Одговори на анкета: 75,5% од студентите имаат онлајн-настава, практичната тешко се спроведува

Одговори на анкета: 75,5% од студентите имаат онлајн-настава, практичната тешко се спроведува

Подготвил: М.А.М.

Лектор: Ивана Кузманоска

Одговори добивме од 319 студенти од повеќе државни и приватни универзитети

Повеќето факултети во земјава организираат програма за учење на далечина, секој со своите можности и капацитет и на различни програми и платформи. Проблем се факултетите што имаат практична настава, како медицинските, природните науки, која не може да се реализира онлајн. Околу 25% од студентите се незадоволни од онлајн-наставата. Ова може да се заклучи од одговорите на студeнтите на нашата онлајн-анкета: Имате ли онлајн-настава?

Одговори добивме од 319 студенти од повеќе државни и приватни универзитети.

На прашањето дали имате онлајн-настава на факултетот, 75,5 проценти, или 241 студент одговориле „да“, 18,2 проценти одговориле делумно, а 6,3 проценти или само 20 студенти дека воопшто немаат настава на факултетот.

Поголем дел од студeнтите одговориле дека професорите се достапни за консултации, односно 87,1% или 278 студенти, а 12,9% изјавиле дека професорите не се достапни за консултација.


Нашите студенти ги прашавме и колку се задоволни од онлајн-наставата и каква оцена даваат – 5 за највисоко, 1 за најниско оценување.

Со чиста петка онлајн-наставата ја оцениле 25,1% од анкетираните, а четворка ѝ дале 28,5%. Ова значи дека малку повеќе од половината од анкетираните ѝ дале висока оцена на онлајн-наставата организирана од матичниот факултет.

Новиот начин на настава добил тројка од 21,6 отсто од студентите што одговориле на анкетата, а единица 14,7. Десет проценти одговориле дека наставата вреди 2.

Со оглед на тоа што веќе е јасно дека студентите нема да се вратат наскоро на настава, треба да се размисли на кој начин ќе ги добијат оценките во индекс. На нашата анкета мнозинството одговори дека не треба да има онлајн-полагање бидејќи нема да може да се гарантира дека колегите нема да препишуваат. На нашата анкета дури 61,4% од студентите се изјасниле дека не сакаат онлајн-полагање на испитите, а 38,6% рекле дека треба да има онлајн-оценување.

„Гугл класрум“ „Зум“ и „Мајкрософт тимс“се најкористените алатки од факултетите за наставата од дома. Дека со нивна помош учат и комуницираат со професорите ни одговорија повеќето од студентите. Дел од нив велат дека е добар начин за учење, но дел велат дека нема интеракција со професорите, што е голем проблем. Единствено студентите од ФИНКИ одговорија дека користат една платформа за учење на далечина -Big Blue Button. Речиси секој студент од ФИНКИ во нашата анкета позитивно ја оценил наставата.

- Учиме преку платформа интегрирана во постојниот систем за предмети. Платформата вклучува можност презентерот да зборува и паралелно да прикажува презентација, екран итн. Дополнително, студентот може да постави прашања преку микрофон или, пак, на чет кој е интегриран во платформата. Можни се многу повеќе работи, како табла за пишување и цртање за сите или кревање рака за да се одобри зборување итн., но тие ги користиме многу поретко - вели во коментар 21-годишен студент.
Студенти ни одговорија дека професорите користат и „Гугл хенгаутс“ и „Скајп“.

Ги замоливме студентите да ни напишат предлог или идеја како е најдобро да биде организирано учењето на далечина. Некои дадоа свои предлози и за полагањето на испитите, а дел се пожалија на тековната настава. Еве дел од нивните одговори:

„Факултетот треба да организира време и распоред за студентите и таму да држиме предавања, некои предмети може и сами да ги учиме, ама некои не можеме сами, ни треба професор да ни објасни“. (студент на Меѓународен универзитет, Струга)

„Платформата Зум е одлична за часови, полагањето да биде исто така онлајн, само може поединечно со камера да се полага пред професорот или да се изработуваат текстови во форма на семинарска и така да се оценува“. (студент на Ликовна академија, Скопје)


„Предавањата што се одржуваат од професорите и снимките од предавањата сочувани за можно гледање во кое било време сметам дека е најдобар начин за учење на далечина (се применува на ФИНКИ)“. (студент на ФИНКИ)


„На нашиот факултет проблем е лабораториската пракса затоа што и да го совладаме теоретскиот материјал, она што може да се објасни и научи лабораториски е пропуштено, со тоа автоматски практичниот дел во чии рамки се и задачи, пресметки, титрации, изработка на препарати, како и самото присуство на асистентот конкретно со пример и лабораториска изведба да те научи е омаловажен бидејќи со ваквата настава сепак е многу потешко да се совлада материјалот. И што е најважно, практичните испити се услов за теоретски испит, што значи дека ние можеме и целата теорија да ја совладаме, ама напразно, затоа што во практичната настава има голем пропуст. Лабораториски вежби не се работат од дома!“ (студент на Фармацевтски факултет, Скопје)

„Добро е вака, но неопходни се вежбите кои ги немаме“. (студент на УГД - Општа медицина)

„Начинот на кој досега се спроведува е добар, меѓутоа, по одредени предмети сепак не добиваме соодветни објаснувања, иако е потенцирано дека имаме нејаснотии“. (студент на УКИМ-Економски факултет)


„Професорите да се ангажираат, а не сами да си учиме дома по 300 страници од предмет без ни малку објаснување од страна на професор“. (студент на Филозофски факултет, Скопје)

„Најважно е ние, студентите да имаме материјали за учење, па затоа морам да го пофалам нашиот факултет како еден од најорганизираните на УКИМ во овој тежок период. (студент на Филозофски факултет, Скопје)

„Секој професор да одржува предавања за да можеме да решаваме и да учиме дома. Во однос на практичниот дел не може ништо да се промени“. (студент на Фармацевтски факултет, Скопје)

„Која било платформа од типот на Тимс, Зум, Гугл класрум е одлична во моментот. Нормално, не може да биде идеално, меѓутоа, е доволно добро за да се помине материјалот. Презентации, пдф-материјали, во зависност од можноста на професорите, сè може да биде убаво организирано“. (студент на ФОН – Факултет за странски јазици)

„Сметам дека онлајн-предавањата во ниеден случај не можат да ги заменат класичните предавања на факултет, кои нудат флексибилност и интеракција, а бараат исклучителна внимателност. Но, доколку би морала да дадам одговор на ова прашање, тогаш сугерирам наместо live вклучувања, професорот да го сними предавањето и да го објави да биде достапно во секое време за студентите. (студент на Факултет за безбедност - УКЛО)

„Ми се допаѓа како се организирани некои професори (настава и дискусија на Скајп и потоа неделни домашни како активност), но треба да се имаат предвид и оние студенти што немаат услови. Тоа значи дека треба да се нагласи како можат студентите да присуствуваат без микрофон и камера, а потоа да ја покажат својата заинтересираност/знаење на некој друг начин, на пример, во писмена форма. Професорите би можеле и да ги напишат/снимаат своите предавања и да им ги пратат на студентите или да ги остават на катедрите на факултетот (секој да може да ги земе), со што би се овозможиле еднакви шанси и за оние што не можат да присуствуваат на онлајн-наставата. Исто така, предлагам да нема стриктни рокови за извршување на задачите бидејќи сега не може секој студент навреме да ги изврши обврските (на пример, оние што се жртви на семејно насилство мора дома да седат, не можат да отидат во библиотека или некоја друга институција која им обезбедува услови за учење. Затоа, предлагам да се поместат роковите за испитните сесии, да се дадат плус 2-3 месеци за завршување на обврските на студентите по крајот на вонредната ситуација“. (студент на Филолошки факултет, УКИМ)

„За нас беа најдобри видеата снимени од одредени професори како предаваат, па така во моментот кога се учи нештото го имаме и видеото и полесно се совладува“. (студент на Медицински факултет на УКИМ)

„Мислам дека е добро организирано преку онлајн-платформи за учење, само треба да се најде начин студентите од природните науки да не заостануваат (со оглед на фактот дека немаат лабораториски вежби периодов)“. (студент на Правниот факултет „Јустинијан Први“)