На овој начин оценувањето ќе се сведе на импровизација бидејќи ниту наставниците ниту учениците имаат искуство со овој вид настава, ниту со овој вид оценување
Пишува: Ана Попризова, училиштен психолог
Оваа реакција го претставува гласот на дел од стручните соработници од средните училишта во Скопје. Сметаме дека претставува наша обврска и одговорност да сигнализираме за случувањата во средното образование поврзани со новиот начин на реализирање на наставата, со користење далечинско учење. Сакаме да укажеме на состојбите што се случуваат во средно образование во последниве 20-ина дена, а се однесуваат на дописите и препораките што пристигнуваат до училиштата за организирање настава со употреба на дигитални алатки, односно далечинско учење.
Најпрво, да споменеме дека првите препораки за употреба на онлајн-настава со учениците во средно образование беа добиени на 24.03.2020. Оттогаш училишните колективи, наставниците се мобилизираат и без сериозна поддршка за наставниците во средно образование се обидуваат да воведат активности кои се реализираат дигитално.
Додека, пак, на 30.03.2020. до училиштата пристигнаа Препораките за начинот за оценување и формулирање на успехот на учениците за периодот од третото тромесечје од учебната 2019/2020 год. според Упатството за насоките за спроведување на оценување, кое го изготви МОН во соработка со БРО и Центарот за средно стручно образование. Во овој допис се укажува дека до 14.04.2020 год. учениците треба да бидат оценети сумативно, а до 17.04.2020 г. оценките да бидат внесени во електронски дневник.
Сметаме дека овие препораки се прилично несериозни и повторно се на грбот на учениците и на наставниците. Ова е прекраток рок за оценување и ќе предизвика стресови и притисоци кај учениците и наставниците.
Ана Попризова/ Фото: Youtube screenshot
Во оваа пригода сакаме да укажеме дека и реакциите на родителите и јавноста ќе бидат бурни и во најголема мера училиштата ќе бидат оставени сами на себе во справување со нив.
Во продолжение се нашите аргументи поради кои сметаме дека воведувањето на сумативното оценување е потег кој може да предизвика сериозни последици:
- Електронскиот дневник повторно не работи, односно е преоптоварен.
- Платформата што ја презентира МОН воопшто нема дел и содржини кои се однесуваат на средно образование, напротив, сега се планира да се започне со нејзино надополнување бидејќи има такви очекувања од наставниците и дописи до училиштата.
- Обуките за користење платформи за наставниците само што завршија. Во оваа фаза само во некои средни училишта се вклучени по двајца наставници, а се очекува тие да одржат дисеминација за другите наставници од наставничките колективи.
- Учениците во средно образование повеќе работат самостојно и немаат поддршка од родителите. Во некои семејства учениците имаат само по еден компјутер, а по двајца или тројца ученици и речиси е невозможно да се постигнат сите барања и задачи, кои ќе се интензивираат во овој период. А секој ученик има по 14-15 наставни предмети.
- Предложениот рок за оценување е за 13 работни дена од датумот на дописот од страна на МОН. Притисокот врз учениците и врз наставниците е преголем и не е реално да се очекува дека оценките ќе бидат реални. На овој начин оценувањето ќе се сведе на импровизација бидејќи ниту наставниците ниту учениците имаат искуство со овој вид настава, ниту со овој вид оценување.
- Исто така, сметаме дека доколку оценката биде формулирана на овој начин, не постои прецизно разработена постапка за увид во начинот и критериумите на формулирање на оценката, ниту пак е разработена можноста за увид во оценката од страна на ученикот и родителот/старателот и приговор по однос на оценката од страна на родителите, што ќе предизвика дополнителни проблеми.
- Се очекува советите на паралелки и наставничките совети да се снимаат од страна на директорите, што ја доведува под знак прашалник и законската обврска за заштита на лични податоци на учениците.
- Постапката за полагање матурски испит не е јасно дефинирана, ниту по начинот ниту во однос на временските рокови.
- Наставниците се среќаваат со проблем при оценување на стручните предмети, кои бараат практична презентација на знаења и вештини.
- Не е разработена постапка за работа со ученици со посебни образовни потреби и наставниците се оставени сами да се снаоѓаат, во договор со родителите.
- Никој не ги зема предвид техничката опременост на наставниците и нивните познавања од информатичка технологија, туку од нив се очекува да ги научат сите современи дигитални платформи.
Она што предлагаме е да се воведе описно оценување со три категории: (не реализирал, делумно реализирал, целосно реализирал) за ова тромесечје бидејќи ова е период на адаптација и приспособување на учениците и наставниците за онлајн-настава. Конечна сумативна оценка да се формулира на крајот од учебната година, со што претстојниот период би се искористил за благовремено информирање на учениците, родителите/старателите и наставниците за условите и начините на спроведување на оценувањето.
Конечно, да не заборавиме дека ова е нова ситуација за сите нас и дека степенот на стрес и ефектите од самоизолацијата врз учениците се поизразени, имајќи ги предвид возраста и психо-социјалните карактеристики на учениците. Не е време да се изложуваат учениците на сериозен стрес од оценување по 14 -15 предмети за 13 работни дена.
Сите стручни, психолошки истражувања укажуваат дека стресот придонесува за намалување на имунитетот, а првичните анализи на состојбата со менталното здравје укажуваат на зголемување на анксиозноста, депресивноста и психо-соматски нарушувања кај популацијата за 30% во овие неколку недели од прогласување на пандемијата. При ова значајно е да се нагласи дека децата и адолесцентите не ги поседуваат истите резилиентни механизми како возрасните и се особено ранливи поради спецификите на возраста во која се наоѓаат, нивните потреби и вообичаени начини на однесување.
Стручните служби во училиштата, кои се стожерот на училишниот живот и главната поддршка за наставниците и учениците во овој период, се исто така изложени на голем притисок бидејќи наставничките колективи се големи, со голем број наставници кои имаат различни познавања од компјутерска технологија и координацијата помеѓу нив, а и информирањето и советодавната функција се отежнати.
Менталното здравје на младите е наш приоритет!
Нашата реакција е во насока на укажување за да се превенира негативните ефекти од овие мерки да бидат на штета и на учениците и на наставниците. Потсетуваме дека и во минатото имало кризни ситуации, воени дејствија и природни катастрофи. Во такви случаи се користат модели на издавање документи за завршена учебна година на образование, приспособени оценки, предвидени оценки врз основа на успехот од првото полугодие и сл.