Градови во кои луѓето имаат најголема благосостојба

Градови во кои луѓето имаат најголема благосостојба

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Живееме во ера во која луѓето не се преселуваат во градови што ќе ги направат богати. Тие одат во градови што ќе направат да се чувствуваат добро

Глобалниот консултант за недвижности „Најт Френк“ во средата го објави својот прв Индекс за градска благосостојба за да ги идентификува градовите што сè повеќе се фокусираат на квалитетот на животот што можат да го понудат. Индексот следи фактори како лична безбедност, начин на живот, здравствена заштита, криминал, рамнотежа помеѓу работата и животот и пристап до зелени места, собирајќи ги бројките за да ги најде најдобрите градови за благосостојба.

Сите, освен три града од првата десетка на ранг-листата, се во Европа. На прво место се најде Осло, а второто место го делат Цирих и Хелсинки. Виена се најде на 4. место, а Мадрид ги заокружува топ-5. града. Сиднеј се најде на 7. место, Монтреал на 9. место и Сингапур на 10. место (ова се единствените градови што не се наоѓаат во Европа, а се меѓу топ-10).

Лиам Бејли, шеф на одделот за истражување на „Најт Френк“, вели дека голем дел од доминацијата на Европа се сведува на големината. Помал град значи подобар квалитет на воздухот, поголема безбедност и поголем пристап до зелените површини. Осло води благодарение на големата количина зелена површина во градот, додека Хелсинки има најдобар квалитет на воздухот.

Поголемите градови како Сингапур и Сиднеј се рангирани повисоко поради поголеми категории, како управување и здравство (Сингапур ја има најдобрата здравствена заштита во светот според Индексот за просперитет „Легатум“).

Њујорк е најдобар град за благосостојбата на луѓето во САД, но на глобално ниво се најде на 21. место.

grad
Фото: Pixabay

Зошто е важна благосостојбата?


Овие резултати може да изгледаат несоодветни во извештај за супербогатите. Но, сè повеќе градовите и агенциите за недвижности откриваат дека благосостојбата е еднаква на богатството.

- Битката за работодавците во моментот е битка за талент: како да се привлечат најдобрите работници? Предноста што ја имаат градовите со висок ранг на подолг рок е дека тие можат да обезбедат висок квалитет на животот, привлечен за високо квалификуваните работници и претприемачи - вели Бејли.

Високо квалификуваните работници и претприемачи создаваат работни места и просперитет. Но, исто така, богатите трошат пари на велнес.

„Најт Френк“ откри дека 80 отсто од богатите луѓе планираат да трошат повеќе време и пари за лична благосостојба. Тоа значи куќи со најдобри системи за филтрирање на воздухот, пристап до зелени површни и слично.

Како еден град може да понуди подобра благосостојба за граѓаните?


Што другите градови можат да научат од Лисабон или Стокхолм кога станува збор за благосостојбата?
- Некои од иновациите што ги има во овие европски градови нудат одлични лекции за другите делови на светот - вели Бејли.

Земете ги зелените површини за пример. Половина од анкетираните од „Најт Френк“ рекле дека пристапот до околните зелени површини за рекреација е најважната работа при избор на нов дом. Сингапур постигна високо ниво благодарение на изобилството на зеленило на врвот на облакодерите.

Но, ако богатите навистина ја прифатат својата благосостојба, тие би можеле да почнат да ги избегнуваат градовите. Безбедноста, квалитетот на воздухот и среќата во целина најмногу ги има на село. А ако зелените површини навистина се толку важни, тогаш сигурно е подобро да се купи куќа опкружена со зеленило.

- Ако сте супербогати, тогаш вашата цел е повлекување - вели Аласдаир Притчард, партнер во „Најт Френк“. Тој им помогнал на многу семејства да купат земјишта во Нов Зеланд и Колорадо на места каде што едноставно луѓето ќе можат да го избегнат немилосрдното темпо на градовите. Овие луѓе сакаат нивните домови да бидат отсечени од сè, со многу слаб интернет.

Извор: Forbes.com