Жртвувањето на кинеските лекари среде епидемијата на коронавирусот - не ги запираат ни болести ни венчавки

Жртвувањето на кинеските лекари среде епидемијата на коронавирусот - не ги запираат ни болести ни венчавки

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Коронавирусот, кој неодамна се појави во Кина, за кратко време го вклучи алармот во целиот свет. Досега се заболени повеќе од 31.500 лица, најмногу во Кина, но вирусот ги премина границите на Кина и се прошири и во соседните земји, но и на другите континенти. Од вирусот починаа повеќе од 630 лица, а повеќе од 1.600 закрепнале.

И додека сите најмногу мислат на заболените, ретко кој помислува на лекарите, кои го носат најголемиот товар. Медицински персонал од целата земја се испраќа во епицентарот на вирусот, а приказните што ги пренесуваат медиумите и се појавуваат на социјалните мрежи се доказ за посветеноста на овие лица на работата.

Можеби една од најтрогателните вести е онаа за смртта на 28-годишниот лекар Сонг Јингѓе, кој починал откако десет дена по ред се борел против коронавирусот. Тој колабирал и починал од акутен застој на срцето, наводно добиен од премореност. Задачата на младиот лекар била да ги проверува возачите и патниците на автопат и тој работел без престан од 25 јануари.

Тука е и приказната за 57-годишниот лекар Џанг Дингју, кој боледува од неизлечивата болест амиотрофична латерална склероза (АЛС). Тоа е прогресивна, обично смртоносна, невродегенеративна болест предизвикана од дегенерација на моторните неврони, нервните клетки во централниот нервен систем кои го контролираат волното движење на мускулите. Како моторна невронска болест, таа предизвикува мускулна слабост и атрофија по целото тело. Моторните неврони дегенерираат, престанувајќи да испраќаат пораки до мускулите. Поради тоа, и мускулите атрофираат како резултат на неактивност. Пациентот може конечно да ги загуби сите волни мускулни движења освен оние на очите.

Фото: Xinhua

- Можеби нема Супермен кој ќе дојде да го спаси Џанг, но во текот на изминатиот месец тој стана Супермен за многу луѓе во Вухан. Џанг знае дека неговото време истекува. Неговите нозе неодамна станаа немоќни. Тој мора цврсто да се држи за оградата покрај скалите додека оди нагоре и надолу - пишува „Синхуа“.

Како претседател на болницата Ѓинјинтан во Вухан, едно од најголемите боишта со епидемијата, Џанг и стотици негови колеги се најдоа во првите борбени редови против епидемијата на коронавирусот.

- Никогаш не сум почувствувал толкав притисок како денеска. За мене АЛС е како меч кој виси во воздухот. Морам да дадам придонес со она ограничено време што ми остана. Се обидувам да ја наттрчам смртта, спасувајќи време и повеќе пациенти - истакна Џанг.

Во меѓувреме, на социјалните мрежи постојано се појавуваат фотографии од исцрпени кинески лекари како спијат на подовите, на бироата и на столчињата.
Може да се видат и фотографии од нивните лица откако носеле маски многу долго време. Одредени корисници на „Твитер“ пишуваат и дека лекарите лекуваат пациенти без да јадат и спијат од 9 до 12 часа.

Лекарите работат толку многу, што по завршувањето на работниот ден рацете им се отечени.

Фото: Bright Side

Неретко на фотографиите може да се видат солзи додека лекарите се испраќаат со своите најблиски пред да заминат во Вухан.

Фото: Bright Side


А како последен доказ за пожртвуваноста на кинеските медицински лица ви ја пренесуваме приказната на лекарот Ли Џеќанг, чија свадба траела само 10 минути затоа што го повикувала должноста. Според кинеските медиуми, тој и неговата девојка се венчале на 30 јануари, а присуствувале само нивните родители. По суперкратката венчавка, тој се вратил во болница за да се бори со коронавирусот. Невестата го поддржала во одлуката да направат едноставна венчавка, а на фотографиите може да се види како тие позираат со маски на лицата.