Дали наседнавме на една од најголемите измами: Од каде доаѓа хималајската сол и дали е навистина здрава?

Дали наседнавме на една од најголемите измами: Од каде доаѓа хималајската сол и дали е навистина здрава?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Колку има вистина во тврдењето дека хималајската сол е исклучително здрава и дека за неа вреди да се плати повеќе затоа што има многубројни придобивки за нашиот организам?

Хималајската сол веќе некое време е на врвот на листата со намирници кои направија вистински бум во светот на здравата исхрана. Розовите гранули, значително поскапи од класичната кујнска сол, освоија многумина, а сето тоа поради тврдењата дека помагаат во зачувување на здравјето, најмногу затоа што содржат 84 скапоцени минерали неопходни за организмот.

Бидејќи постојат толку многу видови сол, од морска до хавајска и хималајска, логично е прашањето која е најдобра. Во сите нив главната состојка е натриум хлорид, а само мали количини на други супстанции се разликуваат.

Затоа, розовата хималајска сол е хемиски слична на кујнската сол. Содржи до 98 отсто натриум хлорид. Остатокот се состои од минерали во траги, како што се калиум, магнезиум и калциум, кои на солта ѝ даваат светлорозова нијанса и специфичен вкус.

Но, што се однесува до здравствените придобивки, бидејќи содржи околу 98 отсто натриум хлорид, тоа значи дека оваа сол има само околу 2 отсто минерали. Со оглед на релативно ограничените количества на овие супстанции во количината на сол што вообичаено ја консумираме, мала е веројатноста дека може да ни обезбеди некои значајни здравствени придобивки.

Исто така, сомнителни се и тврдењата дека хималајската сол има помалку натриум од кујнската сол. Како што е наведено, и двете имаат приближно 98 отсто натриум хлорид. Но, розовата сол обично е во поголеми кристали од кујнската сол, така што технички може да содржи помалку натриум по кафена лажичка.

Некои веруваат дека розовата сол може да му помогне на телото да постигне оптимален баланс на течности и да спречи дехидрација. Вистина е дека натриумот е неопходен за одржување на правилен баланс на течности во телото, но ова важи за натриумот и од други извори, исто како и за розовата хималајска сол.

Од друга страна, со хималајската сол треба да се внимава на внесот на јод. Јодот е минерал кој му е потребен на телото за одржување на правилната функција на тироидната жлезда и клеточниот метаболизам. Одлични извори на јод се рибата, морските плодови, млечните производи и јајцата. Јодизираната кујнска сол е уште еден вообичаен извор на овој минерал, а хималајската сол содржи помалку јод од кујнската сол.

И покрај фактот дека розовата хималајска сол содржи само мали количини дополнителни минерали, многу луѓе и понатаму тврдат дека има многубројни здравствени придобивки како тоа дека помага при респираторни заболувања, ја балансира pH-вредноста во телото, ги намалува знаците на стареење, го подобрува квалитетот на сонот, го регулира шеќерот во крвта, го зголемува либидото.

Вистината е дека повеќето од овие тврдења не можат да бидат поддржани со некое сериозно истражување. На пример, солените соби како третман за разни белодробни заболувања може да бидат од одредена корист, но генерално, потребни се поригорозни истражувања за да се испита нивната ефикасност.

Од друга страна, некои од овие тврдења се само нормални ефекти на натриум хлорид во телото, така што овие придобивки ќе ги добиете од секаков вид сол. На пример, истражувачите откриле дека исхраната со многу малку сол може да предизвика проблеми со спиењето, па затоа е јасно дека соодветната количина сол е неопходна за квалитетен сон. Сепак, розовата хималајска сол не е доволно испитувана, така што ова веројатно е ефект на натриум хлоридот од која било сол.

Исто така, минералите во розовата хималајска сол не се присутни во доволно големи количини за да имаат какво било влијание врз pH-рамнотежата на телото. Белите дробови и бубрезите ја регулираат pH-вредноста на телото без помош на хималајската сол. Понатаму, шеќерот во крвта, стареењето и либидото примарно се контролирани од други фактори освен солта во исхраната и едноставно нема научни студии кои покажуваат дека хималајската сол може да има некоја од овие здравствени придобивки.

Радиоактивни материи


Во моментов, нема научни докази дека розовата хималајска сол дава повеќе здравствени придобивки од обичната кујнска сол. Замената на кујнската сол со розови гранули на крајот може да помогне да се намали внесот на натриум, но, како и со секој друг вид сол, треба да внимавате на дневниот внес.

Некои научници тврдат дека хималајската сол, освен што нема докажани здравствени придобивки, содржи голем број радиоактивни материи, како што се радиумот, ураниумот и полониумот, но и супстанции кои дејствуваат како отрови, како што е талиумот, иако за среќа, го има во мали траги.

Затоа, хималајската сол не треба да се гледа како гаранција за здравјето додека легитимните клинички студии не го докажат спротивното.

Извор: Lolamagazin.com
Фото: Freepik