Како претприемачите низ светот се вклучија во борбата против коронавирусот?
Подготвил:
Драгана Петрушевска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Насекаде низ светот организациите, компаниите и владите се трудат да ги одбегнат или намалат негативните последици од пандемијата на коронавирусот. Во овие моменти најбитна е солидарноста, но прашање е дали таа ќе биде доволна.
Стартапите активно се вклучени во борбата против коронавирусот. Се прават напори од страна на одредени компании кои вклучуваат развивање дигитални финансиски алатки за доделување кредити, алатки за помош на луѓето во изолација, како и производство на маски и респираторни машини.
Поголема иновација во здравствениот систем
Здравството и сегментите што се поврзани со оваа индустрија се соочуваат со невидени предизвици поради пандемијата. Но фактите покажуваат дека голем дел од компаниите напорно работат на намалување на ширењето на вирусот, како и на последиците од него врз економијата.
Фото: Pixabay
Кина го објави генскиот код на Ковид-19 во јануари, набргу по откривањето на вирусот. Денови по објавувањето на генскиот код лаборатории во Азија и во Европа имаа создадено методи за тестирање на вирусот и ги споделија со колегите низ светот. Минатата недела научниците во Сингапур објавија дека дизајнирале техника за намалување на времето што е потребно за тестирање на потенцијалните вакцини за коронавирусот.
Експертите забележуваат промени во здравствениот сектор. Ширењето на коронавирусот поттикнало поголема соработка и поголема транспарентност во областа на науката. Научниците од целиот свет ги објавуваат најновите сознанија поврзани со вирусот на отворени платформи на интернет. Овие информации им помогнаа на многу држави во соочувањето со пандемијата.
Благодарение на една соработка помеѓу израелската стартап-компанија „Соновија“ и Универзитетот „Бар Илан“, била развиена антипатогена и антибактериска ткаенина наменета за облеката на здравствените работници. Научниците тврдат дека оваа ткаенина го убива вирусот при првиот допир. Во февруари бил испратен материјалот во Кина на тестирање.
Фото: Pixabay
Од друга страна, британската стартап-компанија „Медшер“ претстави платформа која им помага на властите да го следат ширењето на заразата со кратки анкети на населението. Во Порторико компанијата „Абартис хелт“ претстави платформа која овозможува побрзо известување за резултатите од тестовите за коронавирус.
Ширењето на коронавирусот инспирирало иновации и во земјите во развој, кои имаат поограничени ресурси во споредба со богатите земји на Западот. Во Колумбија компанијата „Текфит“ развива достапни респираторни машини кои трошат малку енергија. Компанијата планира да произведува по 1.000 вакви машини месечно.
Африканската платформа „Зинди“ има мрежа од над 12.000 експерти од областа на обработката на податоци кои создаваат модели за предвидување на ширењето на вирусот во следните три месеци.
Во Мексико градовите Гвадалахара и Монтереј добиваат финансиска поддршка за надминување на кризата преку компанијата „Шопнет“, која им исплаќа на градовите 10% од приходите на супермаркетите и аптеките.
Фото: Pixabay
Во САД платформата „Вифандер“ претстави програма за обезбедување кредити до 1 милион долари со ниски каматни стапки за малите бизниси погодени од коронавирусот. Платформата го прави тоа преку кампањи за собирање средства.
Британскиот институт за здравје неодамна претстави натпревар за стартапи во кој од компаниите се бараат дигитални решенија за помош на граѓаните во врска со нивното ментално здравје и потребите за социјална помош.
Не знаеме уште колку време ќе трае
пандемијата, а со тоа и дали компаниите ќе треба да продолжат да се вклучуваат во борбата против нејзините негативни ефекти. Во секој случај, многу компании од почетокот на кризата покажаа дека може да дејствуваат за доброто на сите.
Автор: Конрад Егуса
Извор:
thenextweb.com