Прибор за една употреба или задолжително дезинфицирање, една маса ќе зазема 9 квадрати.... Како ќе работат рестораните?

Прибор за една употреба или задолжително дезинфицирање, една маса ќе зазема 9 квадрати.... Како ќе работат рестораните?

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева /milena.atanasoska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

На една маса ќе може да има 4 луѓе, но ако не се од исто семејство, ќе треба да се сместат на поголема маса за да има растојание меѓу нив, вели Јовица Митиќ, менаџер на ресторанот „Кај Џино“

Сопствениците и менаџерите на рестораните и кафулињата во земјава очекуваат да почнат со работа од следната недела. Иако сѐ уште нема официјални ставови од Владата во врска со начинот на кој ќе треба да работат за да се заштитат работниците и гостите, сепак, дел од нив велат дека знаат како ќе биде организирана работата.

Информациите ги добиле од внатрешни извори во институциите, некои биле консултирани од работните групи во министерствата, а дел претпоставуваат како ќе се работи од начинот на кој веќе почнаа со работа угостителските објекти во другите земји.

Секако дека ќе се приспособиме на сите препораки, вели менаџерот на „Кај Џино“

Јовица Митиќ, менаџер на ресторанот „Кај Џино“, вели дека сѐ уште немаат официјално соопштение од Владата, но дека имаат сознанија како ќе се работи.

- Секако дека ќе се приспособиме на сите препораки. Но, знаеме дека секој вработен ќе мора да носи маска, за ракавици не сме сигурни. Секоја маса ќе се дезинфицира откако ќе станат гостите, а приборот за јадење и пиење веројатно ќе биде за една употреба, или ќе треба да се дезинфицира по употребата. Една маса ќе треба да зазема простор од 9 квадратни метри, или ако нема можност за тоа, ќе мора да се одвојат со плексиглас или стакло. На една маса ќе може да има 4 луѓе, но ако не се од исто семејство, ќе треба да се сместат на поголема маса за да има растојание меѓу нив - вели Митиќ.

Најверојатно отварањето на угостителските објекти ќе оди во три фази. Во првата е само достава (тоа веќе се реализира за храна), втората е фазата што ни ја опиша Митиќ, а за третата ќе важат истите правила, но ќе се дозволи на маса да седи поголема група на луѓе.

Од ресторанот „Плаза де Торос“, исто така, ни изјавија дека немаат официјални насоки од Владата за начинот на кој ќе работат угостителските објекти. Но, тие се подготвуваат за отворање според нивни лични искуства и препораки од стручни лица за тоа како може да се заштитат и гостите и вработените.



- Чекаме официјално да кажат кога ќе почнеме со работа и кои мерки ќе мора да ги спроведеме. Ние се надеваме дека следната недела ќе се добие зелено светло за отворање на терасите. Ние сами веќе ставаме плексиглас меѓу сепарињата за да нема контакт меѓу гостите. Секако дека ресторанот ќе се дезинфицира, вработените ќе носат маски итн. Неодамна почнавме со нарачки на храна, но без достава, муштериите доаѓаат да си ја земат нарачката сами - велат од „Плаза де Торос“.

Загубите на угостителските објекти се големи

Министерот Венко Филипче изјави дека протоколот за тоа како ќе работат рестораните и кафулињата е спремен и дека до крајот на неделава ќе биде соопштен. Тој изјави и дека до петок ќе се знае кога ќе се отворат угостителските објекти.

- Ставот е рестораните и кафулињата на почеток да работат само надвор, со одржување на дистанцата - изјави Филипче.
Најверојатно овие информации ќе бидат соопштени најдоцна до утре, бидејќи денеска во Влада ќе се расправа по ова прашање.

Фото: Борче Поповски