Уживањето во вино и сирење го намалува ризикот од деменцијата

Уживањето во вино и сирење го намалува ризикот од деменцијата

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Време е да ги заштитите вашите когнитивни способности, па добро би било да се напиете чаша вино со едно парче сирење.

Богатото сирење и луксузните вина можеби не изгледаат здраво на прв поглед, но истражување од Државниот универзитетот во Ајова посочува дека здравствените влијанија на овие деликатеси се позитивни.

Истражувањето ги испитало врските помеѓу исхраната и когнитивниот пад кај возрасните. Некои од резултатите покажале пријатно изненадување. Според истражувањето, комбинацијата на вино и сирење може да помогне во спречување на когнитивниот пад, па дури и деменција кај луѓето со специфични генски предиспозиции.

Истражувачите проучувале 1.787 возрасни од средна до доцна возраст во Велика Британија во период од 10 години. Секој од нив направил тест за интелигенција на почетокот, средината и на крајот од истражувањето. Овој вид интелигенција ги мери когнитивните способности, како што е меморијата. Во тој период учесниците редовно ги евидентирале своите навики во исхраната во прашалници, забележувајќи го дневниот внес на овошје, зеленчук, млечни производи итн. Потоа тимот го анализирал значењето на исхраната во промените на когнитивните способности на испитаниците.

vino
Фото: Freepik

Тимот открил дека статистички значајните резултати зависат од генскиот ризик.

За луѓето без семејна историја на деменција, откриено е дека дневната порција сирење е поврзана со повисоките оцени на тестот. Ова укажува на тоа дека луѓето без генска предиспозиција можат да имаат корист од консумирање сирење - најверојатно како резултат на калциумот, витаминот Б12 или добрите бактерии што се наоѓаат во млечниот производ.

Ако имате семеен ризик од деменција, црвеното вино може да биде поефикасен избор во исхраната. Резултатите покажаа дека умереното пиење вино може да ги задржи когнитивните способности кај општата популација, особено кај оние кај кои е забележано опаѓање. Исто така, овие луѓе мора да внимаваат на солта.

Но, важно е да се знае дека премногу вино и сирење може да предизвика здравствени проблеми што не се поврзани со когнитивните способности, па затоа е неопходна умереност и рамнотежа за да се добијат придобивките откриени од истражувањето.

Авторот на истражувањето, Брендон Клинединст, препознал двојни улоги во исхраната и генетиката во когнитивниот пад кај лицата што стареат.

Потребни се повеќе истражувања, вклучително и рандомизирани клинички испитувања за целосно да се утврди кој и како има корист од одредени прехранбени производи. Се чини дека исхраната е важен модулатор на ризик за деменција кај возрасните.

Извор: Mymodernmet.com
Фото: Freepik