Доколку не се спречи булингот, подоцна може да прерасне во мобинг на работното место и насилство во семејството, вели проф. д-р Гордана Ристeвска-Димитровска
Подготвил:
Жанета Здравковска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Наставник добил шлаканица, соборена служителка, ученик влечен за уво, малтретирано девојче да јаде клекнато на училишните одмори, успешна пијанистка нарекувана лажга, ширење лажни информации за девојчиња дека имаат сексуални односни, дека се сатанистки... низата со примери е долга.
Иако сѐ погласно се зборува за булингот, тој зема сѐ поголем замав, велат експертите, но истото го сведочат и децата кои се жртви на врсничко насилство, нивните семејства и вработените во училиштата. Родители раскажуваат дека нивните деца трпат насилство од други деца, но има и случаи во кои се жалат на наставници. Во последно време како жртви на мобинг се јавуваат и просветни работници, кои често пати за да не се нарушува рејтингот на училиштето, а и поради тоа што се работи за деца, не го пријавуваат случајот во надлежните институции надвор од школото.
Физички напади - како жртви се јавуваат и вработени во училиштата
Потресни се сведочењата за булинг кои ги слушнавме во текот на нашето истражување низ училиштата во државата. Бидејќи се работи за малолетници, нема да ги посочуваме имињата на децата, школите и градовите, но нагласуваме дека примерите се вистинити. Во одредено училиште од внатрешноста ученик ја нападнал служителката, соборувајќи ја на земја, а друг ден му удрил шлаканица на наставник. Во друго училиште, случај кој беше заведен и во полицискиот билтен, двајцата сопружници влегле во училницата, при што таткото ја турнал наставничката и директно нападнал еден од учениците, соученик на неговото дете, заканувајќи му се дека ќе го убие. Го фатил детето за уво, го стапнал на ногата и го тегнел, а за тоа време неговата сопруга ја држела наставничката за да не може да му помогне и да го одбрани ученикот.
Исто така во град од внатрешноста, ученичка која постигнувала успеси на натпревари по музика била избегнувана од сите другарчиња во одделението, игнорирана и навредувана дека лаже за успесите. Во четврто одделение во друго училиште неколку девојчиња малтретирале соученичка со тоа што не ја оставале да јаде на клупата, туку само клекната.
Лажни вести за наводни сексуални искуства и чудни однесувања
Група девојчиња од основно училиште се здружиле против ученичка од друго училиште и почнале да шират невистини дека имала сексуални односи. Откако реагирале домашните на девојчето, барајќи од другите родители да запре ваквото ширење лаги, девојчињата со денови ја демнеле ученичката пред и по часови за да ја истепаат. Родителите раскажуваат дека морале цел месец да ја носат на школо и да ја земаат.
Насилството често е психичко преку озборувања кои го жигосуваат детето пред врсниците и предизвикуваат погрдни прекари кои може да ја обележат жртвата за цел живот. Ученичка од основно училиште била изложена на потсмев зашто кружеле муабети дека се самозадоволувала со четка за заби. Во друга ситуација ученичка била нарекувана сатанистка само затоа што се облекувала во црно, па врсниците навечер со спреј ѝ нацртале сатанистички симболи на фасадата од куќата, а еднаш ѝ оставиле мртва мачка во дворот.
Забранета употреба на информации кои дури и не содржат лични податоци
Од Државниот просветен инспекторат, преку слободен пристап до информации, побаравме одговор дали оваа учебна година постапувале по пријави за булинг во училишта во Македонија и во колку случаи? Дали имало булинг и врз просветени работници и какви мерки презеле? Дали се изречени казни и дали биле спроведени?
Во одговорот што ни го пратија, иако нема никакви лични податоци, предупредија дека согласно законите за заштита на лични податоци и слободен пристап до информации од јавен карактер, службениот спис можеме да го користиме само за личен увид, а јавното објавување на податоците е казниво.
Ако не се санкционира, ќе биде насилен и во бракот и на работа
Експертите што работат на оваа тема посочуваат дека ако врсничкото насилство рано се препознае и се интервенира, има шанси да не дојде до трајни последици кај личноста.
- Нема да се види класична депресија, туку едно незадоволство, нервозни манифестации, промена во расположението. Некои од тие однесувања се и дел од нормалниот адолесцентен период, но детето се менува кога е подложено на врсничко насилство. Сето ова може да се дијагностицира кај децата како посттрауматско стресно растројство, но често останува непрепознаено клинички како манифестација која ќе го промени детето и како возрасен понатаму обрасците во однесувањето што ќе ги применува ќе бидат различни. Една од најнепрепознаените работи што остануваат е ниската самодоверба која прави младата личност да не може да го постигне својот потенцијал, да не може да се истакне подоцна на работното место, да не презема задачи кои може да ги заврши, да има голем проблем со поврзувањето со луѓето - вели Гордана Ристeвска-Димитровска, специјалист психијатар и проф. д-р на Високата медицинска школа во Битола, која беше вклучена и во истражувањето за врсничко насилство спроведено од Правниот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола.
Според неа, булингот подоцна може да прерасне во мобинг.
- Ако едно дете научи да се однесува со агресија во основно и во средно училиште, ако не биде санкционирано ова однесување и ако не му е дадено до знаење дека тоа не е во ред, потоа како возрасен ќе продолжи да го практикува таквото однесување во бракот, во работните организации, па од булинг тоа ќе премине во мобинг и ќе се страда многу долго. Некои работи треба да ги пресретнеме и превенираме во раната возраст - вели Ристевска-Димитровска.
Жанета Здравковска