За 20 години глечерите во Исланд се намалиле за 800 квадратни километри
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Во изминатите 20 години површината на исландските глечери се намалила за околу 800 квадратни километри, површина приближно голема колку полуостровот Рејкјанес. Податоците доаѓаат од извештајот на најистакнатите истражувачи на глечери во Исланд, кој претставува преглед на глечерите на земјата кон крајот на 2019 година.
Во извештајот се гледа дека глечерите во Исланд се повлекувале брзо во период од 26 години, што, како што тврдат авторите, е една од последиците од затоплувањето на климата.
Кон крајот на 19 век
глечерите во Исланд ја достигнале својата максимална површина уште од населувањето на островот. Оттогаш нивната површина се намалила за речиси 2.200 километри квадратни. Во последниве години глечерите се намалуваат со брзина од 40 километри квадратни на годишно ниво, што е еквивалентно на 7.500 фудбалски игралишта.
Глечерната лагуна Јокулсарлон, која е популарна туристичка локација, почнала да се формира во средината на 30-тите години поради повлекувањето на глечерот Ватнајекитл. Глечерот Брејдамеркурјокул се повлекол за 150-400 метри во 2019 година. Во просек, Јокулсарлон и Брејдаурлоун, како и некои помали лагуни во областа, пораснале за 0,5 до 1 квадратен километар годишно во последниве неколку години.
Извештајот се заснова на мерења направени од Институтот за науки за Земјата, Универзитетот во Исланд, исландската канцеларија за метеорологија, Националната енергетска компанија на Исланд, Југоисточниот исландски центар за истражување на природата и Глациолошкото друштво на Исланд.
Целиот извештај можете да го погледнете
ТУКА.
Фото: Pixabay