Што знаеме за астероидот кој има шанси директно да удри во Земјата за седум години?

Што знаеме за астероидот кој има шанси директно да удри во Земјата за седум години?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Астероидот „2024 YR4“ ѝ го привлече вниманието на НАСА поради малата, но сепак присутна веројатност да ја погоди Земјата во 2032 година.

Кога беше откриен?

Астероидот беше забележан на 27 декември 2024 година преку системот АТЛАС во Чиле. Ова откритие веднаш беше пријавено во Центарот за мали планети, кој ги потврди неговите координати.

Колку е голем?


Се проценува дека „2024 YR4“ има дијаметар помеѓу 40 и 100 метри, што значи дека би можел да предизвика значителна штета доколку навистина удри во нашата планета.

Колкави се шансите за судир со Земјата?

Според Центарот за проучување објекти во близина на Земјата (CNEOS) при НАСА, постои можност астероидот да се судри со Земјата шест пати во периодот од 2032 до 2071 година. Сепак, шансите за удар во 2032 година се проценети на само 1,2 отсто.

- Не сме загрижени бидејќи има 99 отсто веројатност дека ќе нè одмине. Но, сепак, заслужува внимание - вели Пол Чодас, директор на Центарот за проучување објекти во близина на Земјата.

Европската вселенска агенција се согласува со процените на НАСА, наведувајќи дека е многу поверојатно астероидот да помине безбедно, но сепак не може целосно да се исклучи можен удар.

Што би можел да предизвика доколку удри во Земјата?


Астероидот е доволно голем за потенцијално да збрише еден град со големина на Канзас Сити. Сепак, експертите смируваат дека шансите за вакво сценарио се минимални.

Како можеме да се заштитиме?


Во 2022 година НАСА успешно го спроведе тестот ДАРТ, при што намерно удри вселенско летало во астероид за да ја променат неговата траекторија. Тоа покажа дека ваквите мисии би можеле да бидат ефикасен метод за заштита од потенцијални закани.

Доколку „2024 YR4“ во иднина претставува ризик, можно е да се примени слична стратегија за негово одвраќање.

Астрономите продолжуваат внимателно да го следат неговото движење, а ние можеме да бидеме спокојни, барем засега.

Извор: Ladbible.com
Фото: ESA-Science Office