„Мислам, значи протестирам“ - српските студенти ги блокираат факултетите

„Мислам, значи протестирам“ - српските студенти ги блокираат факултетите

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

„Само вработени и студенти“, ми вели дежурниот млад човек на вратата на Филолошкиот факултет во Белград. Претурам по ранецот, но не можам да го најдам клучниот доказ дека сè уште учам - индексот.

Останувам од другата страна на гломазната дрвена врата кај Студентскиот плоштад, во друштво на доставувач на брза храна и десетина студенти опкружени со транспарентите „Студентите во блокада“ и „Борба против корупцијата“.

- Студентите отсекогаш играле важна улога во протестите и ние сме свесни за нашата политичка и социјална моќ - изјавил за Би-би-си на српски Ранко Матејиќ, студент на Хемискиот факултет во Белград.

Во текот на 20 век студентите беа дел од политичките превирања на Балканот во неколку наврати, од борбата против фашизмот, преку протестите во 1968 година, до демонстрациите против режимот на Слободан Милошевиќ во 90-тите. Последниот бран блокади на високообразовните институции го иницираа студентите на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) со митинг на 22 ноември 2024 година, со цел да им се оддаде почит на загинатите во трагедијата кога се урна натстрешницата на железничката станица во Нови Сад.

Тогаш при блокадата на раскрсницата кај факултетот се случи инцидент, кога група луѓе наводно ги нападнале студентите и побарале да го прекинат протестот. Студентите потоа решиле да го блокираат универзитетот и побарале полицијата да ги идентификува лицата што ги нападнале и да ги гони. Тие, исто така, го осудиле претходното насилство, апсење активисти и полициска тортура, како што е апсењето на студент на протестот во Нови Сад, повикувајќи ги студентите од другите факултети да им се придружат.

Една недела подоцна беше блокирана и зградата на Ректоратот на белградскиот универзитет, а во меѓувреме им се приклучија и други факултети низ Србија. Бараат кривично гонење на одговорните за трагедијата во Нови Сад и објавување на сите документи поврзани со падот на натстрешницата. Од Ректоратот без одговор на прашањата за нивниот став за студентските блокади, ниту пак точно одговориле колку факултети се блокирани.

- Го почитуваме правото на студентите на слобода на мисла и изразување и критичко размислување, како неотуѓив дел од индивидуалните права во едно демократско општество и особено во академската заедница. Истовремено, апелираме дијалогот да се одвива во конструктивен дух, со почит кон институциите и нивната улога - стои во соопштението на Ректорскиот колегиум за медиумите и додаваат дека продолжуваат со нормална работа.

Блокадите на факултетот ги критикува и претседателот Александар Вучиќ, порачувајќи им на студентите дека не можат да изберат кој ќе биде гонет оти тоа го прави обвинителството.

Речиси иста слика и затворени врати има и пред Филозофскиот и Политичкиот факултет во Белград. Учениците влегуваат и излегуваат носејќи пластични шолји кафе и шишиња вода, а сè по малку потсетува на зимско кампување, само без шатори. Некои повремено гледаат во телефонот и пишуваат пораки, а најчесто поминуваат време во разговор.

фотоизвор: Instagram/Megju nama

-Блокадата ќе трае додека не се исполнат барањата. За време на блокадата се менуваме на осум часа - објаснува Ела Зековиќ, студентка.

Студентите, вели таа, се расфрлани низ факултетот, „во едни училници учат, во други гледаат филмови и прават транспаренти“.

-Имаме и инструменти, правиме караоке. Ни помагаат и луѓе однадвор, ни даваат поддршка и носат храна - додава таа.

Следното утро повторно сум пред Филолошкиот факултет, овој пат со индекс. Девојката на вратата учтиво ме пушта во зградата, препознавајќи дека лицето на фотографијата е мое. Влегувам и гледам неколку студенти и професори во ходникот, столчиња и дрвени клупи со храна, вода и слатки.


Многу училници се заклучени. Ме пречекува и колега на кој вчера му се пожалив дека не можам да влезам без индекс. Наоѓам триесетина студенти во Салата на хероите, најголемиот амфитеатар во зградата. Зборуваат, прелистуваат сценарија, се смеат и шегуваат. Не се сите филолози. Некои се од Биолошки, некои од Хемиски, а има и студенти од Факултетот за драмски уметности.

-Знам дека ќе акумулираме материјал, но во моментов ни е поважно да живееме во нормално општество. Професорите не држат предавања, а ако дознаеме дека се одржуваат предавања во некоја од училниците, заминуваме со свирежи и чекаме да се разотидат - објаснува студентка.

Навечер одржуваат работилници за читање, а планираат и симболично да го проследат филмот „Друштвото на мртви поети“.

фото извор: YouTube screenshot/Nova S

Нови Сад: Филозофски факултет, Центар за блокади

- За разлика од нивните колеги во Белград, кои си одат дома и ги блокираат зградите на смена, во зградата на Филозофскиот факултет во Нови Сад студентите спијат - вели Бранислав Ѓорѓевиќ, студент по историја.

Откако почнаа нивните протести во овој град на 2 декември, студентите го минуваат времето со друштвени игри и печатење транспаренти.

- Овде е собирниот центар, поканети се сите студенти од другите факултети да дојдат, а подоцна се организираат за нивните блокади - вели Ѓорѓевиќ.

Како е во Ниш?

-„Протестот е испит“ – пишува на голем транспарент на нишките студенти.

 
Тие на 4 декември од 11:52 часот - времето кога падна натстрешницата на 1 ноември - до крајот на работното време ја блокираа зградата на Ректоратот во Ниш.

Од 6 декември започната е блокада на Филозофскиот факултет.

- Вака испраќаме поддршка до нашите колеги од Нови Сад и Белград - вели Матеја Николиќ, студент на Правниот факултет во Ниш.

Велат и дека се „Гладни за правда“, а има и пароли „Сѐ што ставија в џеб ни падна над глава“, „Рацете ви се крвави“.

И додека блокадите на факултетите продолжуваат низ цела Србија, во зградата на Филолошкиот факултет во Белград студентите во 11:52 часот, секој ден, излегуваат да им оддадат почит на 15. жртви со 15-минутно молчење.

 

Автор: Кристина Клајиќ

Извор: bbc.com/serbian

Фото: YouTube screenshot/Nova S