Научниците сѐ уште не можат да сфатат зошто некои планети имаат стотици месечини, додека други немаат ниедна

Научниците сѐ уште не можат да сфатат зошто некои планети имаат стотици месечини, додека други немаат ниедна

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Кога ќе погледнете навечер во ноќното небо, можете да ја забележите Месечината како сјае од стотици илјади километри оддалеченост. Но, ако одите на Венера, тоа нема да биде така со оглед на тоа што не секоја планета има месечина.

Зошто некои планети имаат стотици месечини, додека други немаат ниедна?


Најпрво, Месечината се нарекува природен сателит. Астрономите ги нарекуваат сателитите објектите во вселената што орбитираат околу поголеми тела. Бидејќи Месечината не е создадена од човекот, таа е природен сателит.

Во моментов постојат две главни теории за тоа зошто некои планети имаат месечини. Месечините се или гравитациски заробени во радиус на Хиловата сфера или се формирани заедно со Сончевиот Систем.

Објектите вршат гравитациона сила на привлекување на други блиски објекти. Колку е поголем објектот, толку е поголема силата на привлекување. Оваа гравитациска сила е причината поради која сите остануваме приземјени на Земјата наместо да лебдиме.

Во Сончевиот Систем доминира големата гравитациона сила на Сонцето, која ги држи сите планети во орбитата. Сонцето е најмасивниот објект во нашиот Сончев Систем, што значи дека има најголемо гравитационо влијание врз објекти како што се планетите.

1
Фото: Nicole Granucci

За да може сателит да орбитира околу планета, тој треба да биде доволно блиску за планетата да има доволно сила за да ја задржи во орбитата. Минималната оддалеченост за една планета да држи сателит во орбитата се нарекува радиус на Хиловата сфера.

Радиусот на Хиловата сфера се заснова на масата и на поголемиот и на помалиот објект. Месечината што орбитира околу Земјата е добар пример за тоа како функционира радиусот на Хиловата сфера. Земјата орбитира околу Сонцето, но Месечината е доволно блиску до Земјата, па ја фаќа гравитационата сила на Земјата. Месечината орбитира околу Земјата, наместо Сонцето, бидејќи се наоѓа во радиусот на Хиловата сфера.

Помалите планети како Меркур имаат мал радиус на Хиловата сфера бидејќи не можат да извршат големо гравитациско влечење. Наместо тоа, сите потенцијални месечини веројатно би биле привлечени од Сонцето.

Многу научници сè уште истражуваат дали овие планети можеби имале мали месечини во минатото. За време на формирањето на Сончевиот Систем, тие можеби имале месечини кои биле исфрлени при судири со други вселенски објекти.

Марс има две месечини, Фобос и Деимос. Научниците сè уште дебатираат дали тие дошле од астероиди кои поминале блиску до радиусот на Хиловата сфера на Марс и биле заробени од планетата, или дали биле формирани во исто време со Сончевиот Систем. Повеќе докази ја поддржуваат првата теорија, бидејќи Марс е блиску до астероидниот појас.

Јупитер, Сатурн, Уран и Нептун имаат поголеми радиуси на Хиловата сфера бидејќи се многу поголеми од Земјата, Марс, Меркур и Венера и се подалеку од Сонцето. Нивните гравитациони сили можат да привлечат и да задржат повеќе природни сателити како што се месечините во орбитата. На пример, Јупитер има 95 месечини, додека Сатурн има 146.

Друга теорија сугерира дека некои месечини настанале во исто време со Сончевиот Систем.



Научниците веруваат дека многу одамна голем објект со големина на Марс се судрил со Земјата. За време на тој судир, големо парче излетало од Земјата во нејзината орбита и така се формирала Месечината.

Научниците претпоставуваат дека Месечината настанала на овој начин бидејќи на површината на Месечината пронашле еден вид карпа наречена базалт, кој изгледа исто како базалтот пронајден во почвата на Земјата.




Извор: Livescience.com
Фото: Freepik