Пријавете ако ви бараат пари за сертификатите за вакцинација против ковид-19. Бесплатни се!
Подготвил:
Радмила Заревска / radmila.zarevska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Сертификатот дека сте примиле вакцина против ковид-19, на кој има код, може да го земете кај матичен лекар. И тој е бесплатен, тврдат од Министерството за здравство
Сертификатите дека едно лице е вакцинирано против ковид-19 може да ги земете кај матичен лекар. Дали за нив ќе треба да се плаќа дополнително или се бесплатни?
Граѓани реагираат дека некои матични лекари им барале на пациентите по 250 денари за да им издадат сертификат за вакцинација. Зошто треба дополнително да плаќаат ако вакцината што ја примиле е бесплатна?
Инаку, во тој сертификат треба да има податоци за примената вакцина и ревакцина и код кој со отчитување води до интернет-линк на базата на вакцинирани во Македонија.
Пациентка од Скопје, која веќе се вакцинирала со две дози, вели дека матичниот лекар ѝ побарал 250 денари за сертификат.
- Појдов да ги земам сертификатите за вакцинација, за мене и за сопругот. Во ординацијата ми побараа 250 денари за еден. Ми објаснија дека станува збор за медицинска белешка на која има печат и потпис и затоа се плаќа. Тоа не беше најавено и е спротивно на кампањата за вакцинација, а 500 денари не се малку, па се вратив дома - вели скопјанка.
На прашањето за тоа дали треба да се плаќа за сертификат, од Министерството за здравство посочуваат дека сертификатите се бесплатни за сите граѓани.
- Доколку се соочат со таков проблем, случајот задолжително да го пријават во Државниот санитарен и здравствен инспекторат - одговараат од ресорното министерство.
Фото: Борче Поповски