Хрватска е новата Германија за докторите, ни бегаат и во пандемија

Хрватска е новата Германија за докторите, ни бегаат и во пандемија

Подготвил: Радмила Заревска

Лектор: Ивана Кузманоска

Во изминативе години на работа во Хрватска заминаа и лекари од Македонија. Меѓу нив е и Силвана Младеновска, чија животна приказна ја отсликува реалната состојба на тој европски тренд. По 16 години работа како лекар во Македонија, веќе една година живее и успешно работи во Хрватска

Недостигот не само на доктори, туку на севкупен медицински кадар во земјава веќе подолго време е рак-рана на здравствените установи.
Ако со години се зборуваше дека поголем е недостигот на лекари во градовите во внатрешноста на земјата, од почетокот на пандемијата на ковид-19 речиси со сигурност може да се каже дека состојбата со одлив на медицински кадар е критична и во Скопје.
Преселбата на лекарите од една во друга држава во Европа и од Европа кон арапскиот свет, најмногу во Дубаи, веќе неколку години е тренд кој овозможува полесно да се дојде до работа и до повисоки плати. Високоразвиените држави на Европа го пополнуваат недостигот со лекарите од поновите членки на ЕУ, а на нивно место доаѓаат лекари од држави што не се членки на Унијата.

Токму Хрватска е еден таков пример, каде што изминативе години на работа заминаа и лекари од Македонија. Меѓу нив е и Силвана Младеновска, чија животна приказна ја отсликува реалната состојба на тој европски тренд. По 16 години работа како лекар во Македонија, денес е успешна и во Хрватска. Оваа македонска докторка веќе една година живее и работи во малото место Врховине.
Упатените посочуваат дека состојбата во Хрватска е алармантна, дека се чувствува огромен дефицит на доктори, особено доктори по семејна медицина.

На социјалната мрежа „Фејсбук“, во група каде што најголемиот број од нејзините членови се доктори, таа го сподели своето искуство, особено за работата во време на пандемија на ковид-19, а сподели и искуства за оние доктори што сакаат да работат надвор од земјата.
Овој тренд го наметнува прашањето: Што сѐ ги поткопува статусот и положбата на лекарите во нашата земја и дали се потребни итни мерки да се спречи егзодусот на белиот мантил и опасноста од колапс на јавното здравство. Колку се вреднувани нивниот труд и нивната пожртвуваност?



Хрватите имаат повеќе привилегии во здравствениот систем

Силвана брзо и лесно се приспособила во Хрватска. Работи во малото место Врховине, кое повеќе наликува на село отколку на град, во мала, но добро опремена амбуланта.
Условите за работа се солидни, а платата на општ лекар без специјализација е барем дупло поголема отколку во Македонија.

- Секако дека шансите за професионален просперитет на еден доктор во Хрватска се поголеми од оние во Македонија, таму еден доктор може да изгради солидна кариера - посочува таа.

Вели дека на оние македонски доктори што имаат дипломирано до октомври 1991 година во Хрватска им се признава дипломата во целост. На оние што имаат неколку години работен стаж, а особено специјализација, им ја признаваат дипломата и полагаат само државен испит (правен дел).
Пациентите во Хрватска ги почитуваат докторите, секако, и раководниот кадар.

- Не знам дали е тоа поради менталитетот на луѓето или поради недостигот на доктори -вели таа.
Смета дека предност во справувањето со пандемијата во Хрватска е тоа што ПЦР-тестовите се бесплатни за оние со симптоми или за оние што одат на оперативни зафати.
Вели дека за нијанса е подобра организацијата на здравството во Хрватска отколку во Македонија.

- На пример, Хрватите имаат право на платен пат до здравствена установа ако таа е оддалечена 30 км од нивното место на живеење, како и на санитетски превоз со болничко возило. Но, листите на чекање за специјалистички прегледи и тука се долги - посочува таа.

Смета дека македонскиот здравствен систем треба да им даде поголеми овластувања на семејните лекари, оти така би се растоварило секундарното здравство.

- Исто така, треба да се зголеми капитацијата за да можат и оние што се вработени во некоја приватна амбуланта да имаат плата достојна за нивниот степен на образование. Можеби тогаш одливот на лекарите во Македонија ќе биде многу помал - посочува Силвана.



Нема точна евиденција колку доктори ја напуштиле земјата


Лекарската комора нема точна евиденција колку лекари се одлеале од јавното во приватно здравство, но и надвор од државата од започнувањето на пандемијата.
Согласно своите надлежности, Лекарската комора им издава потврда (гоод стандинг) на докторите дека се членови на комората и дека против нив не се води постапка пред Судот на честа при Лекарската комора.

- Овие потврди им се неопходни на докторите за едукација во странство, стручен или студиски престој во странство, обука и доусовршување, меѓународни проекти, како и на оние што заминуваат да живеат и работат надвор од земјава - посочуваат оттаму.

Од почетокот на годинава до октомври, до Лекарската комора биле поднесени 121 барање за потврди за странство.
Во 2020 година биле поднесени 110 барања, додека во 2019 година дури 170 барања.
Околу 25 доктори секоја година повторно бараат да им се издаде ваква потврда.