Данска ги отвора училиштата и градинките, Норвешка вели дека ја ставила епидемијата под контрола

Данска ги отвора училиштата и градинките, Норвешка вели дека ја ставила епидемијата под контрола

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

На 15 април Данска ќе ги отвори детските градинки и училиштата за деца од прво до петто одделение ако бројот на смртни случаи и заразени остане стабилен, додека норвешката влада објави дека ширењето на Ковид-19 го стави под контрола.

- Ова донекаде ќе биде како одење по жица. Ако застанеме попат, би можеле да паднеме, а би можело и да се влоши ако одиме пребрзо. Затоа мора да преземаме еден по еден внимателен чекор - изјави данската премиерка Мете Фредериксен.

Таа ги повика Данците да се придржуваат до владините препораки за социјално дистанцирање и хигиена.

Данска е една од првите европски земји што воведоа мерки за ограничување на физичкиот контакт меѓу граѓаните, а досега забележа 187 смртни случаи од Ковид-19.

danska
Фото: Screenshot/YouTube

Во Норвешка ширењето е под контрола

Норвешката влада го стави под контрола ширењето на Ковид-19, објави министерот за здравство Бен Холе, но напомена дека е прерано за укинување на мерките.

Последните податоци покажуваат дека во Норвешка секоја заразена личност го пренесува вирусот на 0,7 други лица, а пред воведувањето на мерките за ограничување на движењето таа бројка била 2,5.

- Тоа значи дека епидемијата на коронавирусот е ставена под контрола - изјави министерот за здравство.

Во Норвешка досега се забележани 5.755 случаи на Ковид-19, а 59 починале. Земјата воведе строги мерки кон средината на март, ги затвори своите граници за странците, а Норвежаните што се враќаа од странство мораа да одат во 14-дневен карантин. Училиштата, градинките, црквите, универзитетите и другите установи остануваат затворени.

Извор: Index.hr