Подготвувањето изложба е макотрпна работа, долг процес за кој никој не ве прашува
Њујорк е одлична шанса за лично претставување, но и за презентирање на македонската уметност и култура. Се проширува светогледот. Тоа е ново искуство, се запознавате со еден капиталистички систем кој просто ве меле. Милионски град кој живее 24/7 со ненормално темпо на живот, во кој адреналинот ви е на највисоко ниво, во кој ќе видите сè и сешто, различен и единствен на свој начин, во секој поглед, вели ликовниот уметник Страхил Петровски, кој сè уште „закрепнува“ од самостојната изложба што неодамна ја отвори во Галеријата MЦ, позната и како Македонски културен центар во Њујорк.
Њујорк
Како може да инспирира еден од светските центри на уметноста, што значи тоа за еден наш уметник, како да се стигне дотаму, а што потоа? Со Петровски разговаравме за повеќе прашања што ги засегаат нашите ликовни автори. Тој убаво ја заврши минатата година, со впечатливата самостојна изложба Echoes of the future во „Мала станица“ во Скопје, која помина одлично меѓу публиката, а доби добри оцени и од критиката. Новата година, пак, ја почна со поставката Action/Reaction/Wor(l)d во Њујорк, реализирана во рамките на минатогодишната програма на Министерството за култура.
Страхил Петровски
- Позитивни беа реакциите на публиката во Њујорк. Особено што Action/Reaction/Wor(l)d се случи во период кој ја разбранува јавноста за можните напади на САД врз Иран. Коментираа „вистинска изложба во вистински момент“ зашто тематски и визуелно поставката беше своевидна критика на општеството во кое живееме. Со универзални пораки кои на некој начин допираат до сите. Се изненадив што на отворањето имаше и посетители кои претходните денови ги запознав во музеи и не очекував дека ќе присуствуваат... Тоа, од една страна, говори дека таму навистина има почитувачи, луѓето се едноставно жедни за културни манифестации од секаков вид. Од друга страна, за жал, кај нас состојбите во културата одат во друга насока и сигурно ќе ни треба многу време да ги поставиме на „здрави нозе“ - вели Петровски.
Тешко се освојува меѓународната сцена
Њујорк е одлична шанса за лична и промоција на нашата ликовна култура. Сепак, меѓународната сцена е исклучително затворен бизнис-свет во кој е тешко да се стане видлив.
- Како единка, колку и да е издржан и добар проектот или изложбата, вие сте само зрно прашина... И зависи од многу нешта, и среќата како фактор игра улога. Оној типичен американски сон, нели? Сепак, најважно е да имате некој што ќе ве застапува, тим (галерист, куратор, агент, менаџер итн.) кој би ве промовирал како автор. Се работи за огромен бизнис и затворен круг во кој видливоста за која ме прашувате навистина потешко се постигнува - вели Петровски.
Од отворањето на изложбата
Изложбата во Њујорк тој ја реализира со кураторот Маја Чанкуловска-Михајловска, а дизајнот на промотивниот материјал беше дело на графичкиот дизајнер Зоран Кардула. На прашањето колку е важно целата изложба да биде добро спакувана и сработена од професионалци, Петровски вели дека тоа е од исклучително значење.
- Подготвувањето е макотрпна работа, долг процес за кој никој не ве прашува. Треба да се документира во некоја форма и да се презентира, како своевиден work in progress. Резултатот е видлив дури кога ќе се отвори изложбата - објаснува тој.
Со Самир Љума, еден од снимателите на „Медена земја“, и со Маја Чанкуловска-Михајловска, куратор
Останува отворено прашањето дали работата е успешно завршена. Петровски е дециден дека за успешен пласман на делото треба сè да биде максимално професионално сработено - од почетната идеја, до финалната реализација.
- Бесполезно е да говориме за идеjа - проект, колку и да е издржан/а, ако нема реализација во секоја смисла. Процесот опфаќа изработка на делата/материјалот, кураторска поддршка, поставка на изложбата во дадениот простор, фотографирање на делата, техничка поддршка, графички дизајн на промотивниот материјал, медиумска покриеност на изложбата итн. Така се работи во светот... Тие работи би требало да одат паралелно, синхронизирано! Мислам на еден мултидисциплинарен пристап кон работата, цел тим од луѓе што си ја знаат работата, секој во својот домен. Години нананзад, особено за двете последни самостојни изложби, имам среќа и чест да соработувам со прекрасни луѓе, пријатели, колеги кои со сиот свој професионален ангажман и потенцијал придонесоа тие да бидат финално спакувани - објаснува Петровски.
Менаџирањето во ликовната уметност – бизнис во светот, но не и кај нас
Ова повлекува друго прашање - менаџментот во ликовната уметност во Македонија. Петровски вели дека кај нас сево ова оди многу тешко - сè е на стаклени нозе, авторот-уметник е оставен на маргините, сам на себе, со натчовечки напори да ги изменаџира сите работи потребни за едно претставување.
- Потребни се многу енергија, работа, финансии, пред сè, за успешно да се реализира изложба, да се пласира во земјата, а особено надвор од неа. Не знам колку би можел да зборувам за пласманот овде во Македонија... Ние сме мал пазар, сиромашна земја, со ниско ниво на едуцираност и култура, за жал. A тоа се столбовите на едно општество. За другите фактори и состојби што влијаат и да не зборувам... Сите многу добро ги знаеме и ги чувствуваме на своја кожа со години наназад - дециден е Петровски.
Дел од поставката
Тој вели дека менаџментот во ликовната уметност во светот функционира, за разлика од кај нас. Тоа е огромен бизнис, цел систем составен од тимови, агенти, галеристи, куратори итн., кои ги застапуваат, промовираат и „продаваат“ уметниците.
- Затворен круг во кој истите се прилично резервирани за соработка со други автори, особено за она што доаѓа од „надвор“. Зборувам од лично искуство! Затоа велам дека како уметник, особено во наши услови, е прилично тешко да се опстои и да се живее само од уметност. Секаде во светот е многу тешко да се егзистира исклучиво од ликовна/визуелна уметност, ако не сте во тој фамозен круг. Особено кај нас, каде што животниот стандард е многу низок, дополнително и поради непостоењето на критериуми на вреднување на вистинските вредности. Едноставно тоа е невозможна мисија! - вели Петровски.