Еден час гледање во екран пред спиење ја намалува должината на сонот за 24 минути
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Иако врз квалитетот и должината на спиењето влијаат повеќе фактори, ново норвешко истражување открива дека поминувањето време на мобилен телефон пред спиење може да резултира со поголеми проблеми со квалитетот на спиењето и намалување на сонот.
Резултатите покажуваат дека секој едночасовен пораст на користењето екран ја зголемува можноста за појава на несоница за 59 отсто и го намалува времето на спиење за 24 минути.
Истражувањето вклучило 45.202 млади лица на возраст од 18 до 28 години и истражувало различни видови активности на екран и нивниот ефект врз спиењето.
- Иако претходните истражувања укажуваат на тоа дека користењето на социјалните мрежи го нарушува спиењето, нашите наоди го доведуваат во прашање ова тврдење - вели Берг Сивертсен, автор на истражувањето и повисок истражувач на Норвешкиот институт за јавно здравје.
Истражувањето ги следело активностите како што се користењето на социјалните мрежи, гледањето телевизија и филмови, играњето видеоигри, слушањето музика или поткасти и читањето. Сивертсен изјавил дека идното истражување ќе вклучува и користење телефони за работни задачи пред спиење.
Претходните истражувања покажале дека светлосните бранови од екраните можат да го нарушат спиењето и природниот циркадијален ритам на телото.
Постојат докази дека изложеноста на сина светлина пред спиење го нарушува регулирањето на производството на хормонот мелатонин, кој помага во одржувањето на спиењето. Како резултат на тоа, многу производители на телефони сега нудат функции за филтрирање на сината светлина за уредите да се користат доцна во ноќта.
Сепак, не сите луѓе реагираат исто на силната светлина.
- Мислам дека е важно да се признае дека помеѓу индивидуите постојат значителни разлики во тоа како светлината може да го потисне мелатонинот дури и до 50 пати - вели д-р Џонатан Седернес, експерт за спиење на Универзитетот „Упсала“ во Шведска.
Седернес, кој не бил вклучен во истражувањето, нагласил дека важна улога играат индивидуалните разлики.
- Интересно е што студентите кои исклучиво користеле социјални мрежи имале најниска стапка на несоница и најдолго време на спиење во споредба со оние што се занимавале со други активности на екран или комбинација на активности - рекол Сивертсен.
Неговото истражување претпоставува дека учеството на социјалните мрежи може да има помал ефект отколку другите активности, бидејќи социјализацијата која ја поддржуваат може да го штити спиењето.
Сепак, истражување од 2019 година покажало дека користењето каков било вид екран може да предизвика проблеми со спиењето кај тинејџерите и помладите деца. Тоа можат да бидат активности како седење на социјалните мрежи, гледање телевизија или филмови, играње видеоигри или читање од таблет.
Извор:
Klix.ba
Фото: Freepik