Родители на идни првачиња и матични лекари реагираат: Како може да се закаже на офталмолог ако нема термини, знаат ли што бараат?

Родители на идни првачиња и матични лекари реагираат: Како може да се закаже на офталмолог ако нема термини, знаат ли што бараат?

Подготвил: Антонија Поповска / antonija.popovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

За прегледот кој треба да се закаже преку „Мој термин“, матичните доктори со кои контактиравме велат дека слободни термини едноставно нема, па тие се доведени во ситуација секојдневно да се објаснуваат со родители дека нема начин како да им помогнат. Не помага објаснувањето од МОН да се земе упат за преглед зашто за да се добие упат, треба да има термини

Матичните лекари среде пандемија прават списоци со идни првачиња за кои треба да се закаже на очен преглед. Упат или потврда за направен преглед е услов за родителот да може да го запише детето во училиште. Меѓутоа, тешко се доаѓа до слободен термин за преглед во системот „Мој термин“, а најголем дел од училиштата не признаваат потврда од приватен офталмолог. Дополнително, приватните прегледи се наплатуваат.

За прегледот кој треба да се закаже преку „Мој термин“, матичните доктори со кои контактиравме велат дека слободни термини едноставно нема, па тие се доведени во ситуација секојдневно да се објаснуваат со родители дека нема начин како да им помогнат. Некои од докторите ни дозволија и увид во системот, каде што се гледа дека во ниту една здравствена институција што има договор со Фондот за здравствено осигурување нема слободен термин.
За овие реакции на родителите и на матичните лекари побаравме одговори во Министерството за образование и наука, од каде што објаснуваат дека ако при уписот на дете родителот нема потврда за извршен офталмолошки преглед, потребно е да приложи упат за офталмолошки преглед, при што училиштето треба условно да ги прими документите и да му појасни на родителот дека веднаш по извршениот офталмолошки преглед, треба да ја достави потврдата, но тоа да не биде подоцна од почетокот на учебната година.
Проблемот е во тоа што за да се добие упат, треба да има термини за преглед.

- Моето дете треба да учи во училиште во Кисела Вода во Скопје. Се јавивме и љубезно ни објаснија дека треба да имаме потврда за преглед или упат за преглед во установа што работи со Фондот за здравство. Не им е битно кога е терминот. Но, кога се јавивме на матичен лекар, ни кажаа дека воопшто нема термини за закажување и нè запишаа на список за кога ќе се појават, да ни закажат. Јас носам очила и знам дека за закажување мора да се ловат термини и дека тоа не оди лесно. Не можам да разберам како може да не знаат дека и за упат да земеш не е лесно и се воведуваат новини, а не сме навреме информирани за нив. Просто се прашувам дали во Министерството знаат дека не може да се добие упат ако нема термини, дали го знаат здравствениот систем - реагира мајка чие дете ќе биде прваче од септември годинава.

Друга мајка вели дека се јавила во училиштето каде што нејзиниот син треба да биде прваче, откако повеќе родители во градинката ѝ кажале дека секое училиште има различен пристап кон потврдата од офталмолог, односно некои признаваат потврда од приватен лекар, а некои не.

- На прашањето дали може да донесам потврда од приватен лекар (бидејќи матичната ми кажа дека нема термини кај државните), ми одговорија дека може да донесам прво потврда од приватен, но подоцна задолжително да закажам и на државен и оттаму да донесам потврда. Прашав дали е нормално во пандемија да го носам двапати детето на преглед, и ми одговорија дека тука не можеле ништо да направат, дека така им било кажано. Не ми е јасно дали нема да ми го примат детето ако не донесам потврда и од државен офталмолог со оглед на тоа дека основното образование е задолжително. И зошто не почекаат да однесеме потврди до септември, кога поголемиот број од луѓето ќе бидат вакцинирани, а и нема да се тепаме сите за термини во еден месец и да се расправаме со матичните на кого преку ред му закажале термин - реагира мајката.



Слободен термин има во Радовиш, но не и во Скопје


Д-р Весна Стојанова-Атанасовска, специјалист по семејна медицина, вели дека секојдневно во ординацијата ѝ доаѓаат родители чии деца треба да се запишат во прво одделение барајќи решение на проблемот. Она што е поставено како услов од Министерството за образование и наука е дека специјалистите мора да бидат детски офталмолози, а во здравствените домови работат офталмолози што не работат со деца.

- Покрај десетиците корона-пациенти, покрај лекувањето алергии, настинки и сè друго, секојдневно се објаснуваме со родителите на „Вибер“, на телефон или во живо дека едноставно нема термини за на офталмолог. А имам околу 300 дечиња што треба сега да бидат првачиња. Ги разбирам родителите, но во секој случај треба да пуштат термини од системот „Мој термин“ за да може да се реши ситуацијава, бидејќи сето ова мора да оди преку тој систем. Потврдите од приватните очни доктори нема да ги признаваат, а на „Мој термин“ нема апсолутно ниеден слободен термин. Односно има во Радовиш, во Битола, но во Скопје - нема. Од друга страна, во „Букурешт“ има очни лекари, но тие не прегледуваат деца, офталмолозите што се во поликлиниките не работат со деца - вели д-р Стојанова-Атанасовска.

Нејзината колешка, која има ординација во поликлиника Чаир, д-р Александра Давитков, зборува за истиот проблем.
-Сега почнуваме да отвораме список зашто излезе дека најверојатно нема да им ги признаат потврдите добиени од приватен офталмолог, па здравје, кога ќе закажуваме, тогаш родителите ќе имаат термин. Засега сè што дознаваме, го дознаваме од родителите. Мислам дека ова треба да го решат надлежните бидејќи друг излез нема. Термини нема никаде - вели д-р Давитков.



МОН: Ако нема потврда, нека однесат упат во училиштето


Офталмолошки преглед се закажува кај специјалист со упат од матичен лекар, при што прегледот е бесплатен. Доколку, пак, прегледот се врши кај приватен офталмолог кој има одобрение за вршење таква дејност, трошоците се на товар на родителите/старателите, потсетуваат надлежните во Министерството за образование и наука, од каде што ги поставуваат условите за упис на ученици во основното образование.

- Ние веќе испративме известување до сите училишта согласно кое, ако при уписот на дете, родителот нема потврда за извршен офталмолошки преглед, потребно е да приложи упат за офталмолошки преглед, при што училиштето треба условно да ги прими документите и да му појасни на родителот дека веднаш по извршен офталмолошки преглед треба да ја достави потврдата, но тоа да не биде подоцна од почетокот на учебната година - велат оттаму.
Ова се однесува и за потврда од стоматолошки преглед. Доколку родителот/старателот не достави при уписот, тоа треба да го направи најдоцна до пред почеток на учебната година.

Побаравме одговори и во Министерството за здравство во однос на тоа дали нешто ќе се промени за да им се олесни на родителите, но и по три дена не добивме одговор.