопходна ни е пријава во пишана форма. Притоа нема да навлегуваме во дискусии или расправии со граѓаните, туку од тоа што ќе пристигне, ќе провериме и ќе оцениме каде има простор да се постапи.
Граѓаните со години реагираат на големото аерозагадување, а во услови на пандемија, според здравствените експерти, тоа придонесува последиците од оваа и од други болести да бидат поголеми. Особено реагираат дека поголемо загадување има во вечерните и ноќните часови. Што ќе преземете за да се утврди од каде доаѓа тоа?
- Загадувањето е една од причините за зголемена смртност од многу болести, и токму за тие тврдења дека во вечерните и ноќните часови има поголемо загадување очекуваме граѓаните да ни пријават случаи на „Месинџер“ за да може веднаш да реагираме, а не како што сите мислат дека инспекторите спијат. Не спијат, имаме дежурна екипа. Многу е важно да се усвојат и измените на Законот за амбиентален воздух, со кои се предвидува сите мерки што биле дадени како препорака да станат обврзувачки, тогаш и нам многу ќе ни се олесни работата.
Во тек се измени на Законот за инспекциски надзор во животната средина со кои е предвидено зголемување на казните за загадување. Колку тоа ќе Ви помогне во работата и дали ќе се намали загадувањето?
- Самото тоа што ќе бидеме присутни, што ќе се види поголема раздвиженост, ќе биде доволно предупредување. Не сакаме да ги фатиме во прекршок, сакаме да не загадуваат. А тоа е можно ако се почитуваат мерките за животна средина. Секаде каде што ќе се утврдат неправилности ќе се издаде решение. Ако не се отстранат недостатоците, ќе поднесеме прекршочна пријава. Законот овозможува опомена, можност да се усогласат, а понатаму и казни. Директно се казнува кога има сериозен прекршок, кога имаме големо нарушување на животната средина, кое треба да го документираме со мерење. Граѓаните бараат казни, тие се сериозна алатка и ќе ги примениме таму каде што ќе утврдиме големи прекршувања. Во меѓувреме ќе постапуваме според Законот за инспекциски надзор и ќе обезбедиме да се постапи секаде каде што е можно.
Висината на казните зависи од Законот за прекршоци, за кој во тек се измени. Досега ние требаше да се усогласуваме со Законот за прекршоци и да воспоставуваме категории на дела за да не ги намалиме казните, колку што се предвидени со Законот за прекршоци. Со овие измени ќе може да постапуваме по Законот за инспекциски надзор во животната средина и според другите материјални закони.
Каква е соработката на Државниот инспекторат за животна средина со инспекторите од општините? Што ќе направите за тоа да се подобри?
- Соработка на инспекторите од Државниот инспекторат и локалните инспектори била иницирана уште лани со одлука на Владата. Има многу општини без овластен инспектор за животна средина. Во некои општини комуналните инспектори се и инспектори за животна средина, но тоа не е голем проблем бидејќи комуналната сфера опфаќа помала област и е дел од животната средина, која опфаќа поголема област. Таа соработка ќе мора да продолжи бидејќи поради малиот број инспектори во Државниот инспекторат, ќе мора да се надополнуваме едни со други. Во случаи кога за одредени инсталации се надлежни општините, ќе мора да има инспектор кој ќе постапува по нив.
Дали економската криза што е последица на здравствената може да биде оправдување за компаниите да не ги спроведат прописите за заштита на животната средина?
- Не може да биде оправдување. Ако утврдиме дека има надминување на граничните вредности, и ако тоа е високо, можеме да издадеме решение за отстранување на недостатоците и забрана за работа. Ако тоа не се направи, тогаш ќе примениме поригорозни казни. Ќе одмеруваме кога треба да ги користиме алатките што ни се потребни.
Граѓанските организации реагираат дека со новиот ребаланс на Буџетот се кратат средства во животната средина. Колку тоа ќе се одрази врз реализацијата на зелените политики и како ќе влијае врз работата на Инспекторатот?
- Тоа се средства кои поради пандемијата тешко може да се потрошат до крајот на годината, а голем дел од средствата што се пренаменети се насочени да се заврши исплатата на реконструкција на колекторскиот систем во Охрид, кои беа скратени со претходниот ребаланс. Тие средства што се скратени за оваа година за животна средина имаше многу малку шанси реално да се потрошат. Според информациите што ги имам, нема кратење од средствата за Инспекторатот.
Фото: Борче Поповски