ПИСА: Наставниците не ги учат учениците да мислат критички, а тие, пак, оставаат празни листови

ПИСА: Наставниците не ги учат учениците да мислат критички, а тие, пак, оставаат празни листови

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra,gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Ова се само дел од причините што повторно ја сместија Македонија на дното на листата на ПИСА-тестирањата, која беше објавена деновиве


Ние, наставниците, треба да го смениме начинот на работа, да ги научиме децата да го интегрираат знаењето од различни области и да го искористат за да одговорат на прашања поврзани со реалниот живот, а и учениците посериозно да си го сфатат тестирањето, не да оставаат празни листови и невкусни шеги или пцости, посочува Елизабета Николовска-Софрониевска, наставничка по хемија во гимназијата „Орце Николов“ во Скопје за последните ПИСА-резултати.
Ова се само дел од причините што повторно ја сместија Македонија на дното на листата на ПИСА-тестирањата, која беше објавена деновиве. Се наметнуваат прашањата каде грешиме и зошто никако да ја подобриме нашата позиција на ова релевантно меѓународно тестирање што го прави ОЕЦД.

Тестот не влијае врз оценката, па учениците не се трудат

Според Николовска-Софрониевска, наставниците треба да инсистираат на применливост на знаењата. Македонските ученици не се подготвени да одговараат на прашања во кои се бара критичко мислење.
- На пример: им се дава текст од весник на тема помор на риби и од учениците се бара да одговараат на прашања поврзани со текстот, но тие не можат да одговорат на нив доколку не знаат за синџирот на исхрана, кружењето на водата во природата, густината на водата на различна температура итн. Овие знаења кај нас се застапени во програмите по различни предмети, некои во биологија, некои во физика или хемија, а некои во географија, но за да одговорат учениците, треба да ги синтетизираат знаењата, а тоа тешко го прават затоа што ние, наставниците, не правиме корелација и некако изолирано си ги работиме темите по својот предмет. Нашите наставници се школувале и сѐ уште се школуваат во систем кој поставува прашања од типот „пресметај, дефинирај, нацртај“, и кога наставникот така научил, така ќе ги учи и своите ученици - посочува таа.


Елизабета Николовска-Софрониевска

Друг многу важен аспект, според професорката, е тоа што учениците не ги сфаќаат сериозно овие тестирања. Учениците се повикуваат по случаен избор, им се објаснува дека тестирањето е анонимно и дека нема да влијае врз нивниот успех, па често знаат да ги остават тестовите празни зашто не сакаат да се мачат, објаснува Николовска-Софрониевска.

- Ако сакаме подобри резултати, мора претходно да ги подготвиме децата за тестот, со информации за тоа зошто е важно сериозно да го сфатат тестирањето, зошто е важно да не го оставаат тестот празен, зошто е важно да не пишуваат вулгарности, иако е анонимен. Значи, треба веднаш да се направи стратегија како да се подготвиме ние, наставниците, учениците, па и родителите за следното тестирање. Родителите ги споменувам зашто при првиот обид да се даде тест во кој ќе има прашања за кои нема конкретен одговор во ниту еден учебник ќе следува реакција од нив - вели наставничката.

Министерот се фали, ама резултатите не се за фалење

Иако министерот за образование и наука Арбер Адеми се пофали јавно дека имаме најголем успех досега, за наставничката тоа не е за фалење.
- Скокот не е зашто се сменија наставните програми или наставниците, туку веројатно поради ангажманот на МОН неколку месеци пред тестирањето да ги информира наставниците, а посредно и учениците, за времето и начинот на реализација на тестот, видот на тестовите итн. Замислете колкав скок ќе направевме ако подготовките почнеа многу порано? Убедена сум дека децата ќе покажат многу подобри резултати доколку МОН изготви материјали за подготовка, ги објави тестовите од претходните години на неговата интернет-страница, да ги објавува темите на тестирањето, да изготви наставни планови за класни часови за осмо, деветто одделение и прва година на кои ќе се реализираат теми од екологија, зачувување на енергијата и животната средина преку истражувачко учење - категорична е таа.



Николовска-Софрониевска е наставник во најдоброто средно училиште во земјава, според постигнатиот успех. Вели дека работи со паметни, вредни и амбициозни ученици, но го поставува прашањето – зошто кога толку време посветуваат на учење, резултатите покажуваат дека знаењата што ги стекнале им се неприменливи и дека најмалку три години заостануваат со знаењата зад нивните врсници од светот.

- Можеби затоа што нема кој да ги научи како да учат, како да стекнуваат применливи знаења, што значи креативно мислење. Цела јавност знае дека голема слабост на нашиот образовен систем е квалитетот на наставниот кадар. Наставниците се немотивирани, инертни, тешко се приспособуваат на брзите општествени промени, а тие се тие што треба децата да ги насочуваат кон истражувачко учење и критичко мислење. Какви промени и да се воведат во образовниот систем, наставниците се тие што треба да ги реализираат и ако тие не ги прифатат, тешко дека нешто ќе се смени. Ние како наставници треба да си ја прифатиме одговорноста за слабите резултати на нашите ученици и да бараме начини и методи како да излеземе од грубата рамка на наставните програми за да им дадеме на децата простор да си ги пронајдат своите афинитети и целосно да ги реализираат своите потенцијали во критичко согледување на светот и опкружувањето - смета таа.

Нефункционални знаења

Резултатите од последното тестирање се поразителни за целиот образовен систем, смета наставничката по математика Адријана Тодорова, која предава во училиштето „Петар Мусев“ во Богданци. Таа вели: „Лесно би било кога би можел виновникот да се покаже со прст или кога би можело точно да се дефинира причината што придонела за ситуацијата“. Таа посочува дека тестовите ПИСА не им претставуваат предизвик за решавање на учениците бидејќи не влијаат врз оценката.


Адријана Тодорова

- Последните години од воведувањето на наставната програма по математика и природни науки „Кембриџ“ главен акцент на неуспехот на учениците се ставаше на недостатоците на оваа програма. Меѓутоа, и на тестирањето во 2000 година учениците покажаа слаби резултати иако учеа по други наставни програми. Главниот проблем во нефункционалните знаења е во приодот кон реализацијата на самите наставни програми и во преоптовареноста со часови и предмети. За да бидат знаењата на учениците функционални, тие мора да ја увидат примената на наученото преку практични примери, односно во реални ситуации. Наставниците ги имаат поминато обуките за примена на современи методи и форми за работа, но не секогаш успеваат да ги применат поради преобемните програми и ограничениот број на часови по дадени теми, како и недостигот на ресурси за нивна реализација. Големиот број часови и преоптоварување на учениците со учење факти, кои само се меморираат, придонесуваат да имаме изморени деца кои учат само за да добијат оценка, која им претставува мотив за учење, а не знаењето - смета Тодорова.

Мите Ристов, професор по географија во гимназијата „Јосип Броз Тито“ од Битола, смета дека лошите резултати се должат на лошите наставни планови и програми, несоодветните просторно-технички услови за работа и недостигот на нагледни средства и практична настава.

- Кога на ова ќе се додадат и лошите реформи во образованието, особено повеќегодишното екстерно оценување на учениците и практикување фактографско меморирање на податоци, а не логичко и критичко размислување, доаѓаме до лоши резултати на меѓународните тестирања. Само преку сеопфатно вклучување на сите чинители во воспитно-образовниот процес, постојано „слушање“ на базата за проблемите во образованието и нивно вклучување во реформите ќе може да се унапредат знаењата кај учениците и да се постигнат забележителни резултати во наредните ПИСА-тестирања - вели Ристов.


Мите Ристов

Според професорот, МОН што побрзо треба да преземе мерки за да се подобрат знаењата на учениците:

- целосно ревидирање на наставните планови и програми по сите предмети и усогласување со успешните образовни системи во Европа и во светот;

- изработка на квалитетни учебници составени од тим на квалитетни автори со големо искуство во наставата, каде што ќе доминираат наставници, а не универзитетски професори, и поголемо вклучување на визуализацијата во учебниците, преку графикони, карти, слики и други методи за логичко и критичко расудување кај учениците;

- изработка на работни тетратки за наставниците и учениците, со цел унифицирање на наставата насекаде во државата;

- изработка на стратегија за реновирање на училиштата и изградба на нови училишта, со конкретни суми, рокови и инвеститори, со цел подобрување на материјално-техничките услови за работа;

- изработка на буџет за годишни блок-дотации за училиштата за набавка и обнова на нагледните средства и воведување кабинетска настава и лаборатории, особено по природните науки;

- овозможување систем за награда на квалитетните наставници и нивно понатамошно мотивирање за работа, бидејќи во моментот целокупниот наставен кадар зема иста плата, работел или „не работел“;

- јакнење на Бирото за развој на образованието и негово доекипирање со поголем број советници по сите наставни предмети и нивно поактивно вклучување во советувањето на наставниците за поквалитетна настава со годишен план за посета на часовите. Во моментот по одредени наставни предмети нема ниту еден или има само еден до двајца советници во цела држава, што е недопустливо.