Зголемен е бројот на различни видови комарци, Центарот за јавно здравје - Скопје ја следи нивната бројност

Зголемен е бројот на различни видови комарци, Центарот за јавно здравје - Скопје ја следи нивната бројност

Подготвил: Елица Бочваровска

Лектор: Ивана Кузманоска

Во Македонија го има тигрестиот комарец. Тој не потекнува од нашите простори, туку од тропските и суптропски предели од Југоисточна Азија и од африканските земји. Истражувањата покажале дека се раширил на 80 % од територијата на градот, вели Николина Соколовска, медицински ентомолог

Истражувањето на Центарот за јавно здравје – Скопје, кое се спроведува изминатите години за видовите комарци во градот, покажало дека во Македонија се зголемува бројот на различни видови комарци.

Николина Соколовска, медицински ентомолог и шеф на Службата за дератизација, дезинсекција и дезинфекција во Центарот за јавно здравје - Скопје, вели дека со мониторинг на комарците утврдиле дека бројот на видови од овие инсекти во Македонија се зголемил од 52 на 54. Таа објаснува дека истражувањето за тоа кои видови комарци ги има во Скопје, кој вид е доминантен и како тие се размножуваат и шират, го спровеле со помош на меѓународни проекти.

Според неа, загриженоста за појава на вектор-преносливи болести, чии причинители (вируси, бактерии, паразити) ги пренесуваат комарците, се зголемила со појавата на тигрестиот комарец. Тој ги пренесува вирусите што предизвикуваат зика треска, денга, чикунгунија, јапонски енцефалитис итн. За овој комарец се прават истражувања на територијата на целата земја.



- Во 2016 година е докажано присуство на тигрестиот комарец во Македонија. Тој е инвазивен вид бидејќи не потекнува од нашите простори, туку од тропските и суптропски предели од Југоисточна Азија и од африканските земји. Од истражувањата што ги направивме за Скопје се покажа дека од неговата појава во 2017 до 2020 година се раширил на 80% од територијата на градот. Неговото присуство не треба да биде причина за паника, но треба постојано да го следиме неговото појавување на нови територии. Кога се појави, се крена паника бидејќи тој е активен 24 часа. Тие се мали црно-бели единки и се разликуваат од другите видови комарци кои се појавуваат на изгрејсонце или на зајдисонце. Неговите каснувања се многу болни - вели Соколовска.

Таа смета дека динамиката со која Град Скопје врши прскање против комарци, петпати во годината од земја и петпати авионска дезинсекција, е сосема доволна за намалување на нивната популација. Според неа, она што ги вознемирува граѓаните е менувањето на видовите комарци и менувањето на доминантноста на одредени видови.



Различни општини имаат различна бројност на комарци

- Не може да се бориме против комарците, а да не знаеме против што се бориме. Мора да знаеме кои видови ни се присутни и кој е доминантен. Иако навидум сите комарци се исти, сепак, тие се различни и имаат различен однос кон животната средина. Некои се повеќе во домашни услови, некои повеќе во надворешната средина, некои повеќе земаат крвен оброк од луѓето, некои повеќе од животните и птиците. Мора да има база на податоци за тоа кои видови комарци ги имаме и кој е доминантен. На пример, со истражувањето што го направивме во Скопско откривме дека имаме седум вида комарци и иако има комарец од видот кулекс во Драчево и во Сарај, популацијата во Драчево е многу повисока отколку во Сарај - вели Соколовска.

Овие податоци, доколку ги имаат за цела територија на Македонија, ќе им помогнат поуспешно да се справуваат со нив.

- Бројноста на комарците во Општина Центар и бројноста на комарците во Драчево, Илинден, Петровец е многу различна, во овие приградски населени места има многу комарци. Граѓаните од Аеродром, Ново Лисиче и Влае се жалат на комарци, а ги има многу бидејќи во овој дел на градот има многу фонтани, тука е Вардар, има канали за наводнување со кои Аеродром е поврзан со Лисиче и обично во приградските населби има повеќе зеленило, се одгледуваат домашни животни и затоа таму има и повеќе комарци - вели Соколовска.

Комарецот што ја пренесува западнонилската треска се појавува прв

Истражувањето за видовите комарци се прави само во Скопје, а истражувањето за тигрестиот комарец низ цела држава.

- Мониторингот е макотрпна работа. Потребен е стручен тим. Се оди на терен, и познавајќи ја биологијата на видовите комарци, внимателно се прави избор на местото каде што ќе се постават ловилките. Поставувањето е во периодот април-мај зависно од температурата на надворешната средина. Во нив има мрежи кои се менуваат на две недели. Први излегуваат оние што презимиле како возрасни, односно куќниот комарец (род Culex). Toj го пренесува вирусот на западнонилска треска. Комарците од родот Anopheles го пренесуваат паразитот плазмодиум, кој ја предизвикува маларијата, болеста туларемија, чиј причинител е бактерија која се пренесува со комарците од родот Culex и Culiseta - вели Соколовска.


Николина Соколовска

Во контролата на комарците потребна е меѓусекторска соработка меѓу Министерството за здравство, центрите за јавно здравје, Агенцијата за храна и ветеринарство, Институтот за ветеринарна медицина, Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, бидејќи и животните и птиците се резервоари на вируси кои ги пренесуваат комарците.

- Мора да има меѓусекторска соработка, сите треба да ги внесуваат своите истражувања во една дата-база и да се разменуваат резултатите. Комарците не само што се опасни за здравјето на луѓето, туку се опасни и за животните.
Животните и птиците се потенцијални резервоари на патогени. Птиците и живината се потенцијални резервоари на вирусот на западнонилска треска, што не значи дека се заболени. На пример, во соседна Србија, Војводина се смета за критично жариште, каде што многу циркулира вирусот и имаат голем број заболени годишно од западнонилска треска. Грција, исто така, има проблем. Мора да ја следиме состојбата и во соседните земји. Јужниот дел од Македонија има слични климатските карактеристики како Грција. Познати вирусолози предвидуваат дека за десетина години следна пандемија би била предизвикана токму од комарците - вели Соколовска.

Таа, како единствен медицински ентомолог, објаснува дека во Македонија нема доволно кадар за да ја следи состојбата со комарците. Потребно е да се едуцираат нови кадри, да се следи состојбата со комарците и да имаме база на податоци, а и да се креира систем за рано предупредување во цела земја, вели Соколовска.

- Скопје интензивно се урбанизира, никнуваат згради и густината на населението е зголемена, а тоа придонесува за побрз развој на комарците. Ним им треба вода, топлина и крвен оброк. Колку е поголема густината на населението, толку повеќе комарци ќе има и побрзо ќе се размножуваат. Затоа е потребно да се зголеми територијата на која се врши дезинсекција - вели Соколовска.

Во случај на каснување од комарец, граѓаните не треба да се плашат дека ќе заболат од некоја болест. Соколовска вели дека кај некои може да помине со црвенило, кај други со поголем оток, а кај трети со појава на алергиска реакција. Таа вели дека во борбата со комарците не им е целта да ја уништат популацијата, туку да ја намалат, бидејќи покрај тоа што тие пренесуваат разни патогени вируси, бактерии, паразити, имаат и позитивно влијание врз животната средина.

- Има научни докази дека комарците постојат 226 милиони години. Тие никогаш не биле уништени, па нема ни сега. Но тие имаат и позитивно влијание, тие се поленизатори на растенијата. Мажјаците не цицаат крв, тие се хранат со растителен сок. Комарците се дел од синџирот на исхрана на некои птици, на жабите. Ларвите од комарците што ги положуваат во водата се храна за рибите - вели Соколовска.



Покрај акцискиот план за третман на комарците кој го изготвува Министерството за здравство, според Соколовска, тоа треба да го направи и Национална програма и да работи на едукација на населението.

- Луѓето треба да ги одржуваат дворовите, да нема непотребни садови во кои би се задржувала дождовницата, треба да ги чистат олуците, оние што имаат базени, треба да ги третираат со средства. Да ја косат тревата во дворовите, да постават мрежи на прозорците, а при престој во природа, да носат облека со долги ракави и ногавици во светла боја. Општините имаат обврска да ги одржуваат каналите, редовно да ги косат тревниците и да го собираат ѓубрето. Задача на општините е да организираат редовна дезинсекција. На територија на градот треба да се зголеми површината што се прска, а и во приградските населби, кои се посебни општини, како Илинден, Петровец, Зелениково, Сопиште, Чучер Сандево и Арачиново, треба да се прави дезинсекција. Во некои општини тоа воопшто не се прави - вели Соколовска.

Апликација за следење на комарците

Таа објаснува дека доколку се забележи поголема бројност на комарците, Градот соработува и ја менува маршрутата на прскање, а треба да се прави и построга контрола на тоа дали сите институции постапуваат согласно акцискиот план на Министерството за здравство. Во борбата против комарците Центарот за јавно здравје - Скопје сака да ги вклучи и граѓаните, кои може да го направат тоа преку мобилната апликација MosquitoAlert, која е преведена на македонски јазик

- Апликацијата може да се симне на секој паметен телефон и секој граѓанин може да придонесе во борбата против комарците. Ако се појави комарец во неговата околина или ако го касне, да слика и сликата и локацијата да ги испрати. Тоа е едноставно, се прави во пет чекори. Тоа ќе ни помогне да знаеме каде и како се шират. Оваа апликација е дел од меѓународен проект во кој учествуваат 23 земји. Оние слики што се за Македонија доаѓаат кај нас на одобрување, а потоа се праќаат на верификација во меѓународната база. Македонија се вклучи во овој проект пред две години и засега од кај нас има најмалку фотографии. Најмногу праќаат од Шпанија, Швајцарија, Германија и Австрија. Со праќање на фотографиите граѓаните помагаат да се следи како се шири видот на комарецот. Ако се појави некоја болест, ние ќе имаме база на податоци за тоа кој вид комарец е и ќе направиме стратегија како да се бориме со преносителот, односно со векторот - вели Соколовска.



Македонија првпат ќе биде дел од меѓународен проект, финансиран од Европската Унија, со кој ќе се посвети поголемо внимание на едукација на граѓаните како да помогнат во справувањето со комарците.

- Во овој проект ќе учествуваат четири земји и ќе трае една година, а прво ќе почнеме со Скопје. Преку различни форми ќе има поголема едукација на граѓаните, едукација ќе има и на изведувачите на контролата на комарците, бидејќи од преголема употреба на хемиски препарати комарците може да станат резистентни на нив. Тоа сѐ уште не се следи кај нас - вели Соколовска.

Фото: приватна архива