Нов туристички тренд во Азија: Дали би прифатиле патување без цел?

Нов туристички тренд во Азија: Дали би прифатиле патување без цел?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Во Источна и Југоисточна Азија се шири необична практика позната како „патување никаде“, во која патниците со авиони и бродови наместо да патуваат до одредена дестинација, прават круг во воздухот или на море за да ја задоволат желбата за патување, да ја ублажат носталгијата за патување и да уживаат во услугата што се нуди во тие превозни средства.

Во втората половина на август, на летот на најголемата јапонска авиокомпанија АНА се качиле 334 лица од аеродромот „Нарита“. Авионот направил кружен лет над најголемиот домашен остров Хоншу, со кој го имитираше патот кон Хаваите.

Иако авионот воопшто не го напуштил јапонскиот воздушен простор, персоналот и патниците се преправале дека одат во Хонолулу - екипажот носел кошули во хавајски стил, била пуштена музика и снимки од тие вулкански острови и се служела храна што инаку се служи за време на летот до тој пацифички архипелаг.

„Љубовни летови“


Но, оваа јапонска авиокомпанија не е пионер во ваквите патувања. Претходно тајванската авиокомпанија „Ева ер“ остварила тричасовен лет што почнал и завршил на аеродромот „Таојуан“, во главниот град Тајпеј. Главните атракции на овој лет, кој бил рекламиран како „искуство во алтернативно патување“, а за кој картите чинеле помеѓу 180 и 215 долари, биле набљудување на крајбрежниот предел и одлични јадења подготвени од реномираниот јапонски готвач Мотоказу Накамура.

Истата тајванска компанија за католичкиот Божиќ (кој во Источна Азија се смета за романтичен ден кога заљубените излегуваат заедно) и за Нова година организирала и три љубовни лета чија дестинација не била никаде, туку патувањето имало цел да се запознаат припадници од спротивниот пол.

Билетите за тие кружни летови можеле да ги купат само млади во дваесеттите и триесеттите години.

За речиси 300 долари, покрај тричасовниот лет, тие добиле уште два часа забава на аеродромот за да имаат повеќе време да најдат нов партнер меѓу патниците.

avion
Фото: Freepik

Молитва од воздух

Голем иноватор во услови на пандемија е и тајландската авиокомпанија „Таи ервејс“, омилена во Азија. Компанијата е позната по своите услуги и атрактивни стјуардеси.

Во ноември авиокомпанијата организирала тричасовен лет со кој авионот едноставно прелетал над значајните будистички храмови и споменици во земјата за на верниците да им овозможи да се помолат на тие свети места и да рецитираат извадоци од будистичките сутри.

Освен тоа, на почетокот од септември авиокомпанијата отворила кафе-ресторан во седиштето на самата компанија каде што гостите ги служат стјуардеси, седејќи на седишта какви што има во бизнис и економска класа, а можат да консумираат храна што се служи за време на летовите.

Интересно е и тоа што „Таи ервејс“ воведе и услуга за доставување оброци што вообичаено се служат на нејзините летови до домашните адреси на клиентите. Компанијата дури нуди искуство на виртуелен лет во симулатори во кои се обучуваат нејзините пилоти.

Крстосување без цел

Патниците не мора да патуваат исклучиво со авион. Менаџерите на компаниите „Гентинг круз лајнз“ и „Ројал карибиен“ неодамна организираа патување од пристаништето во Сингапур без целна дестинација.

Како дел од иницијативата на локалната власт за заживување на туризмот, гигантскиот брод „Ројал Кариби“ со 1.148 члена на екипажот и забавувачи испловил од пристаништето на Сингапур, на 3 декември, на четиридневно патување до никаде.

На почетокот од декември речиси 3.000 луѓе се качиле на бродот „Ројал Кариби“ во Сингапур за да уживаат во нов, надреален вид патување. Но 80-годишен човек добил дијареја и бил тестиран во амбулантата на бродот, а резултатот се покажал како позитивен на Ковид-19, патувањето било нагло прекинато.

Иронично, подоцна излегло дека патникот бил негативен, односно дека патувањето било прекинато поради неточен медицински наод.

brod
Фото: Freepik

Аргументи „за“ и „против“ патувањата без цел


Патувањето без цел звучи иронично и ирационално. Не само што се чини бесмислено, бидејќи не ја исполнува основната цел на патувањето, туку критичарите велат дека е и непрофитабилен чин и поради тоа неоправдано ја загадува животната средина.

Во психолошка и морална смисла, продавањето илузии и лекувањето фрустрации преку преправање се чини одбивно и вознемирувачко, инфантилно преправање за патување во странство кога всушност останувате во вашата земја.

Сепак, не треба да се занемари фактот дека компаниите од областа на туризмот и транспортот имаат што да добијат, дури и кога самиот лет е економски неисплатлив. Имено, со организирање алтернативни патувања тие добиваат присуство во медиумите, остануваат во свеста на потрошувачите, вработуваат дел од своите работници и се позиционираат на пазарот за време на постпандемијата. Така тие оставаат впечаток дека се проактивни и иновативни и дека не чекаат државата да ги спаси.

Од друга страна, потрошувачите, покрај тоа што ја задоволуваат желбата да ја напуштат куќата и да вратат барем дел од животот што го имале пред пандемијата, можат да кажат дека пробале нешто што порано не постоело, дека се едни од ретките што искусиле нова, необична форма на туризам.

Во зависност од тоа на што се става акцент од горенаведеното, патувањето без цел може да се оцени како еден вид колективно лудило предизвикано од длабоката психолошка и економска криза од пандемијата или респектабилен обид да се направи нешто во екстремно тешки услови.

Извор: Telegraf.rs
Фото: Pixabay