НАСА нуди 3 милиони долари за решение на еден голем проблем
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
НАСА започна нова иницијатива под името „Луна-рисајкл“, со цел да се најде иновативно решение за управување со отпадот на потенцијална база на Месечината. Оној што ќе успее да осмисли одржлив систем за собирање, преработка или рециклирање на отпадот во вселената, без негово враќање на Земјата или согорување, ќе биде награден со 3 милиони долари.
Во моментов, на Меѓународната вселенска станица отпадот се пакува во посебни кеси, се складира во вселенски летала, а потоа се враќа на Земјата или се согорува во атмосферата. Но, таквата практика не е возможна на Месечината бидејќи испраќањето летала само за да се отстрани храната, старата облека или слично не е ниту практично, ниту еколошки, ниту економски оправдано.
НАСА бара „експерти за отпад“
Затоа НАСА сега бара „експерти за отпад“ - научници, инженери и креативни умови кои можат да осмислат како отпадот да се преработи, повторно да се искористи или неутрализира, без притоа да се враќа на Земјата или да се согорува.
И додека размислуваме за бази на Месечината и идни вселенски колонии, често забораваме на едно сосема обично, но многу важно прашање: кој ќе го фрла ѓубрето?
За жал, проблемот со отпадот во вселената веќе е многу реален. Кеслеровиот синдром, теорија развиена во 1978 година од научниците Доналд Кеслер и Бартон Коур-Пале, предупредува на опасноста од сѐ поголемата густина на објекти во орбитата. Колку повеќе сателити, ракети и вселенски делови праќаме, толку е поголем ризикот од судири. А судирите создаваат уште повеќе отпад, што доведува до верижна реакција на опасни судири и уште поголемо загадување.
НАСА предупредува дека моментално во орбитата околу Земјата има повеќе од 10.000 сателити и над 100 билиони парчиња вселенски отпад. Доколку се случат посериозни судири, последиците би можеле да бидат сериозни: прекин на интернетот, мобилната телефонија и телевизискиот сигнал, па дури и тешкотии во следењето на временските и климатските промени.
Ако не најдеме решение за управување со отпадот во орбитата, прашање е дали воопшто ќе успееме да стигнеме на Месечината, а уште помалку да ја претвориме во нова вселенска депонија.
Извор:
bizlife.rs
Фото: Freepik