„Гугл“ во трка со времето: Дали Трамп ќе го спаси „Хром“?

„Гугл“ во трка со времето: Дали Трамп ќе го спаси „Хром“?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Односите меѓу Доналд Трамп и технолошките гиганти значително се подобрија во неговиот втор мандат.

„Гугл“, како и многу други технолошки компании, често се соочува со правни предизвици поради наводни монополски практики. Министерството за правда на САД води две големи судски постапки против компанијата, една поврзана со интернет-огласувањето, а другата со доминацијата на пазарот за интернет-пребарување.

Според најавите од крајот на минатата година, овие случаи би можеле драстично да ја променат иднината на „Гугл“. Доколку судот пресуди против нив, компанијата би можела да остане без својот најпопуларен производ, интернет-пребарувачот „Хром“, кој го користат околу 3,5 милијарди луѓе низ целиот свет.

Министерството за правда, меѓу другото, побара „Гугл“ да го продаде „Хром“ и да престане да ја поставува својата пребарувачка машина како стандардна на уреди како „ајфон“. Судскиот процес е закажан за април, а пресудата се очекува во август.

Нова шанса со Трамп?

Во „Гугл“ се надеваат дека судската одлука нема да доведе до раздвојување на компанијата и присилна продажба на „Хром“. Со оглед на тоа што политичката клима во САД се менува со враќањето на Трамп, тие очекуваат ова да се одрази и на нивниот случај. За разлика од претходната администрација, Трамп во овој мандат покажува попријателски однос кон технолошките компании. Многу извршни директори, вклучувајќи го и првиот човек на „Гугл“ и „Алфабет“, Сундар Пичаи, му честитаа на Трамп за неговата победа.

Минатата недела претставници на „Гугл“ имале состанок со членови на администрацијата на Трамп, при што изнеле едно клучно барање – Министерството за правда да се откаже од иницијативата за продажба на „Хром“.

- Како што веќе јавно кажавме, загрижени сме дека моменталните предлози би можеле негативно да влијаат врз американската економија и националната безбедност - соопштија од „Гугл“.

Според експертите за технолошката индустрија, барањето на „Гугл“ би можело да добие поддршка бидејќи Трамп можеби ќе се откаже од некои антимонополски политики што ги спроведуваше неговиот претходник, Џо Бајден. 

Дали Трамп навистина ќе му даде „лајк“ на „Гугл“, останува да видиме во наредните месеци.

Извор: Nypost.com
Фото: Freepik