Како земјите ги отвораат училиштата - се мери температура, часови на отворено и клупи на растојание

Како земјите ги отвораат училиштата - се мери температура, часови на отворено и клупи на растојание

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Кога почна пандемијата на коронавирусот, училиштата ги затворија своите врати за да помогнат да се забави ширењето на заразата, одлука која влијаеше врз 1,4 милијарда студенти во светот.

Ќе поминат неколку месеци пред да се отворат училиштата во многу земји. Но, во неколку земји, каде што стапките на заразени значително се намалија, училиштата повторно почнуваат со часови. Тие преземаат голем број мерки на претпазливост за безбедно учење.

Во неделата во Израел повторно се отвори училиште за деца со посебни потреби, за ученици од прво до трето одделение и средните училишта. Часовите веќе се во тек во Норвешка, Јапонија, Данска, Кина и Тајван.


Децата се вратија во институциите кои се приспособија на новата реалност. Членовите на персоналот им ја проверуваат температурата на учениците на вратата. Во некои училишта се затворени игралиштата. Кога е можно, наставниците одржуваат настава надвор и во мали групи.


И другите земји веројатно ќе земат пример од Данска, Јапонија, Норвешка, Кина, Израел и Тајван. Еве што овие земји преземаат за да го зачуваат здравјето на нивните ученици.

Клупите се поставени на
растојание од 2 метра, а родителите не смеат да влезат во училиштето

За да се намали ризикот од инфекција, ученичките клупи во Данска, Израел и Норвешка се поставени на 2 метра оддалеченост, што е официјалната препорака за ефективно социјално дистанцирање.

Во Данска децата влегуваат низ неколку различни влезови за да спречат метеж, а на родителите не им е дозволен влез во училиштето.

Во Источна Кина на учениците им се даваат капи што мерат 2 метра растојание и ги потсетуваат учениците да одржуваат безбедно растојание од другите.


Во Израел на студентите не им е дозволено да имаат физички контакт со врсниците или персоналот.

1
Фото: Unsplash

На учениците им се проверува температурата при пристигнување на училиште


Во Јапонија, Тајван и Кина персоналот на училиштето им мери температура на учениците пред да влезат во училишните згради. Децата со температура се испратени дома.

Во Пекинг учениците треба да пополнат анкета на апликација која го пресметува ризикот од инфекција на едно лице. Учениците можат да влезат во училиштата само ако апликацијата укажува дека се во добра здравствена состојба.

Некои ученици во Пекинг добија и лични термометри и се бара да си мерат температура двапати на ден додека се на училиште.

Во Израел родителите треба да потпишат здравствен формулар што потврдува дека нивното дете нема коронавирус. Ако некој член на семејството има коронавирус, тогаш на детето не му е дозволено да оди на училиште.

Наставниците одржуваат часови на отворено, а игралиштата се затворени


Во Данска и во Норвешка, кога е возможно, часовите се одржуваат надвор. Игралиштата и многу училишни библиотеки се затворени.

2
Фото: Pixabay

Од децата се бара да ги мијат рацете на секој час и да носат маски


Во Данска училиштата имаат инсталирано станици за миење раце надвор од зградите, а учениците треба да ги мијат рацете на секој час.

Во некои училишта во Тајван се бара од учениците постојано да носат маски. Во второ и трето одделение во Израел учениците носат заштитни маски додека се на училиште, но не и во училницата.

Учениците седат на 2 метра оддалеченост


Во некои училишта во Шангај и во Пекинг учениците се распоредени да седат на растојание од 2 метра. Во други училишта кафетериите се затворени, а учениците јадат во своите училници.

3
Фото: Unsplash

Одделенијата сега се помали

Во делови од Данска, каде што просечното одделение било од 20 деца, сега е поделено во две или три помали групи. Секоја група има своја училница и наставник. Учениците комуницираат само со соучениците од нивната група.

Во Норвешка учениците го поминуваат денот во групи од три до шест ученици, во зависност од нивната возраст. Пред пандемијата, просечната големина на еден клас во Норвешка беше 20.


Во Шангај некои училишта имаат определено простории за изолирање на ученици со температура.

Училиштата почнуваат со работа во фази


На почетокот од овој месец учениците од петто одделение се вратија на училиште во Данска, што беше првата фаза од планот на премиерот за повторно отворање.

Во Норвешка на 20 април почнаа со работа градинките, а веднаш потоа основците.

Во Пекинг средношколците се вратија на училиште на крајот од април, основците треба да се вратат на 11 мај.

Во Израел на 3 мај се вратија во клупите учениците од прво до трето одделение. Останатите основци и средношколци треба да се вратат на училиште наредниот месец.

Се дезинфицира двапати на ден


Во Норвешка вработените во училиштата ги дезинфицираат училниците и играчките двапати на ден за да го спречат ширењето на вирусот. Децата не смеат да носат играчки од дома.

Во Израел учениците не смеат да земаат книги од библиотека, да споделуваат храна, да си позајмуваат училиштен прибор или да играат игри што вклучуваат допирање.

Персоналот со лоша здравствена состојба и над 65 години треба да остане дома


Во Израел оние членови од персоналот постари од 65 години што имаат некоја здравствена состојба не треба да се вратат на работа бидејќи се поподложни на компликации поврзани со коронавирусот.

Учениците ги дезинфицираат рацете и обувките пред да влезат во училиштата

Во Тајван, каде што училиштата беа затворени само неколку недели, учениците мора да ги мијат рацете пред секој час и да ги дезинфицираат чевлите кога ќе пристигнат наутро.

Извор: Insider.com
Фото: Unsplash