Апликација за следење на движењето на луѓето на која работат 130 научници од Европа
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Европска коалиција на техничари и научници од најмалку осум земји, предводени од германскиот Институт за телекомуникации „Фраунхофер Хајнрих Херц“, работи на технологија за следење на контактите за Ковид-19, дизајнирана да ги почитува строгите правила за приватност во регионот.
Следењето на локацијата на луѓето преку нивните паметни телефони во стилот на Кина е тешко да се замисли во Европа, дури и да станува збор за јавно-здравствена намена. Особено затоа што Европа има долга историја на правна заштита на приватноста на луѓето. Но, со оглед на тоа што пандемијата на коронавирусот се шири, вршејќи притисок врз моделот за заштита на податоците на Европа, владите се насочуваат кон податоците и мобилните технологии во потрага по помош за следење на ширењето на вирусот.
Низ Европа се појавуваат голем број апликации како алатки во борба против коронавирусот. Ефикасноста на ваквите апликации не е јасна, но побарувачката за оваа технологија доаѓа од секаде.
Во Велика Британија владата ги повика технолошките гиганти, вклучувајќи ги „Гугл“, „Мајкрософт“ и „Палантир“, да ѝ помогнат на Националната здравствена служба да утврди каде треба да бидат испратени ресурси за време на пандемијата.
Фото: Pixabay
Новиот проект наречен „Pan-European Privacy-Preserving Proximity Tracing“ (PEPP-PT) е одговор на пандемијата на коронавирусот што генерира огромен скок во побарувачката за податоците на граѓаните. Но, како што велат научниците, апликацијата целосно ќе ја чува приватноста на граѓаните за следење на контактите со Ковид-19.
Основната идеја е да се искористи технологијата на паметни телефони за да се помогне во спречувањето на следниот бран на инфекции, со известување на лица што дошле во близок контакт со заразено лице. Но, коалицијата што стои зад проектот вели дека платформата ќе биде во согласност со Општата уредба за заштита на податоците што ја ограничува можноста за откривање на личните податоци.
Следењето на
контакти како начин да се понуди шанса за интервенции што може да го уништат секој нов бран на инфекција се смета за клучна компонента за спречување на инфекциите. Така, на пример, апликацијата „Трејс тугедр“ му помогнала на Сингапур во задржувањето на вториот бран на инфекции. Секако, една мала островска држава со помалку од 6 милиони не може да се спореди со 27 различни нации чие население надминува 500 милиони.
Но, научниците известуваат дека Европа нема да има единствена апликација за следење на коронавирусот, туку ќе биде понуден сет на стандарди, технологија и услуги на земјите и програмерите за да добијат пристап за следење на контактите со Ковид-19. Пристапот би можел да се користи за најразлични апликации и ќе овозможи следење на контактите преку граници, дури и ако различни апликации се популарни во различни земји на Европската Унија.