УНЕСКО ги призна традиционалната изработка и свирење на гајда за нематеријално културно наследство на човештвото

УНЕСКО ги призна традиционалната изработка и свирење на гајда за нематеријално културно наследство на човештвото

Културното добро „Традиционална изработка и свирење на гајда“ е впишано на Репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото, соопштија од Министерството за култура.

Оттаму додаваат дека мултинационалната номинација, поднесена од Македонија и Турција, беше разгледана и усвоена на вчерашната сесија на 19. СОМ на Меѓувладиниот комитет на УНЕСКО за заштита на нематеријалното културно наследство, што се одржува во Асунсион, Парагвај.

- Ова е важен момент во македонската култура бидејќи дури по 7 години нашата држава впишува уште едно нематеријално културно добро на листите на УНЕСКО, со што вкупниот број на впишани заштитени добра од нашата држава е 6, од кои веќе 2 заеднички со Република Турција. Номинацијата беше подготвена со меѓусебна координација на македонскиот тим, составен од претставници од Управата за заштита на културното наследство и од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје и експертскиот тим на Министерството за култура и туризам на Република Турција. Впишувањето на добрата на листите на УНЕСКО претставува обврска за државите, но и можност за промоција на националното богатство во глобални рамки и зачувување за идните генерации - стои во соопштението.

Сесијата на Комитетот има цел да ги промовира целите на Конвенцијата, да обезбеди насоки за најдобри практики и да даде препораки за мерки за заштита на нематеријалното културно наследство. Со годинашната сесија на Комитетот претседава Ненси Овелар де Горостиага, амбасадор и постојан делегат на Република Парагвај во УНЕСКО, и на неа учествуваат претставници од земјите членки, невладини организации, културни институции и други учесници од целиот свет.

Македонија стана дел од светската карта на држави со впишано нематеријално културно наследство на листите на УНЕСКО во 2013 година со впишувањето на „Чет`рсе – празнувања на Светите четириесет маченици во Штип“, потоа „Копачката“ – машко соборско оро од село Драмче, Пијанец“ (2014 г.), заедничката апликација на Македонија и Турција „Пролетна прослава Х’дрлез“ и мултинационалната апликација на Македонија, Бугарија, Романија и на Молдавија „Културни практики поврзани со 1 Март“ (2017 г.) на Репрезентативната листа на УНЕСКО на нематеријално културно наследство на човештвото, и со впишувањето на „Гласоечко – двогласно машко пеење во Долни Полог“ (2015 г.) на Листата на УНЕСКО на нематеријално културно наследство за ургентна заштита.

Фото: YouTube (screenshot)