Харвардски научник тврди дека открил математичка формула која го потврдува постоењето на Бог

Харвардски научник тврди дека открил математичка формула која го потврдува постоењето на Бог

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Иако често се смета дека науката и религијата се спротивставени, астрофизичарот и инженер за воздухопловство, д-р Вили Сун од „Харвард“, тврди дека една математичка формула може да послужи како доказ за постоењето на Бог.

Гостувајќи во емисијата „Такер Карлсон енкаунтер“, д-р Сун нагласи дека едно од најзначајните откритија од 1928 година укажува на намерен дизајн на универзумот.

Антиматерија и прецизното нагодување на универзумот

Клучниот аргумент на д-р Сун се потпира на работата на физичарот Пол Дирак, познат како „татко на антиматеријата“.
Неговата револуционерна равенка од 1928 година го предвидела постоењето на антиматеријата – нешто што тогаш звучело целосно неочекувано.

Сун се повикува на концептот „фино нагодување“, кој посочува дека природните закони се толку прецизно усогласени што животот не би можел да настане по чиста случајност.

По Големата експлозија, според научните модели, требало да се создадат еднакви количини на материја и антиматерија. Но, во реалноста, антиматеријата е значително поретка отколку што би се очекувало. Ова го отвора прашањето: Зошто не дошло до целосно уништување на материјата и антиматеријата?

Според д-р Сун, овој дисбаланс не е случајност, туку е показател за намерен дизајн на универзумот.

Равенката на Дирак и математичката убавина на универзумот


Научниците одамна се соочуваат со предизвици во обидот да ги опишат субатомските честички кои се движат со огромни брзини. Дирак се обидел да ја поврзе познатата равенка на Ајнштајн E=mc² со равенката на Шредингер, која ја опишува квантната состојба на честичките.

Но, при пресметките добил изненадувачки резултат: постоење на електрони со негативна енергија. Во тоа време научната заедница не можела да го објасни ова откритие, но Дирак верувал во елеганцијата и едноставноста на математичките закони.

Четири години подоцна, во 1932 година, експериментално било потврдено постоењето на антиматеријата, што ја потврдило теоријата на Дирак.



Бог е математичар од највисок ранг


Иако Дирак не бил склон кон религиозни интерпретации, во 1963 година дал изјава што привлекла внимание:

- Една од фундаменталните карактеристики на природата е тоа што основните физички закони можат да се изразат преку математички теории со неверојатна убавина и моќ. Нивното разбирање бара длабоко познавање на математиката. Можеби најдобриот опис би бил дека Бог е математичар од највисок ранг и дека користел исклучително напредна математика при создавањето на универзумот.

Аргументите на д-р Сун не се единствени. Филозофите Ричард Свинберн и Робин Колинс веќе укажале дека одредени фундаментални константи како силата на гравитацијата, односот меѓу масите на протоните и електроните, како и космолошката константа мора да бидат исклучително прецизно избалансирани за универзумот да може да поддржува живот.

Доколку само еден од овие параметри би бил малку поинаков, универзумот би бил непогоден за живот.

Прашањето дали законите на универзумот се производ на случајност или на интелигентен дизајн предизвикува дебати меѓу научниците и филозофите со векови. Ако тезите на д-р Сун добијат научна поткрепа, тогаш токму математиката би можела да биде клучниот доказ за постоењето на повисока интелигенција.

Извор: Klik.hr
Фото: Screenshot/YouTube