Доделени 20 стипендии „Борис Трајковски“ за Сити колеџ во Солун

Доделени 20 стипендии „Борис Трајковски“ за Сити колеџ во Солун

Денеска се доделени 20 стипендии „Борис Трајковски“ за академската 2021/2022 година, за студии од втор циклус за Паневропската извршна МБА програма на Сити колеџ, Европскиот кампус на Универзитетот Јорк, соопштува Кабинетот на претседателот на државата.

- Образованието треба да им помогне на младите не само да се стекнуваат со теоретски знаења, туку и да ги оспособи преку слободно и независно размислување да наоѓаат решенија за реалните предизвици и проблеми. И токму затоа ни се потребни млади луѓе како вас со претприемачки ум и дух, кои преку индивидуални напори и успех ќе донесат и заеднички успех за македонската економија - рече претседателот Стево Пендаровски на доделувањето на стипендиите.

Тој ја нагласи и двојната важност на стипендиите „Борис Трајковски“, кои освен во образованието, се инвестиција и во довербата меѓу двете држави.

Говорејќи за програмата, директорот на Сити колеџот во Солун, Јанис Верверидис, порача дека добитниците на стипендиите ќе имаат можност да стекнат пошироко искуство кое ќе им го промени начинот на размислување и дејствување, преку развивање нови капацитети и квалитети. Стипендиите се резултат на заедничката активност и соработка на претседателот на државата и МОН со Сити колеџ, Европскиот кампус на Универзитетот „Јорк“ во Грција.